Фармацевти
Контакт

<< Назад

Атописки дерматитис

декември 1, 2020

|

Д-р Елпинка Марин
Спец. Дерматолог
ОПШТА БОЛНИЦА ОХРИД



Атопијата е склоност на организмот, кај поединци или цели фамилии, кон зголемено создавање имуноглобулини од класа Е, а со тоа и зголемена алергиска реактивност на организмот при изложување на секојдневни алергени. Може да се манифестира како: бронхијална астма, алергиски ринитис и фарингитис или атописки дерматитис – кој некогаш се нарекувал и астма на кожа. Механизмот на појавување е ист само таргет органот каде се манифестира алергиската реакција е различен, па од таму доаѓа и различна симптоматологија на болеста. Досегашните испитувања покажале дека ова, всушност, е вродено, генетски детерминирано заболување, и често пати повеќе членови од исто семејство се заболени од истата болест и со исти симптоми.

Атопискиот дерматитис е акутно, субакутно и хронично заболување, кое се карактеризира со сувост на кожата и силно чешање. Ова заболување зафаќа голем процент од светската популација и е посебен тип на алергиска пречувствителност на поголем број различни алергени кои се наоѓаат во природата: нутритивни, инхалативни и други. Името му доаѓа од грчкиот збор Atopic – што значи на погрешно место и Dermatitis – што значи воспаление на кожата.

Дијагнозата се поставува врз основа на клиничката слика, а често пати лабораториските анализи покажуваат зголемени вредности на имуноглобулин Е (ИГЕ) во крвта. Кај повеќе пациенти и фамилијарната анамнеза е позитивна за алергиски заболувања.

Најчесто се јавува во доенечка возраст со црвенило, сувост и првут на кожата на обравчињата, вратот и делови на телото и екстремитетите кои се свиваат. Со тек на време симптомите се локализираат на делови на рацете и нозете кои се свиваат, очните капаци, вратот и грбот. Ова заболување може да се замени со: себороичен дерматитис (особено во доенечка возраст), површна габична инфекција на кожата или со дерматитис како резултат на пореметена цревна ресорбција. Поради намалената отпорност на кожата кај овие пациенти, во активниот стадиум на болеста може да дојде и до суперинфекција со: габични; бактериски или вирусни патогени микроорганизми. Особено сериозна компликација е колонизирањето со staphylococcus aureus и со herpes simplex вирусот на атопична кожа - eccemherpetikatum кое бара подолготрајно лекување.

Лекување

Во лекувањето се употребуваат влажни облоги за омекнување на сувата кожа, кортикостероидни масти и креми со пократко време на користење, локални имуносупресивни креми. Во случај на интензивирање на болеста, се применуваат орални антихистаминици и кортикостероиди. Исто така, некогаш се применува и фототерапија со УВБ-А и УВБ-Б зрачење. При појава на суперинфекција со одредени микроорганизми задолжително се користат антимикотици; локални и орални антибиотици, како и антивирусни лекови.

Одржување и нега на атопична кожа

Пациентите со атописки дерматитис имаат многу чувствителна кожа, која бара посебна нега и одржување. Лекувањето е неопходно кога има состојба на влошување на болеста, но во периоди кога кожата е мирна и без патолошки симптоми е потребно да има соодветна хигиена и нега за да се избегнат периоди на рецидиви. Ваквата кожа треба да се чува од ветар и студ, бидејќи овие фактори дополнително ја сушат и ја иритираат. Хигиената е задолжителна со тоа што времетраењето на бањањето треба да биде пократко и не треба да се употребува многу жешка вода – што предизвикува дополнително сушење и пукање на кожата. Треба да се употребуваат масни гелови и купки, таканаречени синдет, кои ја чистат кожата, но не ја сушат. Со миењето се отстранува нечистотијата и алергените кои дошле во контакт со кожата. Понатаму кожата се тапка со мека памучна крпа и уште додека е влажна се мачка со емолиентни креми или хидратантни млека за тело. Ваквата нега не се користи само тогаш кога има влошување на состојбата и каде е потребна примена на лекови. Ваквите пациенти, исто така, треба внимателно да избираат и својата професија, бидејќи треба да одбегнуваат професии во нечисти услови; употреба на хемиски средства – хемикалии; индустриски масла; мануелни градежни професии или професии кај кои повеќе време има контакт со течности. Доколку се случи тоа многу пати е потребна преквалификација на друго работно место или професија.

За детално читање на овој текст, погледнете на 16 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>