Фармацевти
Контакт

<< Назад

Првата година на новороденчето

март 1, 2020

|

д-р Зорица Мартиноска Андонова
доктор на медицина
ПЗУ Педимедика, Штип



Пристигнувањето на новиот член е радост за целото семејство, но отвора и и голем број  прашања. И пред да пронајдете одговор, детето почнува да плаче. Што ли сака сега да ми каже, дали е гладно, дали имам доволно млеко, дали има грчеви? Прашања многу, а „советници“ уште повеќе. Баби, соседи, роднини, пријатели сите сакаат да го споделат своето знаење и искуство со вас и секој има по некој „паметен“ совет. Но, како да знаете дека тој совет е „вистинскиот“?

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ КОГА ЌЕ ДОЈДЕТЕ ДОМА?



Облекување и просторија: Се препорачува комотна и памучна облека, пожелно е користење  пелени за еднократна употреба. Просторијата каде што престојува новороденото треба да биде светла, често да се проветрува, а температурата треба да биде околу 22-23 Целзиусови степени, треба да се избегнува претоплување,  бидејќи тоа може да доведе до поспаност, плачливост, вознемиреност, потење и исипување на нежната бебешка кожа. Bо просторијата каде што престојува новороденото дете НЕ треба да се пуши.

Капење: Температурата на просторијата во која се капе новороденото треба да биде меѓу 24 и 26 Целзиусови степени, температурата на водата за капење треба да биде околу 37 Целзиусови степени. Секојдневно капење не е неопходно, бидејќи честото капење ја суши кожата на детето.

Нега на папочето: Се очекува папочето комплетно да се исуши и да отпадне до крајот на втората недела од животот. Папочето треба да се одржува чисто и суво. Пелената НЕ треба да го покрива папочето, за да се обезбеди негово побрзо сушење задолжително по капење, папочето се чисти со стерилна газа и 70 % алкохол; негата на папочето со друг тип препарати треба да биде само по препорака на лекар или патронажна сестра. Доколку има присутно на крвавење или друг вид секрет, потребна е консултација со лекар или патронажна сестра.

Плачење: Новороденото дете може да плаче од повеќе причини: влажни и полни пелени, гасови и грчеви во стомачето, потреба од храна, потреба од заштита или друштво. Потребно е да се исклучат СИТЕ можни причини за плачење на новороденото дете, на пример, да се сменат пелените, да се надои, да се постави во исправена положба за полесно да ждригне после доењето, да се затопли и благо да се масира стомачето за полесно да ги испушти гасовите, да се гушка, да се нишка, да му се пее и да му се зборува за да се релаксира. Доколку, и покрај преземените постапки новороденото дете продолжува интензивно да плаче, потребна е консултација со лекар.

Грчеви во стомачето: Некои бебиња имаат периоди проследени со интензивен и непрекинат плач кој е резултат на грчеви. Тоа е состојба која типично се појавува неколку недели после раѓањето и истите тие грчеви се губат во текот на третиот и четвртиот месец. Грчевите се дефинираат како плачење повеќе од 3 часа во текот на денот, во траење од три недели или подолго, кај здрави бебиња кои добро напредуваат. Плачот може да започне ненадејно без некоја посебна причина. Многу е тешко, па дури и невозможо да го смирите детето. Причината за појава на грчеви не е со сигурност разјаснета, а ефектите на третманот се различни. Грчевите не може да се спречат, но може да се намалат со следните постапки: држете го новороденчето во поисправена положба секогаш кога го доите, односно храните; овозможете му да жригне после оброкот; и правете благи масажи на стомачето.

Спиење и сон: Новороденото дете во првите недели може да спие поголем дел од денот ( околу 20 часа), особено  повеќе се поспани предвреме родените деца и новородените деца  кои имаат жолтица. Најсигурно место за спиење е подлога со тврд и чист душек, без перница, без прекривки над главата и без меки играчки поставени околу детето.  Новороденото дете треба да спие на грб, а НЕ на стомак; положбата на страна е дозволена на почетокот, но да се внимава детето да не се преврти, бидејќи може да дојде до негово задушување.



ИСХРАНА ВО ПРВИТЕ ШЕСТ МЕСЕЦИ

Исхраната на вашето дете во првата година од животот има големо влијание врз неговото здравје во текот на целиот живот. Мајчиното млеко е идеална храна која на детето му ги обезбедува сите хранливи состојки потребни во првите 6 месеци, и со тоа му овозможува нормален раст и развој.

