Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју со Проф. Д-р Соња Генадиева Ставриќ

септември 1, 2022



Сте дипломирале на Медицински факултет во Скопје како студент на генерација, Вашата субспецијалност во Интерната медицина е клиничката хематологија. Дали тоа беше Ваш избор и зошто токму таа област? Како започна патот на Вашето професионално воздигнување?

Да, дипломирав на Медицински факултет во Скопје во 1992 година, како студент на генерација со просечен успех 9,96. Од 1994 година, сум вработена на Универзитетската Клиника за Хематологија и Медицинскиот факултет во Скопје, каде работам и денес. Постдипломските студии од хематологија ги завршив во 1998 година со успешно одбранет магистерски труд.

Во истата година ја завршив и специјализацијата по интерна медицина. По завршување на докторат и негова одбрана од 2002 година сум доктор на науки. Во 2007 година завршив и субспецијализација по хематологија. Од 1995 година сум вклучена во редовната работа на Медицинскиот факултет на Катедрата по Интерна Медицина. Почнувајќи од помлад асистент и по академските скалила на унапредување: асистент, доцент, вонреден професор, од 2017 година сум редовен професор по интерна медицина и хематологија.
Иако најголем дел од мојата едукација се одвиваше на Медицинскиот факултет во Скопје, во тек на својата професионална кариера остварив поголем број на стручни престои и усовршувања надвор од нашата земја. Ќе ги споменам најзначајните. Овие едукации беа секогаш стипендирани преку разни видови на едукативни програми.

Пред се е предизвик да подготвите план за вашиот студиски престој. Морам да споделам со вас, не сакам да звучам нескромно, но особено голем успех е, да бидете избрани токму вие меѓу мноштвото солидни кандидати кои конкурирале.
Како млад хематолог, на самиот почеток на мојата работа, добив стипендија која ми овозможи тримесечен стручен престој во еден од најеминентните хематолошки центри во Лондон (Royal Marsden Hospital). Како завршен специјалист од 2000-2002 година во неколку наврати по неколку месеци, престојував во Германија, на универзитетот Фридрих-Александар во Ерланген-Нинберг, преку Темпус-Фаре програма за едукатори и како ДААД стипендист на Германската Влада.
Веќе како остварен професионалец, во 2008 година сум добитник на награда од Американската Онколошка Асоцијација. Со можност на посета на еден од најеминентните хематоонколошки центри во светот, Канцер Центарот во Кливленд САД.

Во 2013 година и во 2016 година ERA-WEB програмата за размена на академски кадар помеѓу Универзитетите, ме носи на Универзитот во Торино, Италија. Исклучително искуство на размена на клинички искуства кое резултираше со публикација на научни трудови во списанија со импакт фактор. Како визитинг професор во 2019 година преку Еразмус програма бев на краток студиски престој на Љубљанскиот Медицински факултет.

Остварените контакти на овие стручни престои, кои траат и до денес, разменетите искуства, можноста да видите што се работи во други центри имаа огромно влијание и значење подоцна во мојата натамошна работа.

Ја препорачувам на колегите, особено на помладите колеги. Едноставно, со проширување на видиците станувате на некој начин поамбициозни, вашите таргети ги поставувате повисоко и се посветувате максимално да имплементирате новини со кои ќе дадете придонес за подобра медицинска грижа кон вашите пациенти, но и подобар систем на едукација за вашите студенти.

Споменавте публикување на трудови со импакт фактор? Во 2017 година сте наградени од УКИМ за ваков труд?

Напредувањето во професијата неосетно ве води кон потесни полиња на интерес во вашата струка, а со тоа се раѓа и желбата да учествувате во проекти од потесно подрачје кои се работат во светот.

Јас ја имав таа можност да работам во рамките на Лимфомската работна група при Европската трансплантациона организација и резултат на таа соработка е публикација на стручен труд во еден од најеминентните хемато-онколошки списанија. Во трудот учествуваат поголем број на Европски центри, а јас ја добив довербата и честа да го сработам проектот и бидам прв автор. Во 2017 година УКИМ започна со награди за авторите на трудови со импакт фактор и особено ми е драго што овој труд го доби тоа признание. Тоа е голема мотивација да продолжите понатаму. Овој труд беше само почеток на една успешна соработка која продолжува и денес.

