Фармацевти
Контакт

<< Назад

Македонски дарителски регистар за коскена срцевина (МКДРКС)

јуни 1, 2023



Пишува: Д-р Мери Киријас

Приказната за дарителските регистри за коскена срцевина започнува во Велика Британија во далечната 1971 година со раѓањето на Ентони Нолан. Набргу по раѓањето тој е дијагностициран со ретко нарушување на крвта, Wiskott-Aldrich синдром. Единствениот познат лек бил трансплантација на матични клетки од дарител со компатибилен ткивен тип. Наоѓањето на таков дарител не било лесна работа.

Мајката на Ентони, Ширли Нолан, ја насочила својата енергија кон создавање на систем за собирање на информации за ткивниот тип на лицата и нивното чување, во облик кој ќе овозможи лесно наоѓање на соодветен дарител за пациентите на кои им е потребна трансплантација. На тој начин таа го формирала првиот дарителски регистар „Ентони Нолан“.
Дарителските регистри се организации чија што главна функција претставува регрутација, дарување, колекција, тестирање и дистрибуција на клетки кои се користат за терапија.
Тие претставуваат мост помеѓу дарувањето и трансплантацијата.

Од една страна регрутираат дарители и обезбедуваат клеточни продукти од нивните дарители до националните и интернационалните трансплантациони центри, а од друга страна во тесна соработка со локалните трансплантациони центри помагаат во потрагата по соодветен дарител за нивните пациенти. Трансплантација на коскена срцевина односно хематопоетски матични клетки е постапка со која се пренесуваат мултипотентни матични клетки, обично од коскена срцевина, периферна крв или крв од папочната врвца од дарител на примател со цел да се обноват функциите во телото.

Таа е една од најсложените интервенции во медици- ната при која се заменуваат не само хематопоет- ските клетки туку и имунолошкиот сис тем со тој на дарителот. Трансплантацијата на хематопоетски матични клетки е терапија од избор во третманот на бројни заболувања како апластична анемија, таласемија, имунонедостатоци, разни типови на леукемии и други. По поставувањето на индикација за трансплантација на матични клетки, следи одредување на ткивниот тип на пациентот и неговата најблиска фамилија. Ткивниот тип е претставен од молекули наречени ХЛА молекули (хумани леукоцитни антигени) кои се наоѓаат на површината на сите клетки и кои играат улога на прикажувачи на туѓите антигени. Постојат стотици различни ХЛА молекули, но заради начинот на наследување на ХЛА гените околу 25% од пациентите имаат идентичен брат или сестра во фамилијата. Останатите пациенти (околу 70%) немаат ХЛА-идентичен сроден дарител, па следно е барање на ХЛА-идентичен несроден дарител.

За таа цел во 2010 година е формиран Македонскиот дарителски регистар за коскена срцевина (МКДРКС) во рамките на Институтот за имунобиологија и хумана генетика на Медицинскиот факултет во Скопје. Преку своите бројни активности, кампањи, дарителски акции, предавања, телевизиски гостувања, се обидуваме да ги запознаеме граѓаните со активностите на Дарителските регистри и работиме на постојано зголемување на бројот на доброволни дарители во нашата база. Доброволен дарител може да биде секое лице на возраст од 18 до 50 години, во добра општа здравствена состојба, кое е спремно да помогне.

Во моментот на зачленување се пополнува информирана согласност со основните податоци за дарителот и се зема примерок венска крв.

Од него се изработува генетската анализа ХЛА типизација и се внесува во базата на Регистарот. Доброволниот дарител останува достапен за пребарување до 60-тата година од живот.
Може да биде повикан како потенцијално совпаѓање по неколку недели од регистрирањето. Или, можеби ќе бидат потребни години. Постои шанса никогаш да не бидете повикани, но исто така постои шанса дека ако бидете повикани, вие да бидете единствениот кој може да го спаси животот на пациентот.

Постапката на дарување започнува со медицински преглед и тестови со кој ќе се потврди дека сте нај- добриот избор. Во најголем број од случаите матичните клетки се земаат од периферната крв со помош на афереза која трае неколку часа и е безбедна за дарителот и веднаш може да продолжи со секојдневните активности. Собраните матични клетки се транспортираат до соодветниот трансплантационен центар, каде се трансплантирани на пациентот во постапка слична на трансфузија крв и со тоа пациентот добива шанса за втор живот.

МКДРКС е дел од World Marrow Donor Association (WMDA), здружение кое ги обединува Дарителските Регистри од целиот свет, со заедничка мисија а тоа е наоѓање на соодветен дарител на матични клетки за секој пациент. Иако ова семејство на доброволни дарители брои над 41 милион доброволни дарители во светски рамки, сепак има одреден број пациенти за кои не може да се најде соодветен дарител. Заради тоа, потребно е постојано да се зголемува овој број.

Со овој едноставен и несебичен чин можете да направите огромна промена во нечиј живот.

Секој заинтересиран граѓанин може да се зачлени во Дарителскиот регистар секој ден на Институтот за имунобиологија и хумана генетика, а за сите наши идни активности може да причитате на нашите профили на Facebook и Instagram.

БИДИ СРЦЕВИНА, БИДИ ХЕРОЈ!

За детално читање на овој текст, погледнете на 28-29 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Јуни 2023).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>