Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју со Стефан Лазаров – Брзото темпо на успехот

јануари 1, 2022

1. Новите почетоци секогаш се со амбиција за подобрување на нештата. Како ти ја започна новата година и дали веќе имаш планови за новата 2022 година?

Во изминативе 2 години мојот живот се промени целосно и постојано има некој новитет, план, идеја, амбиција. 2020 ја завршив многу успешно, со повеќе од 30 000 следбеници на мојот Јутјуб канал, а еве 2021 ја завршувам со повеќе од 60 000... Значи,  во добар правец се движам. Планови за новата секако имам, сакам да се пробам во друга држава, да снимам Карпул Караоке со ѕвездите од Балканот, но, секако, да продолжам со интересни видеа, влогови, проекти итн... На поле музика фановите можат да очекуваат големи работи од мене во периодот што следува...

јан-2022

2. Изминатите години за разлика од претходно почесто те гледаме на дигиталните платформи, наместо на ТВ-екраните. Дали ти недостасува старата професија“?

Искрено мислев дека ќе ми фали многу и кога дадов отказ се сеќавам тој ден буквално како да ми се урна светот. Но, како велат: Секое лошо е за нешто добро :) Кај мене излезе предобро и веќе имав неколку понуди да се вратам. Но, искрено за ниедни пари тоа не би го направил во моментов. Уживам во слободата и слободните одлуки. Ова сум јас :)

3. Кажи ни нешто повеќе за Лазаров Шоу“.

„Лазаров шоу“ е искрено мој неуспех за кој сметав дека ќе биде голем успех. Како што имам кажано неколку пати, да бидам на телевизија и да имам свое шоу ми беше најголема желба и по само 6 месеци на Јутјуб  ја остварив. Бев многу среќен и мотивиран, но како што поминуваше времето сè повеќе и повеќе сфаќав дека јас не сум за тоа. Ме уби темпото, барањето на гостите, прашањата, и едноставно шоуто го правевме само јас и Дарко. Замислете само двајца. А притоа постојано објавуваме и видеа, песни, проекти. Едноставно се изморив и решив да ставам крај. Можеби понатаму ќе пробам пак, но засега не...

4. Бидејќи си миленик на младата генерација, дали чувствуваш одговорност дека треба да претставуваш некаков пример за нив?

Многу дискутабилно прашање. За жал, за да се остане во тренд и гледан некогаш мораш да правиш и будала од себе. Младите имаат телефони и достапно им е сè и гледаат сè што се случува низ светот. Замислете колку е тешко да ги следиш светските трендови, а заработуваш 1 000 пати помалку од нив. Затоа некогаш, за жал, оставаме и лош пример во одредени ситуации, но јас 90 % од времето се трудам да бидам добар пример. На крај од денот ние сме тука за забава и не треба да ни се фаќа сè здраво за готово.

5. Што правиш во слободно време?

Одморам, верувајте одморам. Премногу обврски, снимања, организации. Темпото е премногу тешко, затоа во секое слободно време, лежам, гледам филм, серија или скролам по телефонот...

јан-2022

6. Од каде дојде инспирацијата да бидеш музички креативен? Раскажи ни малку за патот по кој одеше додека ги создаде последните песни за кои имаш и видеозаписи.

Инспирација можеби од новиот бран кој го донесоа 2БОНА и Таско. Но, со тек на време сè повеќе и повеќе се пронаоѓав во студио, пред микрофон, или заедно со екипата во таквите моменти. Кај мене се гледа голем напредок и тоа сите го кажуваат, а доказ за тоа се и бројките на РЕКОРД, 0 до 100 и МАЈКО МОЈА од кои дефинитивно сум презадоволен. Снимив 8 песни со 8 спота за 1 година, а притоа мој приоритет не е музиката. Тоа ви докажува колку го сакам ова и колку го работам од срце.

7. Доколку го анализираме твојот секојдневен распоред, кои навики би ги нарекле „здрави навики“?

Пиење многу вода, 5 до 6 пати неделно тренинг во теретана, еднаш неделно кардио на Водно и јадење здрава храна од ФИТ ГУРУ. Голем поздрав до дечките кои секојдневно ми носат храна и ми помагаат во формирањето на моето тело за ова лето. Но, и навиката за здрав живот...

8. Што е она што се трудиш да го претставиш по твоите видеа на Јутјуб, твојата музика..?

Мојата желба за успех, мотивација, различност, верба во себе. Едноставно сакам луѓето да кажат браво за детето што успеа сам кога ќе ме споменат за десетина, дваесет години. Сакам да бидам мотивација и инспирација за помладата генерација....

9. Колку и како ти влијае целата секојдневна интеракција со публиката што те следи?

Ми станаа фамилија, навика...дружбата со нив ме исполнува најмногу. Чувствувам одговорност ако не ставам видео неколку дена. Како да сум ги изневерил. Тие се мојот најголем ветер во грб. Без нив Стефан би бил никој и ништо.

јан-2022

10. Како се грижиш за своето здравје?

Како  што веќе споменав, добар тренинг, исхрана, одмор, и муабет со блиските. Многу е битно да останете здрав и во разумот, не само во телото. Со ова што го работам и темпото со кое   функционирам многу лесно доаѓаме до проблеми со психата. Така што се трудам многу преку здрави навики да останам присебен.

11. Дали сè уште спортуваш активно?

Не, одам во теретана за душа, за себе и за да се чувствувам дека спортувам активно. Но, реалноста е дека некогаш „забушавам“ и си дозволувам поголем одмор.

јан-2022

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈАНУАРИ 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>