Познати сте како еден од најмладите професори на Медицинскиот факултет при УКИМ и во два последователни мандата шеф на катедрата по Интерна медицина, најголемата катедра на Медицинскиот факултет, прва жена на таа позиција. Тоа ви беше додатен ангажман покрај активната клиничка пракса како лекар на клиниката. Што значеше тоа за Вас?

Значеше многу дополнителна работа и огромен вложен труд. Но со задоволство, затоа што водење на катедрата е посебна чест и обврска.

Пред се, затоа што тоа е позиција на која ве бираат на тајни избори. Сите членови на катедрата и е израз на довербата во вас, не сте назначени од некого. Мислам дека во тие 2 мандати како шеф на катедра успеав да реализирам повеќе проекти кои придонесоа за унапредување на академскиот амбиент на катедрата.

Што во ефект имаше значително влијание на подобрување на едукацијата, како во додипломскиот дел, така и во постдипломскиот, односно во делот на специјализацијата по Интерна медицина и останатите инетрнистички специјализации.

Успеавме како катедра, со мене како главен и одговорен уредник, во 2020 година да издадеме капитално дело, учебник по Интерна медицина, за студентите на Медицинскиот факултет. Учебникот е во 3 тома, на околу 1500 страни.

Во изработката учествуваа 69 автори, членови на катедрата, истакнати наставници и претставува сублимат на огромен квантум на знаење и искуство за едукација на идните генерации на лекари и интернисти. Ова беше плод на повеќегодишна интензивна работа на авторите и ова е издание на овој учебник по речиси 20 години од претходно. Посебна чест и сатисфакција за мене лично и за сите автори е што овој капитален научен и едукативен труд беше препознаен од стручната фела, Македонското лекарско друштво, кое го предложи овој учебник за наградата Гоце Делчев, највисоката државна награда за остварено научно дело од посебен општествен интерес, која ја добивме јас и авторите во 2021 година.

Морам да додадам дека исто толкава сатисфакција и радост чувствувам и кога при проверка на знаењето на студентите препознаваме солидни стекнати медицински знаења како резултат на користење на овој учебник што ја докажува во пракса неговата реална едукативна вредност и функција.

Имате многу богата професионална биографија. Импресивна е листата на остварени проекти. Како го менаџирате времето, дали останува доволно приватно време, покрај професионалното?

Не сакам да звучи како клише, но искрено, мојот професионален успех беше невозможен без исклучителната безрезервна поддршка која ја имам од своето семејство. На некој начин, јас ја имам таа среќа и мојот сопруг да е лекар - офталмолог, а и мојот син ја избра медицината за своја професија.
Тие навистина ја почитуваат и разбираат мојата желба и определба за пожртвувана професионална работа, која во одредени моменти значи и отсуство од домот. Најголема помош добивам од мојот сопруг и син, но се разбира и од моето пошироко семејство.

Дали вашиот син ги следи вашите стапки?

Мојот син расте во докторско семејство, мајка, татко, дедо, баба, стрина, тетка, тетин.....сите лекари. Дали тоа влијаеше на неговата определба, ќе мора да го прашате него. Тој сега како дипломиран и лиценциран лекар размислува за изборот на својата специјализација. Мислам дека ќе заплови во хируршки води. Последниот дванаесетти семестар од своето студирање, кое е клиничка пракса, го заврши на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Љубљана од каде се врати со јасна одлука и желба да продолжи на хирургија.
Хируршката пракса која ја имаше во текот на тој семестар мислам дека беше одлучувачки фактор кој влијаеше на неговиот избор. Се надевам дека како родители успеавме да му пренесеме дека успехот никогаш не е случаен и може да се очекува само по напорна работа и вложување.

Вашата професија е пред се грижа за здравјето на другите. Како Вие се грижите за своето здравје?

Се трудам да ги почитувам принципите на здраво живеење, но не секогаш успевам.....

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Септември 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>