Летото носи многу убавини – сонце, море, лесна облека и повеќе време на отворено. Но, заедно со уживањето, летните месеци носат и одредени ризици кога станува збор за интимното здравје на жената. Високите температури, зголеменото потење и влажната средина создаваат идеални услови за развој на вагинални инфекции. Овој тип на инфекции не се невообичаени, но ако се препознаат навреме и се превенираат соодветно, можат лесно да се избегнат.
Најчести се габичните инфекции, особено предизвикани од Candida albicans, и бактериските вагинози. Овие состојби најчесто се манифестираат со непријатен вагинален исцедок, чувство на чешање, печење, оток или непријатен мирис. Иако не се сериозни доколку се третираат навремено, тие можат значително да влијаат на удобноста и квалитетот на летниот одмор.
Зошто летото е ризично за интимното здравје?
Во летниот период, комбинацијата на влага, топлина и ограничена циркулација на воздух создава услови погодни за раст на микроорганизми. Долготрајното носење влажни костими за капење по капење во море или базен го задржува телото во влажна состојба, што ја поттикнува појавата на инфекции. Синтетичката долна облека и тесната облека не ѝ дозволуваат на кожата да дише и го влошуваат проблемот со прекумерна влага.Капењето во базени и море, иако освежувачко, исто така го нарушува природниот pH баланс на вагината. Хлорот во базените, како и бактериите во морската вода, можат да ја иритираат чувствителната слузокожа. Дополнително, употребата на агресивни сапуни, чести миења со влажни марамчиња или спрејови за интимна хигиена со парфеми, ја нарушуваат природната микрофлора и создаваат нерамнотежа.
Како да се заштитиме?
Превенцијата е секогаш подобра од лекувањето. Затоа, неколку едноставни, но ефективни навики можат значително да го намалат ризикот од инфекција:
Носете памучна долна облека, бидејќи природните материјали овозможуваат кожата да дише и ја апсорбираат влагата. Избегнувајте тесна облека, особено кога температурите се високи.
По капење, менувајте го костимот за капење што е можно побрзо. Не дозволувајте телото да остане во мокра облека подолго време.
Интимната хигиена треба да биде нежна и балансирана – користете производи со неутрално pH и без парфеми. Претераното миење или користење агресивни сапуни го прави спротивното од заштита – ја отстранува природната заштитна бариера.
Пожелно е да пиете доволно вода, да одржувате општа хигиена, и при првите симптоми како чешање, непријатен исцедок или печење, да се консултирате со фармацевт или гинеколог.
Дали пробиотиците
помагаат?
Сѐ повеќе жени денес користат пробиотици за интимно здравје, било орално или локално. Тие помагаат во одржување на нормалната вагинална микрофлора и се особено корисни во периоди на хормонални промени, патувања или после третман со антибиотици. Во аптеките постојат пробиотици специјално формулирани за женското интимно здравје кои можат да се користат и превентивно, особено во лето.
И на крај – слушајте го своето тело
Најважно е секогаш да се слуша сопственото тело и да не се игнорираат првите симптоми. Вагиналните инфекции не се табу и не треба да се срамите да побарате совет. Како фармацевт, секогаш сум тука да ви помогнам со препорака на соодветна терапија, совети за превенција и грижа за интимната хигиена. Летото е за уживање – не дозволувајте една непријатност да ви го расипе одморот.
Пишува
Д-р Тања Величковска