Фармацевти
Контакт

<< Назад

КОЛОРЕКТАЛЕН КАРЦИНОМ

октомври 1, 2024

Колоректалните карциноми (КРК) претставууваат едни од најголемите предизвици во медицинската професија, бидејќи речиси секогаш настануваат од премалигни лезии (аденоматозни полипи) и нивното отстранување всушност претставува профилакса.

КРК е распространет низ целиот свет, но највисока инциденца се забележува во САД, Канада, Австралија и Западна Европа, а помала е во земјите на Азија, Африка и Јужна Америка, што всушност јасно укажува на влијанието на географската позиција, начинот на живот и исхраната во комбинација со генетските предиспозиции.

И покрај тоа што точната причина за колоректален карцином сè уште не е позната, одредени фактори на ризик заслужуваат посебно внимание.
Од прехранбени фактори кои се тесно поврзани со зголемена појава на КРК се:

- намален внес на нересорптивни влакна од зеленчук и зголемен внес на рафинирани јаглехидрати и масти во исхраната, што води до намален волумен на фецесот со задршка и отежнето празнење, нарушен состав на интестиналната микрофлора што ќе ја зголеми синтезата на потенцијално токсични канцерогени материи кои ќе останат во подолготраен контакт со цревната мукоза поради забавената пасажа.
- консумирањето многу црвено или преработено месо
- прекумерната тежина
- Недостиг на витамини Ц, А и Е, кои дејствуваат како антиоксиданси
- пушење
- обилен внес на алкохол
- физичка неактивност

Исто така, меѓу фактори на ризик се вбројуваат и наследни генетски синдроми, семејна историја на карциноми на дебело црево, јајчници, дојка и матка кај жените, претходно откриени интестинални полипи и инфламаторна болест на цревата (улцеративен колитис или Кронова болест).
Пикот на инциденцата е од 60 до 70 год, но во поново време кај околу 20% се јавува и во помладата полулација < 50 год. Незначително почесто погодени се мажите во однос на жените. Што се однесува до дистрибуција- та на карциномите, по целата должина на колонот е речиси еднаква (околу 25% се локализирани во десен колон-цекум и колон асценденс, додека околу 30% се локализирани во лев колон- ректосигма и десцендентен колон и поретко во другите локализации). Согласно локализацијата обично имаат и различен макроскопски изглед и клиничка слика.

Карциномите во десниот колон имаат тенденција да растат како егзофитични, полиповидни маси во луменот со ретки опструкции поради поширокиот лумен, и се карактеризирааат клинички со замор, слабост и упорни железо дефициентни анемии, додека карциномите на левиот колон растат како инфилтративно-прстенести тумори кои ја зафаќаат целата циркумференца и притоа вршат стеноза и опструкција на луменот кои клинички се карактеризираат со окултни крварења (ректално крварење или крв во столица), абдоминален дискомфорт (надуеност или болка), промени во навики за празнење (запек или дијареа), промени во конзистентност или мирис на фецесот, како и загуба на апетит со неволно и необјаснето губење тежина.

Сите овие симптоми не мора да укажуваат на карцином, но сепак треба да се сфатат сериозно сѐ додека не се докаже спротивното. Затоа препознавањето на факторите на ризик, симптомите и опциите за дијагностика се од клучно значење за успешно лекување.
КРК се јавуваат подмолно и може да се недектибилни подолг временски период, поради што за рано откривање и дијагностика има голем број дијагностички методи, како: дигитално ректално туше, тест за прикриено крварење во измет, серумски туморски маркери, иригографија, ректоскопија и колоноскопија со неизоставна биопсија за дефинитивна дијагноза.
Исто така докажување на мутиран APC ген во изолирани епителни клетки од фецесот може да се користи како ран дијагностички тест, a KТ и радиографија се користат за метастазите.
Стадиумот на болеста одреден преку pTNM класификацијата е најзначаен прогностички параметар за КРК, поради што предизвикот за лекарите е раното откривање на КРК уште во фаза на аденоматозен полип, со што самото отстранување значи и излекување.

Пишува: Д-р Анета Илиевска

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>