Фармацевти
Контакт

<< Назад

Диети креирани за вашите потреби

август 1, 2020

|

виш научен соработник д-р Драгица Зенделовска
ONE HOSPITAL
надворешен соработник од областа на нутригеномијата



Ако се земе предвид дека причините за зголемена телесна тежина се различни, тогаш со сигурност можеме да заклучиме дека не постои универзална диета која може да им помогне на сите кои имаат проблем со дебелина. Популарните диети ветуваат брз резултат, но најчесто се диети кои ќе му наштетат на вашето здравје. Всушност, секоја диета треба да има неколку фази, но треба да се внимава на недоволниот внес на определени намирници, кој на долг временски период може да доведе до несакани последици. Најчесто голем број од популарните диети имаат низок внес на минерали, како калциум, железо, цинк, витамини А, Д и Ц. Спроведувањето на вакви режими на подолг временски период може да предизвика метаболистичко  пореметување. Според мене, универзалната диета е мит.

Прејадувањето се смета за една од главните причини за покачена телесна тежина, но треба да се внимава и да не се занемаруваат генетските предиспозиции, намалената физичка активност, контролата на апетитот, нутритивната потреба според географските и климатски услови, присуството на разни заболувања како хормонален дисбаланс, психолошки нарушувања, менопауза, пореметена функција на штитната жлезда, стрес итн.

Дали навистина знаете која е вашата идеална тежина? Одговорот е онаа тежина која ќе го намали ризикот од заболувања поврзани со вишокот килограми. Најчестите критериуми кои ги користиме се индексот на телесна маса, односот на обемот на половина и колкови или распореденоста на мастите.

Многу често се препорачуваат додатоци на исхрана наменети за намалување на телесна тежина кои имаат силни маркетинг препораки и кои ветуваат многу, но секогаш кога купувате некој препарат со цел да ви помогне да ја намалите тежината проверете ги состојките особено на хербалните препарати, бидејќи некои од нив може да дадат несакани последици како што беше случајот со Ефедра или препарати кои содржат senecio vulgaris. Ова е  особено важна информација за луѓето кои имаат проблеми со крвните садови или бубрезите и црниот дроб, соодветно.



Неколку практични совети кои може да дадат позитивни резултати, но во секој случај пред да примените  што било од долу приложеното посоветувајте се со стручно лице.

Би сакала да направам неколку паралели кои можеби ќе ви помогнат во изборот на правилна диета.



Детокс диета наспроти медитеранска диета

Детокс диетите се многу популарни диети чија намена е детоксикација на телото и намалување на телесната тежина. Но, главното прашање е колку често треба да се спроведуваат овие диети, колкав временски период и кога.

Генерално, при детокс диетите се препорачува пиење сокови во временски период од 3 дена, проследени со хипокалорична диета во следните четири дена со негативен енергетски баланс од 500 kcal/ден. Со примена на ваква диета доаѓа до побрзо губење на мускулна маса и вода, намалено ниво на реактивни кислородни метаболити, помала загуба на антиоксидативен одговор на телото, може да резултира во губење на корисните бактерии во цревата и електролити, значителен јојо ефект.

Медитеранската диета е една од најизбалансираните диети чија примена  доведува до побрзо губење на тежината и масното ткиво, зголемено ниво на реактивни кислородни метаболити, поголема загуба на антиоксидативниот одговор на телото.

И двете диети имаат позитивни и негативни ефекти, затоа при нивно спроведување треба да се побара стручна помош која ќе ви помогне да направите правилен избор на диета, имајќи на ум дека квалитетот на јаглехидрати во овие диети е клинички значаен.

Несакани ефекти од диети со висока содржина на масти

Честопати, луѓето се одлучуваат без стручна помош да спроведуваат диети со висока содржина на масти или популарно наречена кетогена диета. Калориите од диетите со висока содржина на масти најчесто се распределени: 42 %  масти, 16 %  протеини и 42 %  јаглехидрати.

Кога ќе се одлучите за ваков тип на диета имајте предвид дека диетата со висока содржина на масти има доста несакани ефекти, како што се: хепатални лезии од неалкохолен стеатохепатитис, значително намалена активност на оксидативна фосфорилација, индуцира оксидативно оштетување на митохондријална ДНК, хепаталното ткиво и протеините се 3-тирозин нитрирани, се индуцира нитро-оксидативен стрес и имаат големо влијание на развој на метаболистички компликации.

Има определни состојби за кои е наменет овој тип на диета, но за да се намалат несаканите ефекти или за да се превенираат горенаведените промени се препорачува задолжителна употреба на антиоксиданти и антипероксинитрити.

Како до идеална тежина: високопротеински диети наспроти високојаглехидратни диети? Која диета го дава идеалниот резултат без да се наруши вашето здравје?

Ова се најчестите прашања кои ги поставуваат нашите клиенти. Честопати се експериментира со различни диети, понекогаш се постигнува вистинскиот резултат, но со несакани последици или јојо ефект каде ги враќате изгубените килограми и уште некој килограм плус.

Затоа првиот чекор кој треба да се направи е правилен избор на диета. Всушност, диета која е персонализирана и периодизирана во зависност од потребите, здравствената состојба, антрополошките и биохемиските маркери на клиентите.

Најчесто се препорачуваат високопротеински диети (40 % јаглехидрати, 30 % масти, 30 % протеини) и високојаглехидратни диети (55 % јаглехидрати, 30 % масти, 15 % протеини). Како извори на јаглехидрати најчесто се полнозрнестите житни растенија, легуминози, овошје, зеленчук, извори на масти се растителните масла и јатки, додека извори на протеини кои се користат во диетите се посното црвено месо, риба, пилешко, јајца, немасните млечни производи.

И двете диети даваат значително подобрување во однос на намалување на тежината 9,8 % наспроти 9,3 %, индексот на телесна маса, крвниот притисок, ХОМА-ИР индексот. Примената на високопротеинска диета може да резултира со значително подобрување на ситоста, маркерите на инсулинска сензитивност и β-клеточната функција, оксидативен стрес, липидна пероксидација, инфламаторни цитокини, ЦРП, адипонектин, зголемување на грелин GLP-1, намалување на БНП, но доведува до послаба липолиза и зголемена загуба на калциум во урина.

При примена на високопротеинската диета од големо значење е утврдување на критичниот параметар, т.е. утврдување на маргинално ниво на протеини кои го модулираат оксидативното оштетување (33-44 % протеин). Поголема содржина на протеин (&gt; 45 %) индуцира оксидативно оштетување во мозокот (липидна пероксидација или оксидација на протеини), може да влијае на развој на артериосклероза преку зголемување на оксидативниот стрес преку редукција на активноста на супероксид дисмутазата! Дополнително како нуспојава е генерирањето  големи количества на киселини (фосфати и сулфати) – калциурија!

Затоа, поради горенаведените предности и недостатоци, диетата треба да биде добро оптимизирана, индивидуализирана (скроена за потребите на клиентот) и периодизирана, проследена со ергогена помош со цел да се намалат несаканите ефекти и да се добие посакуваниот резултат.

За детално читање на овој текст, погледнете на 22-23 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АВГУСТ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>