Фармацевти
Контакт

<< Назад

Диоптриските очила како составен дел од секојдневието

октомври 1, 2020

|

Оптичар-оптометрист
Соња Ангеловска
ОПТИКА ПРИЗМА



Визуелната перцепција кај човекот или човечкиот вид е способност да се примаат информации од околината преку сетилата за вид.

Живееме во динамично време, опкружени со многу технолошки достигнувања, кои наоѓаат примена во нашето секојдневие. Производите од тие достигнувања освен што се неопходни, со себе носат и некои аномалии. На пример, секој телевизор, компјутер или лаптоп, мобилен телефон и таблет создаваат зрачења кои се штетни за нашите очи. Не изостануваат и „лед“ светлата, кои нè опкружуваат насекаде, но, сепак, и тие емитираат штетни зраци.

Денес многу научници го карактеризираат овој феномен како нужно зло.

Кратковидоста, далековидоста и астигматизмот се нарушувања што се јавуваат поради грешка во прекршувањето на светлината.

Кратковидоста или миопијата,  застапена е кај околу 20 проценти од населението, се јавува кога сликата се создава пред мрежницата, а не на неа, така што оддалечените предмети изгледаат замаглени. Болеста се јавува подеднакво и кај мажите и кај жените.

Далековидоста е спротивна на кратковидоста. Леќите во окото создаваат слики малку зад мрежницата, така што блиските предмети изгледаат нејасни. Со текот на годините постепено се намалува природната способност на окото да се приспособува. Далековидоста е нормално да се појави по 42 или 45 година од животот.

Астигматизмот често е поврзн со далековидоста или кратковидоста. Тој обично се јавува при раѓањето и со текот на годините ниту се влошува ниту се подобрува. Чести симптоми на астигматизам се болка во и околу очите, главоболка, како и проблеми при возење ноќе.



Горенаведените нарушувања се проблеми каде оптичките помагала можат да ги ублажат ефектите.

Употребата на очила или очни помагала денес е позастапена од  кога било. Тоа се должи на повеќе фактори како: горенаведените примери, вродени аномалии кај човекот, стекнато оштетување на видот, потребата од моден додаток за  потенцирање на имиџот, како и големата достапност на многу различни типови  оптички рамки и типови на стакла.

Сакаме да зборуваме на темата кои типови на оптички рамки и оптички стакла се најдобри за вас и за вашата потреба...

И покрај тоа што очилата се користат за корекција/подобрување на видот, фактот дека тие го дефинираат и вашиот стил е незанемарлив.

Големиот избор на оптички рамки  се изработени  од најразлични материјали, како пластика, метал (или нивна  комбинација), преку бескрајна игра на бои, орнаменти и детали.

Изборот на оптички рамки се препорачува примарно да биде фокусиран на удобноста, бидејќи корисникот не треба да чувствува непријатност  при нивното носење (на пр., да чувствува тежина на носот и ушите, стегање на главата или рачките на очилата да не се добро „легнати“ над ушите).

Следен фактор за одлука при купување треба да биде големината на видното поле на рамките (каде се наоѓаат оптичките стакла).

Наша препорака е при проблем со далековидост да одберете рамки кои имаат помало видно поле. Причина за тоа е потребата од овие очила да се користат исклучиво кога лицето гледа близу до себе (чита, користи мобилен телефон или компјутер), односно не подалеку од должината на својата рака, а при промена на погледот (на пр., на подалеку), лицето да може да погледне над очилата (гледањето низ очила за близина, во далечина, може да се поистовети со гледање во далечина преку лупа).

Кога е во прашање кратковидоста, наша препорака е очилата да имаат поголемо видно поле. Препораката се должи на потребата од видното поле да биде „покриено“ од сите страни со оптичко стакло, бидејќи погледот при гледање далеку се движи на сите страни и под секој агол. На кратковидоста припаѓаат поголем процент на секојдневните активности, како гледање телевизија, возење, работа на компјутер и секакви други активности, кои  се разликуваат од гледањето од близу. Па затоа препорачуваме удобноста да биде примарен одлучувачки фактор.

Сите горенаведени препораки се однесуваат и на астигматизмот.

Вреди да се напоменат и типовите на оптички стакла (леќи) како 2 во 1 или 3 во 1 решение на проблем со вид. 2 во 1 или бифокални стакла (леќи) се користат за гледање во далечина и близина. Овие стакла имаат видливо „прозорче“ кое служи за видното поле за близина. 3 во 1 или мултифокални стакла (леќи) се решение за гледање во далечина, на средно растојание како и во близина. Кај овие стакла (леќи) не постои забележлива разлика од стаклата кои се користат за далечина и близина, а, сепак, обезбедуваат канали за вид за конкретната потреба на корисникот. Мултифокалните стакла го решаваат проблемот на корисниците кои се соочуваат со далековидост и кратковидост, а притоа може да користат само еден пар очила.

Покрај удобноста и стилот на оптичките рамки, следен исто толку важен фактор за избор на очила се и типовите на оптичките стакла (леќи). Имено, оптичките стакла (леќи) најчесто се изработени од минерално стакло или органска пластика.

Предноста на минералното стакло е минималната можност да биде изгребано, но како аномалии се сметаат тежината, како и доколку паднат постои голема можност да се скршат. Минералното стакло порано беше единствен избор на корисниците на очила.

Денес постојат леќи за очила од органска пластика. Најголемиот процент на корисници се одлучуваат за овој тип на леќи поради нивната мала тежина и понудата на заштитни слоеви. Кај нас најпродаван тип на леќи од органска пластика се т.н. HMC (Hard Multi Coat) леќи кои нудат 4 слоеви на заштита (тешко гребење, брзо одмаглување при промена на температура, основна заштита од технолошките зраци, како и редукција на влијанијата од светлата при ноќно возење),  но и попристапна цена. Од неодамна изборот на леќи од органска пластика  е зголемен и со заштита од „модро виолетови“ зраци (редуцирање на штетните влијанија на зраците, емитирани од електронските уреди и ЛЕД светлата) популарно наречен Blue Light Filter. Овој тип на заштита е прв избор на корисниците на очила кои интензивно користат компјутер (повеќе од 4 часа дневно).

Не помалку важно е да напоменеме дека постојат и оптички стакла (леќи) без диоптер со можност да содржат заштитни слоеви. Најчеста примена имаат кај луѓе кои сакаат да ги заштитат очите од штетните зраци. Сè повеќе родители се одлучуваат за набавка на очила за своите деца, без диоптер, поради сè поголемото време кое децата го поминуваат пред компјутер, таблет и телефон. На овој начин се редуцира еден од факторите за рано оштетување на видот.

За детално читање на овој текст, погледнете на 5-6 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ОКТОМВРИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>