Фармацевти
Контакт

<< Назад

Медицински растенија – Hypericum spp. во Македонија

јули 1, 2022



Медицинските растенија претставуваат непресушен извор на соединенија со потенцијални лековити својства. Многу од нив уште од дамнина се користеле во традиционалната медицина за лечење на голем број на заболувања.

Согласно Светската Здравствена Организација (СЗО) статистички повеќе од ¾ од луѓето во земјите во развој користат хербални препарати подготвени од овие растенија. Скапиот третман, негативните ефекти на алопатските лекови и појавата на резистентност кон постоечките лекови, не тераат да се вратиме малку наназад во природата.

Хербалните производи почнуваат да заменуваат некои синтетички препарати, бидејќи се смета дека хербалните препарати се посигурни за човечка употреба и попријателски за животната средина.

Диворастечките растенија кои ги опфаќаат ретките и ендемични недоволно испитани видови, се повеќе се во фокусот на научните истражувања, бидејќи претставуваат богат извор на активни компоненти кои можат да имаат голем биолошки и фармаколошки потенцијал.

Истражувањата за составот, својствата и дејството на лековитите растенија се од посебен интерес за неколку научни дисциплини. Фитохемиските испитувања се во насока на екстракција, изолација и проучување на составот и хемиската структура на биолошки активните соединенија, додека пак фармакогнозијата дава посебен акцент на проучување на природните лековити суровини и нивното определено дејство врз човечкиот организам.

Како резултат на детерминираните биолошки активни компоненти на кантарионот (H. perforatum), во последниот период, проучувањето на другите видови од родот Hypericum пројавува се поголем интерес кај научниците.

Скринингот на секундарните метаболити кај Hypericum видовите, покрај значајноста во откривањето на нови извори на биолошки активни компоненти, може да биде корисна алатка во таксономската анализа на родот Hypericum.

При проучување на Hypericum таксоните констатирано е дека главно содржат флавоноиди, бифлавоноиди, фенилпропаноиди (фенолни киселини), катехин деривати (флаван-3-оли), кондензирани танини (проантоцијанидини), антоцијани, ацил-флороглуциноли (хиперфорин, адхиперфорин), нафтодиантрони (хиперицин и псевдохиперицин), ксантони, есенцијални масла.

Од флавоноидите најмногу се застапени хиперин, рутин, кверцитрин и изокверцитрин, а од фенолните киселини кафена и хлорогена киселина.
Присуството на овие компоненти кај видовите од родот Hypericum им овозможува голем број на биолошки активности како што се: антимикробна, антидепресивна (инхибиција кон моноамин оксидаза), невропротективна (дегенеративни заболувања како што се Алцхајмерова и Паркинсонова болест), антидијабетична (инхибиција на α-амилаза и α-глукозидаза), антиинфламаторна, аналгетска и хепатопротективна активност.

Производите од видовите на родот Hypericum може да се сретнат во форма на хербален чај (инфуз), таблети, капсули, гелови, креми, вагитории, спрејови и масла.

Како традиционален медицински производ кантарионот се користи за ослободување од привремена ментална исцрпеност, нервен немир и нарушување на спиењето.
Кантарионовото масло кое се добива со мацерација на надземниот дел од растението во фаза на цветање е широко користен традиционален лек.

Локално се применува за третман на изгореници и хронични улцери, а во форма на вагитории за за олеснување на симптомите при воспалителни процеси на вагиналната слузница проследени со зголемен вагинален секрет.

Родот Hypericum во флората на Македонија е застапен со 23 таксони:
H. perforatum var. perforatum, H. perforatum var. angustifolium, H. perforatum var. microphyllum, H. tetrapte- rum, H. maculatum subsp. immaculatum, H. maculatum subsp. maculatum, H. barbatum var. barbatum, H. barbatum var. macedonicum, H. barbatum var. trichanthum, H. montbretii, H. richeri subsp. grisebachii, H. richeri subsp. richeri, H. rumeliacum var. rumeliacum, H. rumeliacum var. blepharophyllum, H. olympicum var. olympicum, H. olympicum var. minor, H. dimoniei, H. cerastoides, H. annulatum, H. perfoliatum, H. hirsutum, H. linaroides, H. spruneri.

Кај 14 од овие 23 таксони беше проучен фитохемискиот состав, биолошката активност и антиоксидантниот капацитет. Истражувањата беа спроведени на институтите по Биологија и Хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

При тоа беше констатирано дека претставниците на родот Hypericum кои се застапени на територијата на Македонија претставуваат перспективен извор на фенолни соединенија со потенцијална биолошка активност кои можат да имаат апликативна примена во хуманата и ветеринарната медицина, фармацевтската, козметичката и прехранбената индустрија.

За детално читање на овој текст, погледнете на 14-15 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Јули 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>