Фармацевти
Контакт

<< Назад

Вагинална хигиена

декември 1, 2021

Мартина Димеска
магистер по фармација
ПЗУ Аптека Мента, Прилеп

|



Урамнотежената вагинална флора помага да се спречат бактериски и габични инфекции и е од клучно значење за доброто вагинално здравје. Бројот на жени на кои им се дијагностицирани некаков вид урогенитални инфекции, за жал, постојано се зголемува. Најчести вагинални инфекции со кои се среќаваме се: трихомонас вагиналис или трихомонијаза, активирана кандидијаза, хламидија, како и бактериски вагинози од различно бактериско потекло, за кои се претпоставува дека се присутни кај повеќе од 50 % од женската популација.

Вагиналната флора најмногу е составена од т.н. додерлајнови бацили (кои се многу слични на микроорганизмите во пробиотичките формули), кои имаат заштитна функција и ѝ овозможуваат на вагината самата да се одбрани од микроорганизми кои се патогени и кои може да навлезат во телото и да предизвикаат инфекција. Во вагиналната флора најчесто се наоѓаат и кандидата и во многу мали количества гарднерелата, кои доколку се активираат може да предизвикаат дразби на вагиналната слузница и многу непријатни симптоми.

Вагиналната флора треба да се одржува со нормална хигиена, не премногу често, да не се мие со сапун, туку постојат интимни гелови што може да се аплицираат одвреме-навреме и вагинално да се промиваат, меѓутоа треба да бидат со pH што нема да ја наруши природната pH на вагината. Треба да се користат производи што имаат pH слична со онаа на вагиналната флора, односно да не се користат гелови со pH над 4,5. Препаратите со pH над таа вредност можат да ја нарушат вагиналната флора.

Најчести симптоми на кои треба да внимава секоја жена се: чувството на чешање, печење, жарење, воспалување, променета боја и мирис, како и густина на секретот и каква било друга иритација што може да биде поврзана со урогениталниот тракт. При појавувањето на овие симптоми, а особено доколку траат повеќе од ден или два и продолжуваат и прогресираат, потребно е да се посети гинеколог и да се направи преглед.

За одржување на хигиената и здравата микрофлора може да се користат и препарати кои   најчесто се достапни во аптеките, интимни гелови кои при здрава флора е доволно да се користат еднаш неделно. Меѓутоа, доколку е малку нарушена вагиналната флора, што, исто така, може да доведе до одредени симптоми на пецкање, чешање или непријатно чувство, може да се користат и препарати со пребиотици што немаат никакви негативни дејства, можат да ја вратат вагиналната флора во нормална состојба и да дојде до исчезнување на истите симптоми. Но, секако, при појава на овие симптоми најдобро е да се изврши и гинеколошки преглед. Вагината е дизајнирана да се одржува чиста со помош на природни секрети (исцедок). Откријте како да ѝ помогнете на вашата вагина да биде чиста и здрава.

12 основни правила за интимна хигиена кај жените

Одржувањето на хигиената во интимната зона е екстремно важно за жените, и тоа не само за да се чувствуваат почисто и посвежо, туку и за да ги избегнат непријатните и понекогаш опасни здравствени проблеми што може да се појават. Еве ги основните правила за одржување на беспрекорна хигиена „таму долу“:

  1. Обичните сапуни и гелови за туширање не се соодветни за миење на вагината.Најголем дел од сапуните и геловите се наменети за одржување на природната pH вредност на кожата, која  изнесува 5,5. Но, нормалната pH вредност на здрава вагина се движи од 3,8 до 4,5. Користењето  обични сапуни може да ја наруши природната вагинална флора, а со тоа се овозможува непречено развивање и размножување на штетните бактерии. Како последица може да се појави иритација, чешање, болка, непријатна миризба, абнормален исцедок или инфекција. Затоа бидете внимателни при купувањето  производи за интимна хигиена. Голем дел од гинеколозите советуваат користење само на топла вода, но ако решите дека тоа не е доволно, користете само производи наменети за нега на интимната зона.

  2. Мијте ја само надворешноста на вагината.Вагината има способност сама да се прочистува, па затоа не е неопходно да ја промивате внатрешноста, дури и може да се каже дека е штетно. Тоа значи дека треба да ги миете вулвата, усните и областа околу клиторисот.

