Фармацевти
Контакт

<< Назад

Заболувања на бубрезите

јуни 1, 2021

Марија Богдановска
Пзу К-медика, Ракотинци

|

јуни2021

Бубрезите се парни органи сместени во ретроперитонеалниот простор – задниот дел од абдоминалната празнина, од двете страни на ʼрбетот, од последниот граден до вториот слабински пршлен. Наликуваат на зрно од грав и тежат околу 150 г. Основната улога на бубрезите кај човекот е одржување на хомеостаза (постојана внатрешна рамнотежа на организмот) и екскреција на крајните продукти на метаболизмот. Што, всушност, тоа значи? Хранливите материи преку крвта се носат до клетките каде се користат за соодветни метаболистички процеси, од кои се добиваат крајни, непотребни продукти кои треба да се исфрлат преку крвта. Таа задача ја имаат бубрезите! Вишокот на вода, соли, амонијак и некои неразградени материи се отстрануваат преку бубрезите. Во спротивно ќе дојде до нарушување на голем број функции на организмот.

Заболувањата на бубрезите се многу честа појава и изобилуваат со симптоми, но често се занемаруваат и не им се придава важност, но токму навременото откривање на симптомите може да спречи појава на сериозни последици. Доколку дојде до откажување на нивната функција,  настануваат сериозни оштетувања на огранизмот, а во најлош случај и смрт. За да може полесно и навремено да се откријат бубрежните заболувања, важно е да се обрне внимание на одредени симптоми. Едни од најважните симптоми  се:

*Болка: Еден од првите препознатливи знаци кај бубрежните болести е болката. Таа започнува во средната до долната половина на грбот и може да се прошири накај стомакот и препоните во зависност од степенот на инфекцијата.

*Проблеми со мокрење: Поголемиот дел од луѓето нормално мократ од 4 до 6 пати во текот на денот. Често мокрење без зголемен внес на течности во текот на денот е симптом за инфекција на мочниот меур или на уринарните патишта. Надразнувањето, исто така, може да предизвика болка во текот на мокрењето или итна потреба за мокрење која е придружена со болно празнење. Количината на урината е обично многу мала. Често мокрење во текот на ноќта може да се јави во раниот стадиум на некои бубрежни заболувања. Отежнат почеток на мокрењето, слаб млаз, неконтролирано мокрење се, исто така, честа појава.

*Промени во урината: Нормалната количина на урина во текот на денот е 400-2000 мл. Промена во количеството на урина, намалена (под 400 мл) или зголемена (над 2000 мл) е знак за бубрежно заболување. Нормално бојата на урината е светло жолта, но при одредени заболувања ќе забележиме многу светла – разредена урина или темна – концентрирана урина. Крв во урината (хематурија) ќе ја обои во црвена до кафена, во зависност од количината на  крв.

*Отоци: Оштетените бубрези не се во состојба да го исфрлат вишокот на вода од организмот. Се јавуваат отоци на нозете, лицето, околу очите и зглобовите кои се последица на задршка на течност во организмот.

*Анемија: Нарушувањето на бубрежната функција доведува до намалена продукција на еритропоетин, кој стимулира еритропоеза во коскената срцевина.

*Осип по кожата: Како што бубрезите не успеваат да ја завршат својата работа, така токсините се акумулираат во крвта. Доаѓа до иритација и сувост на кожата, осип и чешање. Дури и ако се третира локално, проблемот со бубрезите останува и понатаму.

*Недостиг на здив и лош здив:  Ослабената функција на бубрезите доведува до намалено ниво на кислород што води до краток здив и насобирање уреа која доведува до создавање  амонијак во плунката и лош здив.

*Вртоглавица и замор: Намалување на продукцијата на еритропоетинот доведува до  намалено создавање црвени крвни клетки чија главна функција е пренос на кислород. Намален довод на кислород во мозокот доведува до појава на замор и вртоглавици.

Воспаление на мочен меур – циститис

Кај воспаленијата на мочниот меур доаѓа до инфекција на слузокожата на мочниот меур и како последица на тоа се јавува зачестена потреба од мокрење,  кое  притоа е болно. Во поголемиот број на случаи причина е бактериска инфекција. Од циститис значително повеќе заболуваат жените. Меѓу мажите циститисот е ретка појава и доколку се јави обично е поврзан со некое друго бубрежно заболување. Кај децата циститисот може да настане како последица од анатомски или структурен проблем.

Постојат различни видови циститис,  најраспространет е бактерискиот циститис. Бактерискиот циститис  најчесто е предизвикан од бактеријата Escherichia Coli – бактерија која инаку живее во цревата. До циститис доаѓа кога бактериите од аналното или вагиналното поле доспеваат до мочниот меур преку уретрата, што може да се случи при полов однос или бришење по празнење на цревата. Ризикот од појава на бактериски циститис расте доколку мочниот меур не може да се испразни до крај, што настанува при непотребно мокрење.

Интерстициски циститис е ретко хронично небактериско воспаление на слузокожата и ткивата на мочниот меур кое може да предизвика чир. Предизвикувачот е непознат, а се верува дека одредени намирници или напитоци можат да ги влошат симптомите. Овој тип на циститис е одговорен за хронични симптоми на болка во карлицата и често мокрење кои не се смируваат ни по примање антибиотска терапија.

Симптомите се исти кај сите видови  циститис: печење при мокрење, зачестено мокрење, чувство на итност при што се исфрлаат мали количини  урина, чувство на недоизмокреност, болка во долниот дел на абдоменот, а ретко покачена температура и треска.

Доколку забележите  кои било од овие симптоми треба да се јавите кај вашиот лекар.

Како се третира?  Симптомите може да се ублажат со внесување поголеми количини на течност (половина литар на секој пола час), а билните чаеви го намалуваат чувството на печење при мокрење и го зголемуваат исфрлањето на продуктите од метаболизмот. Се даваат аналгетици за намалување на болката и антибиотска терапија по препорака на вашиот лекар.

За детално читање на овој текст, погледнете на 4-5 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУНИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>