Фармацевти
Контакт

<< Назад

Различноста е убава – АУТИЗАМ

април 1, 2020

|

Александра Карагирова
Дипл. Специјален едукатор и рехабилитатор
Член на МНЗА (Македонско научно здружение за аутизам)



Аутизмот е едно од најтешките развојни нарушувања, кое се јавува во најраното детство и го загрозува нормалниот развој на детето како и неговата адаптација во социјалната средина. Зборот аутизам потекнува од грчкиот збор „Autos“, што во превод значи сам, додека терминот аутизам значи „битисување во себе“, односно лош социјален контакт.

Аутистичниот спектар е комплексна состојба кое трае цел живот. Се нарекува развојно нарушување затоа што првите знаци и симптоми се јавуваат секогаш пред третата година од животот, во најинтензивниот развоен период и се манифестира  со проблеми во вербалната и невербалната комуникација, социјалната интеракција со другите луѓе и репетитивно однесување поврзано со рутини и шеми во секојдневните активности. Аутистичниот спектар на нарушувања ги засегнува социјалната интеракција и комуникација и се карактеризира со повторувачки шеми на активности.

Постои поголема присутност на аутизмот кај лицата од машкиот пол. Овој однос варира и зависи од дефиницијата на аутизмот, но истражувањата покажуваат дека односот машки наспроти женски лица е помеѓу 3:1 и 4:1.

Етиолошки, аутизмот може да биде поделен на идиопатски (кога не може да се идентификува ризик факторот) и секундарен (кога може да се идентификува ризик факторот). Околу 80-85% од случаите со аутизам се идиопатски, а 15-20% се секундарни. Кај аутизмот не постои само една причина. Тоа е хетерогено нарушување предизвикано од многу фактори и секако врз една генетска пречуствителност.

Рани знаци што треба да го натераат родителот да се посомнева и да побара стручна помош се:  отсуство на контакт со очи, кога детето не реагира на сопственото име, вознемирено е и не знае да каже што сака, има задоцнет или отсутен развој на говор, не одговара на задачите кои му ги поставува родителот, на моменти се однесува како да е глуво, не покажува со прст кон предметите кои сака да ги добие, престанува да ги користи зборовите кои веќе ги употребувало, манифестира агресивно и автоагресивно однесување (многу изразени тантриуми), има стереотипии, хиперактивно е, не соработува или се инаети, не знае како да игра со играчките, не одговара со насмевка кога му се смеете, најчесто игра само и многу често е фиксирано за иста играчка или одреден предмет, живее во сопствен свет, врзано е за ритуали во секојдневниот живот и силно се вознемирува кога истите ќе се нарушат, ги реди играчките по точно определен редослед, се облекува секогаш по некој сопствен ред, се движи по точно утврдена патека по домот и др.

Дијагнозата за аутизам ја воспоставува лекар педијатар, детски психијатар или некој што има специјализирано во областа на аутизмот. Во идеален случај проценката ја врши мултидисциплинарен тим составен од лекар, специјален едукатор и рехабилитатор, логопед и психолог.

Кога ќе биде потврдена дијагнозата, треба да се пристапи кон третман. Раниот третман значително го подобрува исходот и го оспособува детето за посамостоен живот.



Раните интервентни програми се фокусираат на учење на социјални и комуникациски вештини. Основен принцип е дека учењето треба да биде прилагодено на секое поединечно дете, а способноста за учење се докажува со напредокот кој се постигнува. Во работата со деца со аутизам, јас како специјален едукатор и рехабилитатор, во мојот приватен центар, Центар за стимулација, раст и развој „СТАРС“ од Велес, ги користам специјалните методи како што се: терапија со сензорна интеграција, PECS метода, ABA – применета бихејвиорална анализа, Floor time, brain gym, логопедска терапија, TEACHH метода. Сите овие методи имаат јасен принцип на работа и структура која треба да се спроведе во работата.

Исто така биомедицинскиот третман е дел од третирањето на оваа состојба и самиот третман во себе опфаќа повеќе постапки како што се: витаминска терапија  и терапија со минерали, аминокиселини, ензими, детоксификација на тешките метали, примена на додатоци во исхрана, органски киселини, пробиотици и антифунгална терапија.

Постојат сигурни податоци дека многу од лицата кои што се со аутизам се интолерантни на храна која содржи глутен и казеин, па мора да се придржуваат кон диета и правила кои мора да се почитуваат за да се детерминираат проблемите во организмот.

Семејството во целиот процес ни претставува главна алка, за да можат резултатите да бидат сеопфатни и видливи. Превенцијата на аутизмот е дискутабилна работа, но не и невозможна. Поради тоа што сè уште немаме познат причинител за ова нарушување, превенцијата оди тешко, но со точни насоки, методи, техники, исхрана, биомедицински третман и поддршка од семејството може да се минимизира ризикот за развој на аутизам.

Ние како невладина организација, Македонско научно здружение за аутизам (МНЗА) (http://mssa.org.mk/), обезбедуваме ресурси за помош на лицата со аутистичен спектар на нарушување и нивните семејства, институциите и невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика, како и научно истражувачка, едукативна и професионална поддршка во инклузивно општество во кое лицата со аутистичен спектар на нарушување и нивните семејства живеат квалитетен живот.

Главната мисија ни е подигнување на јавната свест за лицата со аутизам, како и подобрување на третманот и квалитетот на живеење на овие лица и нивните семејства преку организирање на настани, едукација и проекти во рамките на Република Македонија.

„Да не биде само месец април обоен во сина боја!!“

За детално читање на овој текст, погледнете на 4-5 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>