Фармацевти
Контакт

<< Назад

Себороичен Дерматитис

април 1, 2022

д-р Емилија Минова
спец. по дерматовенерологија
Поликлиника Рес-Хумана

|



Себороичниот дерматитис е хронично рецидивантно воспаление на кожата во себороичните регии. Точната причина сè уште е непозната, но се верува дека неколку фактори играат важна улога во настанувањето. Претходно се сметаше дека основен услов за појавата на себороичен дерматитис е наследната себороична конституција. Иако промените  се јавуваат првенствено во себороичните регии, прашањето на себореја (интензивно мастење на кожата) останува спорно, бидејќи зголемено лачење на лојните жлезди е присутно само кај околу 50 % од пациентите.

Доколку себорејата е манифестна, таа претставува предиспонирачки фактор, и за неа придонесуваат хормоналната и вегетативната дисфункција. Воспалението на кожата често настанува поради дразби од некои секундарни, често сложени фактори (на пр.,  различни микроорганизми или нивните распадни продукти, промени во составот на себумот, механичка траума, иритација на кожата со облеката). Во последните години повеќето автори ја прифатија квасницата Pityrosporum ovale како одговорна за развој на болеста. Себороичен дерматитис се јавува кај околу 2 – 5 % од населението, почесто кај мажите.

Два периода се карактеристични кога оваа состојба се јавува: првите три месеци од животот и  втората возраст е адолесценцијата. Себороичниот дерматитис кај новороденчето во суштина е идентичен со карактеристики кои се присутни и кај возрасните. Разликите се како резултат само на анатомските и биолошките својства на региите, а кожата на новороденчето реагира различно отколку кај возрасните. Кај новороденчињата постои силна неспецифична надразливост и подготвеност за ексудативна реакција за разлика од возрасните, каде што истиот стимул доведува до акумулација на клеточен инфилтрат и сува воспалена кожа. До крајот на шестата недела од животот во организмот на новороденчето циркулираат  хормони од мајката кои се физиолошки стимулус за лојните жлезди, а подоцна одржувањето на себороичен дерматитис може да го поддржат дигестивни нарушувања поради сè уште недоволно функционално оспособениот дигестивен тракт или неадекватна исхрана богата со масти.

Dermatitis seborrhoica обично ги зафаќа т.н. себороични регии: скалпот, лицето, ретроаурикуларно (зад ушните школки), стернална и интерскапуларна регија, помалку субмамарна регија, аксиларните, лакотните и јамите на колената. На скалпот се присутни најчесто остро ограничени фокуси со големина на метална монета или поголеми, со различна форма, розе-црвено пребоени, покриени со бело-жолтеникави сквами, кои може да конфлуираат. Понекогаш промените го покриваат целиот скалп и преминуваат кон кожата на челото, темпорално, ретроаурикуларно и во тилната регија во форма на остро ограничени црвено-жолтеникави ленти, долж работ на косата со кожата на главата, во ширина од 1 до 2 см со изразени сквами (corona seborrhoica). Во ретроаурикуларната регија доколку настане секундарна инфекција со стрептокок доведува до силен еритем и влажност во регијата, која се прекрива со красти и сквами (streptodermitis retroauricularis). Себороичен дерматитис на скалпот кој се презентира со изразен интензитет клинички, па и хистолошки, понекогаш многу тешко се диференцира од псоријаза на скалпот. Таквите преодни случаи се нарекуваат seboriasis. Понекогаш може да се појават жаришта со овален или неправилен облик, со големина на метална монета, покриени со наслаги од белузлави сквами, кои имаат сјај како честички на азбест, а под нив се забележува црвена влажна кожа. Ваквите промени се означуваат со терминот pseudotinea amyantacea.

Во лицевата регија промените обично се јавуваат на веѓите, глабелата, долж носните крила, образите и брадата во форма на повеќе или помалку остро ограничени розе по боја суви жаришта,  со минимално изразена појава на првут и јадеж. Рабовите на очните капаци можат да бидат зацрвенети и со гранули на површина (blepharitis marginalis).

Dermatitis seborrhoica colli perstans e варијанта на себороичен дерматитис, која се јавува кај женската популација во регијата на вратот, во форма на тенки, светлокафени до жолто пребоени, остро ограничени суви наслаги кои со грепкање тешко можат да се отстранат. Во стерналната и интерскапуларната регија жариштата најчесто се  округли, овални или во форма на метална монета со иста големина, лесно инфилтрирани и со црвено-жолтеникаво пребојување (dermatitis seborrhoica mediothoracica typus petaloides). Во наборите аксиларно, субмамарно, препоните и аногенитално обично се јавува дифузна, остро ограничена  реакција со сквами и красти, а во длабочина на наборите се формираат и рагади. Текот на болеста е хроничен со ремисии и егзацербации. Најчесто започнува на скалпот, а подоцна и на други локализации.

Дијагнозата обично се поставува врз основа на клиничката слика. Миколошкото испитување често пати потврдува присуство на квасница Pityrosporum ovale. Диференцијално дијагностички треба да се земат предвид  дерматози кои се карактеризираат со појава на еритемни фокуси на чија површина се присутни сквами: на скалпот, пред сè, псоријаза,  на лицето и трупот – дискоиден лупус еритематодес и себороичен пемфигус, на трупот – питиријазис розеа.

Терапевтскиот третман обично е долготраен и не секогаш доста успешен. Општата терапија е слична како кај состојба на себореја. Во исхраната треба да се избегнуваат концентрирани јаглехидрати, масти и силни зачини. Локалната терапија се применува во форма на шампони, пудри/прашоци, течна пудра, пасти, емулзија или алкохолна суспензија (во зависност од степенот на воспаление и локализацијата), во која има сулфур (2 – 10 %), салицилна киселина (2 – 5 %), резорцинол (0,5 – 3 %), катран  (0,5 – 1 %), селен сулфид, цинк пиритион и антимикотик, особено кетоконазол кој дејствува  на квасницата Pityrosporum ovale.

За детално читање на овој текст, погледнете на 26-27 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>