Фармацевти
Контакт

<< Назад

Алфалипоична киселина во бременост

ноември 1, 2024

Бременоста е одреден период во животот на жената кога во матката се развива ембрион, а потоа фетус.

Крајот на бременоста води до раѓање на вијабилен плод, кој може самостојно да диши и живее во надвoрешната средина адаптирајќи се на надворешните услови, првенствено мислиме на воспоставување правилно и ритмичко дишење.

За тоа е многу значајна должината, т.е. времетраењето на бременоста. Таа трае 10 лунарни месеци (еден лунарен месец има 28 дена) или 280 дена или 40 гестациски недели. За одржување уредна бременост многу е важна состојбата и должината на грлото на матката.

Во денешни услови сè повеќе се застапени оперативни зафати на грлото на матката кај пациентки кои сè уште не започнале со репородукција.

Од друга страна, чести се и вагиналните инфекции.

Сето тоа води до скратување на грлото на матката – фактор кој е многу значаен за одржување на бременоста. Во тек на редовните прегледи на трудницата пожелно е и мерење на грлото на матката како знак кој може да ни наговести ризична бременост, како и предзнак кога може да се очекува претерминско породување, т.е. пред наполнета 36-та недела.

Во тек на ултразвучниот скрининг, тоа е прегледот за морфологија на сите органи на плодот, кој се извршува од 20. до 22. Гн, потребно е да се измери и должината на грлото на матката и тоа најдобро со вагинална сонда.

Потребно е да се добие вредност над 25 мм за да не спадне пациентката во групата на високоризични трудници кај кои е потребна терапија и мирување, бидејќи претерминското проодување е поврзано со продолжена хоспитализација на новороденчето, носи серија ризици по основ на морбидитет и проблеми со дишењето и адаптација на новороденчето.

За среќа, на пазарот ни се достапни препарати кои влијаат на одржување на должината на грлото на матката, делувајќи антиинфламаторно и антиоксидативно, бидејќи докажано е дека инфекцијата е главен причинител за размекнување на грлото и негово скратување. Така што, без разлика дали е присутна инфекција или постои скратување на грлото на матката поради претходен оперативен зафат, овие препарати влијаат на одржување на неговата должината.

Таков препарат е алфалипоичната киселина, која нашиот организам многу малку ја синтетизира, а може да се внесе преку исхраната.
Дејствува со елиминирање на слободните радикали, како штетни продукти на метаболизмот.
Aлфалипоичната киселина е единствена бидејќи може да функционира и во водена и во масна средина со што се овозможува нејзина лесна апсорпција и транспорт низ клеточната мембрана.

Оваа нејзина единствена карактеристика ја прави главен заштитник од штетното влијание на слободните радикали и внатре и надвор од клетката за разлика од другите антиоксиданси кои нудат заштита само надвор од клетката.

Оваа киселина е активна и во метаболизмот и на витамините Ц и Е и така ја продолжува нивата активност во клетката.
Aлфалипиочната киселина е всушност масна киселина и се наоѓа во секоја клетка во телото.

Има функција во метаболизмот на јагленохидратите, мастите и протеините внесени со храната од кои се ослободува енергија која организмот после може да ја употребува во секојдневните активности.

Постојат мноштво објавени студии за ефектот на алфалипоичната киселина во продолжување на бременоста. Ќе издвојам две значајни студии со кои е докажан позитивниот ефект од користењето на алфалипоичната киселина кај ризични трудници.

Првата студија е изведена од страна на италијанските лекари Џ. Гранди и Л. Пињати, кои следеле ефект на користењето на алфалипоична киселина кај пациентки со скратно грло на матката од 24 до 30 гн за временски период од еден месец, наспроти пациентки кои примале плацебо лек.

Испитувана била појавата на инфламаторните цитокини во вагинален брис, како и мерена била должината на грлото на матката, пред и по третманот. Докажано е дека има сигнификантно зголемување на антиинфламаторните интерлеукини што води до одржување на должината на грлото на матката.

Студијата на Д. Менчини, и М.Г. Имброњо исто покажува дека орална суплементација на алфалипоичната киселина, заедно со магнезиум, витамин Б 6 и витамин Д, ја стабилизира должината на грлото на матката што го намалува ризикот од предвремено породување.

 

Пишува: М-р Д-р Симонида Котларова-Попоска специјалист гинеколог акушер, Ре Медика, Скопје

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>