Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју со Проф. Д-р Нино Васев

октомври 1, 2022


Проф. д-р Нино Васев


Октомври - месец на рак на дојка

1. Октомври е Месец на борбата против ракот на дојка. Во светот, особено во повеќе развиени земји, појавата на нови случаи на малигни заболувања се зголемува од година во година. Дали се зголемува бројот на случаи со рак на дојка и кај нас?

Проф. д-р Васев: Инциденцата за рак на дојка во сите развиени држави бележи лесно зголемување секоја година, но морталитетот повеќе се намалува, така што имаме вкупно благо намалување на кривата на смртност и кај нас.

2. Доктор Васев, што е клучно за рано откривање на ракот на дојка, а со тоа и спасување на животот?

Проф. д-р Васев: Раната детекција е најважна, односно подигнувањето на свеста дека секоја жена може да заболи од рак на дојка. Колку што во порана фаза се доаѓа на преглед и што порано се открие, стадиумот на карцином е помал и е излечив.

Од тука, посетата на доктор и редовната мамографија после 40-та година од животот на жената е многу важна. Мамографија е задолжителна и најчесто се прави на една или на две години и тоа зависи од достапноста и од ресурсите што ги има некоја држава. Значи, на две години по 40-та година од животот би било сосема во ред да се прави мамографија.
Ехо на дојка може да се прави и после 25-годишна возраст. Самопрегледот знае многупати да ги збуни жените, мислејќи дека ако ништо не почувствувале на допир, немаат ништо и не одат на лекар, но подоцна веќе кога ќе се јават кај лекар доаѓаат заболени во подоцнежен стадиум на ракот на дојка.

3. Кои се симптомите на рак на дојка на кои жените треба да обрнат внимание?

Проф. д-р Васев: Секоја промена на изгледот на кожата на дојката и воопшто самата дојка се многу важни знаци. Особен аларм се црвенилото, рапавата кожа и каква било напипана тврдост во самата дојка. При секое црвенило на дојка кое трае повеќе од неколку дена и не поминува, апсолутно треба да се посети лекар.

Исто така, при исцедок од дојка, што од 20 случаи во еден случај само може да биде проблем, не е лошо жената да се јави кај лекар, особено ако има некој чуден исцедок од дојката, а не може да објасни зошто. Трето, кога на допир ќе почувствува некоја тврдост, што обично се случува при туширање. Во спомнатите случаи, жената веднаш треба да посети лекар кој работи со болести на дојката. Се препорачува и самопреглед, односно еднаш неделно дојките треба да се испипаат. Може дури и еднаш месечно да биде, ако тоа се прави секогаш во истиот ден, односно во период на една недела по менструација, што е идеален термин за самопреглед на дојка.

4. Дали постои превенција од заболување од рак на дојка и кои се ризичните фактори за појава на ова малигно заболување?

Проф. д-р Васев: Не постои такво нешто, раното откривање е единственото нешто кое може да го подобри текот на ракот на дојка и нејзино излекување. Докажано е дека исхраната не е директна причина за рак на дојка. Апсолутно докажано е дека ракот на дојката е поврзан со стилот на животот и со модерните стресови, па оттука и најголем процент на рак на дојка има во највисоко развиените западни земји.

5. Може ли сите карциноми да се третираат со имунотерапија? Koja е разликата меѓу имунотерапијата (таргет терапијата) и дали е подобра од класичната хемотерапија?

Проф. д-р Васев: Скоро сите. Меланомот речиси е невозможно да се третира без таргет терапија. За него во моментов имаме три лека кои не се на позитивна листа, а се за третман на оваа болест. Но ние сепак ги имаме и пациентите ги добиваат.

Што е подобро денес знаеме по студии. Мора да бидат двојно слепи, рандомизирани студии за да знаеме и, секако, истите да се евидентирани од најдобрите светски протоколи NCCN, протоколи на Европска унија, Европското здржение на онкологија каде таму секоја година се обновуваат тие протоколи и тоа што е најдобро од студии доаѓа како лек кој се дава на пациетите. За еден лек да знеме дека е добар важно е се дава во светски протоколи и да е влезен како таков и студиите понатаму само го потврдуваат неговото дејство.
Значи, мора да имате медицински доказ дека е нешто поефикасно од нешто пред тоа. Некогаш е тоа имунотерапијата, некогаш може да биде нешто друго.

Но, имунотерапијата очигледно дека овие пет години тотално ја смени целата карта на онкологијата. Некој да ми кажел пред 30 години дека денеска ќе имаме достапни лекови за меланом што навистина можат да му помогнат на пациентот на таков брз начин како што ги имаме сега, немаше да верувам. Два од три во моментов достапни лека за рак на бели дробови се достапни и кај нас. За меланомот, исто така. Тоа се се таргет терапии кои се релативно достапни во случај кога фирмата прво треба да ги регистрира и понуди преку мали студии.

6. Не е ретка појава пациентите да одбијат лекување, што правите во такви ситуации?

Проф. д-р Васев: Е тоа е еден од битните моменти за лекарот – онколог да го убеди дека тоа лекување за него е многу важно. Да се сложиме со неговото убедување дека не сака терапија е многу лесно. Вие треба се да направите тоа да не се случи. Зацелиот свој работен век имам можеби само 10 пациенти кои не прифатиле, а можби илјадници не сакале.
Ти треба да ги убедиш да го земат она што за нив е најдобро. Некогаш не можеш да убедиш, некогаш ќе ги препуштиш на лекување со исхрана, со алтернација која значи вие да смените стандардна терапија, односно да не ја земате, а компементарна медицина, она што збрувавме, е да додадете на лекувањето нешто како канабис или што сакате.

Комплементарно ќе дозволите и канабис, зошто да не, тоа не смета на хемотерапијата. Им велам земете што сакате, бидејќи јас и немам доказ да им речам немој. Но, за лекови за кои има студии дека не лекува, како Г132, рскавица од ајкула, отров од шкорпија од Куба…. не делува. И постојано е истото. Има еден таму се излекувал. Сакаме да веруваме во чуда, а чудата сме секој ден самите ние. Ние сакаме да веруваме во туѓи чуда, а нашите не сакаме ни да ги погледнеме.

Докторот треба да го убеди човекот дека е тој чудо и дека он може да направи се за себе. Најмногу за себе. Тој доаѓа со надеж и вие таа надеж не смеете да ја изневерите. Вие точно по погледот знаете кој пациент што бара. Има тивки-затворени, има отворени, има луѓе што многу се информираат, и оние малку што знаат. Некои има на кој баш им е гајле, тие се сигурни дека ќе успеат. И ним им честитам. Тоа е мал број, но навистина сами успеваат. Не им треба ниту поддршка. И драго ми е што се повеќе гледам такви пациенти. Гледам храбри луѓе.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-12 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Октомври 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>