Фармацевти
Контакт

<< Назад

Имунитет и негово зајакнување на природен начин – Што претставува имунитетот?

ноември 1, 2020

|

Александар Јаневски
Доктор по медицина



Што претставува имунитетот? Имунитетот претставува способност на живиот организам да се одбрани од штетните агенси, како што се различни микроорганизми (бактерии, вируси, габи) кои предизвикуваат различни болести или некои други биолошки или хемиски опасности. Низ историјата имало доста полемики за тоа што нас „нè брани“ од овие штетни влијанија од околината и имало доста интересни теории за тоа што претставува имунитетот, а притоа дефиницијата за имунитет не била иста како денес познатата. Не се знаело што е имунитет сè до времето кога почнува активно да се размислува за тоа колку ни е потребен имунитетот во справување со многу болести. Оттогаш активно се прават студии за овој таканаречен „збир на органи“, кој нè штити  од овие штетни влијанија кои можат да ни го нарушат квалитетот на животот. Низ тие долгогодишни студии  се докажало дека голем број фактори влијаат на тоа каков ќе биде нашиот имунитет „добар или лош“ и воедно колку е подготвен за одговор на овие штетни агенси.

Според денешните  сознанија, имунитетот се создава и почнува да се гради во текот на бременоста со пренос од мајката на детето во матката преку плацентата, а потоа и преку доењето (пренос преку мајчиното млеко кое е важно за стекнување  имунитет и заштита на детето уште во најрана возраст). Понатаму, преку вакцинацијата која е воведена за активно стекнување на имунитет спрема одредени чести и тешки заболувања, како и со изложеност на нашиот организам на штетни агенси, при што се создава таканаречен активен имунитет каде имунолошкиот систем е подготвен за наредни напади. Затоа препорачуваме исхрана на новороденчето и доенчето со мајчино млеко, вакцинација и контакт со природата и околината уште од најмала возраст за полека да се изгради имунитетот.

Фактори кои влијаат врз намалување на имунитетот понатаму во животот се нередовен сон кој значително го намалува имунитетот, брза храна – исхрана сиромашна со витамини Ц, А, Д, Е, Б6, Б12 и минерали како цинк и железо (инаку  сите ги има  во овошјето и зеленчукот во доволни количини), стресните ситуации и брзиот начин на живот дејствуваат врз имунитетот преку покачување на нивото на кортизол и притоа отежнувајќи му на имунолошкиот систем да функционира нормално.

Од друга страна, пак, внесувањето додатоци на исхрана како што се пробиотиците = „добрите бактерии“ и бета-глуканите изолирани од квасец се многу битни стимулатори на имунолошкиот систем.
Затоа, особено во овој период на сезонски настинки и грип  препорачуваме здрава исхрана, избегнување стресни ситуации и редовен сон во синергија со додатоци на исхрана кои на некој начин би ни помогнале за одржување на имунитетот на едно повисоко ниво.

Како што е познато, пробиотиците се дел од нашиот организам и, меѓу другото, одговорни се за продукција за најголем дел од антителата кои се носители на имунитетот. Од многуте пробиотски култури кои го населуваат нашето тело најзначајни се, пред сè, неколку чија улога е и најмногу испитана (B.subtilis I-2745,L. acidophilus LA3, B. animalis ssp. lactis BLC1, L. casei BGP93). Кога се работи за јакнење на имунолошкиот систем на природен начин и бета-глуканот е тука, на врвот на листата од имуностимулатори. Но, бидејќи нашето тело не го произведува, најдобар начин тој да се внесе во организмот е од надворешни извори, како што се пивски квасец, шитаке печурки и житни растенија, првенствено јачмен, овес, ʼрж и пченица или преку додатоци во исхраната кои го содржат во значајни концентрации. Потврдено е дека бета-глуканот дејствува како имуномодулатор, што значи дека активира каскада од настани кои ја поттикнуваат работата на имунолошкиот систем и така го прават поефикасен. Тој е добро познат по неговите својства за зајакнување на имунитетот како резултат на неговата способност да го поттикнува активирањето на макрофагите (клетки за имунолошки одговор кои  ги уништуваат патогените, заканувачките микроорганизми и ги поттикнуваат другите имунолошки клетки на одбрана на организмот). Бета-глуканите работат на стимулација на формирање на коскената срцевина, а со тоа се активира и производството  на леукоцити и тромбоцити одговорни за борба против инфекции. Освен тоа, бета-глуканот ги стимулира и белите крвни зрнца (лимфоцитите) кои се врзуваат за туморите или вирусите и ефикасно ги  уништуваат. Сето ова  придонесува за побрз и посилен одговор на организмот на патогени што е докажано  со зголемена отпорност на организмот на инфекции, но и намалување на симптомите и побрзо закрепнување по постојните инфекции. Бета-глуканот и неговите имунолошки својства се, исто така, добри против симптомите на настинка, грип и респираторни инфекции на горниот респираторен систем предизвикани од вируси.

Голем број на студии се занимаваат со проучување на имуномодулаторни ефекти на 1,3/1,6 бета-глукан и засега потврдуваат дека најактивна форма е 1,3/1,6 бета-глукан  добиен од клетoчниот ѕид на Saccharomyces cerevisiae, познат како квасец, поточно тој е оној кој има антибактериски и антитуморски својства. Бета-глуканската активност започнува уште од 24 до 72 часа по ингестијата, па има  смисла да се земаат бета-глукански производи и кога симптомите се веќе присутни, а не само превентивно.

Суплементацијата на организмот со еден ваков  природен имуностимулатор е уште покорисна во комбинација со витамин Ц и цинк. И двете состојки се значајни за производство на антитела и се составен дел од структурата и процесите на B и Т-лимфоцитите. Дневните потреби на еден здрав организам од витамин Ц изнесуваат 75 – 100 мг, а за цинкот околу 10 мг. Ваквата комбинација од три природни компоненти може да се каже дека е комплетна и нуди сигурно засилување на имунолошкиот систем. Особено е препорачлива  за време на температурните промени во рана есен кај лица со зголемен физички и психички стрес, стари лица, спортисти, адолесценти, вегетаријанци.

Со изградба на нашиот имунитет преку придржување до овие совети, дополнето со имуностимулатори ни претстои период исполнет со празници, радост и средба со нашите најмили. Навистина немаме време  да бидеме болни!

За детално читање на овој текст, погледнете на 26-27 стр. во електронското издание на BETTY магазин (НОЕМВРИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>