  3. Мијте ги интимните делови еднаш дневно.Барем еднаш дневно мијте ги интимните делови со топла вода. Се препорачува да се миете по секое празнење на цревата за да го спречите пренесувањето на бактерии до вагината. Кога имате менструација мијте се двапати дневно само со топла вода.

  4. Не користете сунѓерчиња или ракавици.Сунѓерите и ракавиците може да ѝ нанесат мали повреди на нежната, деликатна кожа на вагината. За време на миењето е доволно  да ја искористите вашата рака.

  5. Не го насочувајте млазот вода директно кон вагината.Водата нека тече одгоре-надолу за да го спречите влегувањето на бактерии во внатрешноста.

  6. Секогаш користете мека сува крпа. Крпата со која се бришете по миењето треба да биде мека и целосно сува. Менувајте ја на секои 2-3 дена и користете ја само и единствено вие.

  7. Бришете се однапред-наназад.По посета на тоалет, бришете се со тоалетната хартија однапред-наназад, т.е. од вагината кон анусот.

  8. Носете памучна долна облека. Памучната облека ѝ овозможува на кожата да дише. За разлика од памукот, синтетичките материјали го спречуваат циркулирањето на воздухот, ја зголемуваат влажноста во интимната зона и на тој начин создаваат идеална средина за развој на бактерии. Секојдневно носете памучна долна облека, а гаќичките со тантела зачувајте ги само за специјални вечери. Исто така, избегнувајте го носењето на тесни фармерки и панталони.

  9. Мијте ги интимните делови пред и по сексуален однос. Покрај тоа, многу е важно и вашиот партнер да одржува добра интимна хигиена.

  10. Сексот за време на менструација носи зголемен ризик за појава на инфекции. Затоа, избегнувајте го.Ако сте склони кон појава на инфекции, апстинирајте додека не ви заврши менструалното крвавење.

  11. За време на менструација менувајте ги хигиенските влошки на секои 2-4 часа.Не си дозволувајте да останете со иста влошка повеќе од 4 часа. Во таков случај не само што нема да се чувствувате свежо, туку и им давате простор на штетните бактерии да се размножуваат.

  12. Користете тампони поретко и менувајте ги на секои 2-3 часа.НИКОГАШ не треба да спиете со тампон. Тампоните треба да се менуваат редовно затоа што може да предизвикаат инфекции или синдром на токсичен шок, кој се смета за потенцијално фатална болест. Не користете тампони ако имате инфекција.


Препорачливо е да се користи купка и крем во комбинација за да нема вагинални проблеми. Се разбира, добрата основна хигиена, многу сон и добрата   исхрана со соодветен внес на течности секогаш се добри за здравјето на вагината, како и за целокупното здравје и благосостојба.

Составни делови на интимната купка 200 ml:

Нежен, проѕирен, мазен гел за интимна нега содржи: млечна киселина, пантенол, глицерин и алантоин.

Индикација за примена на интимната купка:

Помага во одржување на вагиналната pH рамнотежа, смирува, хидрира и го отстранува непријатното чувство на чешање и пецкање. Погодна за примена во текот на менструацијата, бременост и по породување. Се советува и во случај на зголемен ризик на инфекции од бактерии и габи (физичко вежбање, капење во базени, долги и работни патувања).

Препорака за примена на интимната купка:

Нанесете доволна количина на купка на мокра кожа и добро исплакнете. Повторете ја примената по потреба во случај чувството на иритација да не престане или по потреба.

Составни делови на интимниот крем 30 ml:

Формулација со антимикробен ефект: бисаболол (природна состојка на камилицата (лат. Matricaria chamomilla)), хијалуронска киселина, млечна киселина, витамин Е (во облик на провитамин).

Индикација за примена на интимниот крем:

Се советува во случаи на непријатно чувство на чешање, пецкање, иритација, црвенило, несакани мириси и во случаи на зголемен ризик од инфекции предизвикани од бактерии и габи. Погоден за примена во текот на бременоста и по породување.

Препорака за примена на интимниот крем:

Нанесете доволна количина од кремот на кожата на надворешната страна од интимниот орган. Повторете ја примената сè додека не се впие  или по потреба.

Производот е погоден за употреба:

За детално читање на овој текст, погледнете на 8-9 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>