Ексклузивно доење значи исхрана само со мајчино млеко во првите 6 месеци, без додавање  друга храна или течности. Мајчиното млеко овозможува заштита на децата од инфекции и болести, како и од појава на алергии. Исто така, доените деца многу побрзо закрепнуваат во случај на болест. Мајката која дои го намалува сопствениот ризик од настанување на одредени хронични болести, како, на пример, рак на дојка, депресија поврзана со породувањето и др.

Да потсетиме: доењето ви помага да остварите поблизок емоционален однос со вашето дете. За разлика од мајчиното млеко, вештачкото млеко НЕ ги содржи состојките што помагаат вашето дете да се заштити од инфекции, болести или алергии. Вештачкото млеко се користи по препорака на избран лекар (педијатар). Доколку мајката не е во можност да дои, од кои било објективни или субјективни причини, новороденото дете може да се храни со адаптирано млеко. Тоа претставува индустриски адаптирано кравјо или козјо млеко. Доколку детето се храни со адаптирано млеко, постапете според упатството на лекарот за количината што треба детето да ја прими во согласност со возраста или телесната тежина. Растојанието меѓу оброците треба да биде најмалку 3 часа, тоа е период потребен за потполно преработување на млекото во желудникот.



ИСХРАНА НА ДЕТЕТО ПО ШЕСТИОТ МЕСЕЦ

За новородените деца, односно за децата кои се на мајчино млеко и кои добро напредуваат, најдобро е да се почне со дополнителната исхрана околу 6-месечна возраст. За новородените деца/децата што се хранети со вештачко млеко, дополнителната исхрана може да почне од 4 до 6-месечна возраст, индивидуално, по препорака од лекар. Знаци дека детето е подготвено за дополнителна исхрана се: почнува да покажува интерес за храна, сака да џвака и да става предмети во уста, способно е да седне, иако сè уште му треба некаква помош и потпирање, способно е да посегнува и почнува да фаќа координирано, изгледа дека е гладно и по доењето или хранењето со млеко.

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕ СЕКОЈ РОДИТЕЛ ЗА ПРАВИЛНИОТ РАЗВОЈ НА ДЕТЕТО И КАКО ДА ГО ПОТТИКНУВА?

Како родител вие најдобро го следите развојот на вашето дете. Вие ја забележувате првата насмевка на вашето дете, првиот обид да седи, да оди, да зборува, да придржува предмети со шаката. Она што вие го гледате е како вашето дете расте и се развива низ развојни етапи од неговото детство. Секое дете е единствено. Некои бебиња проодуваат побрзо, некои, пак,  побрзо прозборуваат и затоа е многу тешко да зборуваме за единствена „развојна“ шема. Вашето време, љубов и внимание се најскапоцениот подарок и најдологорочната инвестиција која можете да му ја подарите на вашето дете. Немојте да трошите пари за скапи играчки, најскапата играчка за вашето дете сте токму вие. Важно е развојот да се стимулира и да се следи индивидуално и да се евидентира дали е соодветен за возраста на детето. Ова е особено важно за децата родени пред термин и децата со одреден ризик.

ПРЕПОРАКИ ЗА ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ И ЗАШТИТА НА ДЕТЕТО



ИМУНИЗАЦИЈА

Вакцинирањето е едноставен, лесен и ефикасен начин да го заштитите вашето дете од болести кои можат да предизвикаат сериозни последици. Вакцинираните деца може воопшто да не се разболат или ако се разболат да имаат многу полесен тек на болеста. Вакцините го стимулираат целокупниот, општиот имунитет кај децата. Секогаш кога прима вакцина, детето треба да биде здраво и во добра општа состојба. Примањето неколку вакцини истовремено не го нарушува одбранбениот систем на детето. Важно е да знаете дека секоја серија вакцини треба да се прими навреме, според календарот за вакцинација со цел да се обезбеди најдобра заштита и соодветен имунитет. Кај некои деца може да се јават реакции, како што се: умерено покачена температура, црвенило, подуеност, оток или други локални реакции на местото на убодот, односно на местото каде што била ставена вакцината. Некои деца може да бидат плачливи, раздразливи и да се однесуваат невообичаено. Овие реакции не треба да ве загрижуваат, бидејќи се минливи.

За детално читање на овој текст, погледнете на 16-17 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАРТ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>