Фармацевти
Контакт

<< Назад

Дебелината не е естетски, туку медицински проблем

јануари 1, 2021

асс. д-р Билјана Тодорова
ЈЗУ УНИВЕРЗИТЕТСКА КЛИНИКА ЗА
ЕНДОКРИНОЛОГИЈА, ДИЈАБЕТЕС И БОЛЕСТИ НА МЕТАБОЛИЗМОТ-СКОПЈЕ

|



Дебелината или обезитет е комплексна болест каде што постои прекумерна количина на масти во човечкото тело. Дебелината не е само естетски проблем. Тоа е медицински проблем кој го зголемува ризикот од други болести и здравствени проблеми.

Дебелината се дефинира преку индексот на телесна маса (BMI). Тој се пресметува кога телесната тежина изразена во килограми ќе се подели со телесната висина изразена во метри  на квадрат. Луѓето со индекс на телесна маса понизок од 18,5 kg/m2 се потхранети, од 18,5 до 24,9 kg/m2 се со нормална телесна тежина. Лицата со BMI oд 25,0 до  29,9 kg/m2 се натхранети. Од клинички аспект загрижуваат лицата кои имаат BMI од 30,0  до 34,9 kg/m2 – класа I на дебелина, од 35,0 до 39,9 kg/m2 – класа II на дебелина и особено 40 kg/m2 и повеќе кои се класифицираат во класа III на дебелина или морбидно дебели.

Постојат повеќе причини зошто некои луѓе имаат потешкотија да ја избегнат дебелината. Обично тоа е резултат на вродени фактори комбинирани со фактори на околината, лични диети и начини на исхрана и од физичката активност. Но, добрата вест е дека дури и најмалата загуба на телесна тежина може да ги подобри или да ги превенира здравствените проблеми што настануваат поради дебелината. Покрај генетските фактори за дебелината, начинот на живот, постои и метаболистичко и хормонско влијание на телесната тежина. До нејзино зголемување доаѓа  и кога се земаат повеќе калории од тоа што организмот може да ги потроши преку физичка активност и со секојдневните  активности. Во тој случај телото ги складира вишокот калории во масти. Исхрана којашто е богата со многу калории, како што се брзата храна и висококалоричните намирници, води до дебелина. Дебелите лица може да јадат повеќе калории пред да се почувствуваат сити, брзо огладнуваат или, пак, јадат повеќе како резултат на стрес или аксиозност. Генетските фактори може да имаат влијание на тоа колку масти се складираат во организмот и каде  се распределуваат. Важна е и ефикасноста колку телото ја претвора храната во енергија, како организмот го регулира апетитот и како ги согорува калориите за време на физичка активност. Се смета дека дебелината се јавува кај повеќе членови во потесното семејство. Тоа не е само поради генетските фактори, туку  поради сличните навики на исхрана и физичка активност.

Висококалоричната исхрана, сиромашна со овошје и зеленчук, консумирање брза храна и големии порции храна води до дебелина. Луѓето може да консумираат калорични пијалаци (алкохолни, газирани) кои не заситуваат. Сето ова искомбинирано со физичка неактивност, поминување на многу часови пред екрани води до дебелеење.

Дебелината може да се јави и во рамки на некои ендокринолошки болести, проблеми како артритис и при користење некои лекови (антидепресиви, антиепилептици, антипсихотици, лекови за дијабетес, кортикостероиди и бета-блокатори). Социјалните и економските фактори се поврзани со дебелината. Немањето доволно финансии за да се обезбедат здрави намирници, како и постоење дебели лица во семејството со кои се поминува повеќе време може да го зголеми ризикот од  дебелеење.

Дебелината може да се појави во која било возраст, дури и кај малите деца. Но, со процесот на стареење, хормонските промени и намалената физичка активност расте ризикот за дебелеење.  Бременоста е период кога се добива многу во телесна тежина. Сите трудници треба да се советуваат здраво да се хранат, количински адаптирано и да ја напуштат теоријата дека во бременост треба да се јаде за двајца. Ова зголемување на телесна тежина може да биде причина за дебелина подоцна во животот. Се смета дека жената треба да го изгуби вишокот на добиени килограми во тек на доењето. Прекин на пушење каде што цигарата се заменува со храна може да биде причина за дебелеење. Исто така, недостигот на сон  или премногу сон, стресни ситуации со внес на многу храна, особено висококалорична, може да доведат до зголемување на апетитот и дебелеење. Многу е важно да се напомене јо-јо ефектот, каде се забавува метаболизмот и  претходните обиди за загуба  на телесна тежина се проследени со брзо добивање во телесна тежина и тоа може да доведе до подолгорочно добивање во телесна тежина и дебелина.

Луѓето со дебелина се со зголемен ризик да развијат бројни сериозни здравствени проблеми: кардиоваскуларни болести и мозочен удар, дијабетес мелитус тип 2, ризик од карциноми (на матка, јајчници, дојки, дебело црево, хранопровод, црн дроб, жолчно ќесе, панкреас, бубрези и простата), проблеми со системот за варење на храната (потешкотии при варење на храната, камења во жолчното ќесе и проблеми со црниот дроб), гинеколошки и сексуални проблеми (неплодност, нерегулирани менструални циклуси кај жените, проблеми со ерекцијата кај мажите), слип апнеа (прекини во дишењето во текот на спиење), тешки ковид-19 симптоми (дебелината е голем ризик-фактор за развивање тешка форма на болеста при инфекција со коронавирус).

Дебелината многу го менува квалитетот на живот. Луѓето со дебелина може да се чувствуваат „дискриминирани“. Овие лица често страдаат од депресија, сексуални проблеми, социјална изолација со чувство на срам и вина, пониска работоспособност.

Чекорите да се превенира добивање во телесна тежина се идентични со оние како да се изгуби телесната тежина: секојдневна физичка активност, здрав начин на исхрана и внимавање каква храна и напитоци се внесуваат секојдневно. Се смета дека средна по интензитет физичка активност (на пр.,  брзо одење и пливање) во времетраење од 150 до 300 минути неделно превенира дебелеење. Исто така, здрава исхрана, со фокус на внес на намирници кои се ниско калорични, повеќе овошје, зеленчук, житни растенија и редукција на заситени масти, шеќери, алкохол. Се советува внес на три здрави оброци дневно со ограничен внес на грицки. Многу е важно мерење на тежината еднаш неделно.

Генерално дебелината треба да се третира. Се советуваат, пред сè, промени во начинот на живот (исхрана, зголемена физичка активност, промени во однесувањето). Треба да се размислува за земање лекови за слабеење кај лица кои имаат BMI од 30kg/m2 или повеќе. Доколку BMI е повисок од 27 kg/m2 и лицата имаат компликации од дебелината  и кај нив треба да се размислува за третман со лекови за слабеење.

Постојат и хируршки процедури за намалување на телесната тежина кои се дозволени кај луѓе со BMI од 30 kg/m2 и повеќе, кога диетата и физичката активност не резултираат со загуба на телесната тежина. Кај лица со морбидна дебелина – BMI 40 kg/m2 и повеќе или  BMI од 35 до 39,9 kg/m2, но асоцирано со други здравствени проблеми може да се размислува и за оперативни зафати за намалување на телесната тежина.

Споредено со луѓе со нормална телесна тежина, дебелите индивидуи имаат 50 % – 100 % зголемен ризик да починат предвреме. Затоа дебелината треба навреме да се препознае и да се превенира, бидејќи третманот е макотрпен и најчесто бара мултидисциплинарен пристап од повеќе специјалности.

За детално читање на овој текст, погледнете на 5-6 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>