Фармацевти
Контакт

<< Назад

Три места кои мора да ги посетите ова лето

јуни 1, 2020

|

Пролетта е период од годината кога најчесто ги избираме дестинациите  што сакаме да ги посетиме. Често, тоа се дестинации надвор од границите на нашата земја. Понекогаш забoраваме или, пак, не знеме колку убавини крие Македонија во нејзината внатрешност.

Природата тука се распослала на сите страни. Била толку многу дарежлива што насекаде покрила со раскош и убавина која ни ја исполнува душата и срцето. Нашата земја има толку многу места со кои треба да бидеме горди. Недопрената природа, живиот свет, долгата историја и традиција, ја прават нашата земја убаво, топло и сакано место за сите.

Додека сè уште не сте го пополниле вашиот список за патување, ви предлагаме да ги посетите овие три прекрасни локации во Македонија чијашто убавина е подеднаква во секој период од годината.

Очите ќе ви ги наполнат со убавина и спокој, ќе ви се смири душата и ќе предизвикаат уште повеќе да ја засакате својата земја.

Вевчани – местото на непокорот



Кога ќе сакате да побегнете од градската бучава и да се одморите од сè, топло ви препорачуваме да го посетите Вевчани. На патот кон Струга, по селото Велешта, или, пак, доколку се движите по патот од Маврово, на 14 км од Дебар, во подножјето на планината Јабланица е сместенa една од најубавите македонски општини – Вевчани. Ова место во себе крие многу легендарни приказни. Освен што е препознатливо по традиционалниот карневал кој секоја година се одржува на празникот Василица на 13 и 14 јануари, Вевчани изобилува со флора и фауна, а вистинска атракција за сите посетители се Вевчанските извори. Место за спокој на душата и приказна за очите. Додека се движите по патот за да стигнете до изворите, ќе уживате во уникатната архитектура на старите куќи во Вевчани кои пленат со топлина. Во склоп на изворите, направена е посебна пешачка патека каде има дрвени клупи и масички и можете да уживате во звуците на водата од изворите, чистиот воздух, трепетот на листовите од дрвјата и зеленилото кое е распростането 180 степени околу вас. Вевчанската традиција уште повеќе се истакнува со рестораните што  се наоѓаат во ова место. Едни од најпознатите вевчански специјалитети што ќе ги најдете во сите ресторани овде се: вевчанскиот кашаник, јагнешко/свинско под сач,  вевчански гулаш и вевчански луканец. Во комбинација со овие јадење, вевчанци ќе ве угостат и ќе ве послужат со нивното вино „вевчанската керф“. Пред изворите, од левата страна се наоѓа старата воденица која сè уште работи. Тука вевчанци го мелат брашното од кое  прават вкусни пити и најубавиот леб. Преку спојот на дрвото и каменот, традиционалните предмети во рестораните, вевчанската архитектура и недопрената природа, ќе ја почувствувате топлината што ја овозможува нашата земја. Во Вевчани, можете да ги посетите и манастирот Свети Спас Горни, кој се наоѓа на надморска височина од 1300 метри, излетничкото место Јанков Камен и Голина (каде што се наоѓа природното езеро Локва). Вевчанци се големи домаќини и луѓе што ја негуваат македонската традиција и обичаи. Секоја куќа е отворена да ве пречека и да ве угости.

Кокино – тврдината на сонцето и месечината



Многу убавини ја красат нашата земја. Една од нив е и неверојатната градба, древната мегалитска опсерваторија Кокино, создадена под влијание на природните сили. Сместена е на неовулкански рид, на надморска височина од 1030 м, веднаш под планинскиот врв Татиќев Камен, во атарот на село Кокино, Кумановско. Оваа опсерваторија е откриена во 2001 година, а датира од 1800 г. пр.н.е, односно од раното бронзено време.       Во 2005 година вселенската агенција НАСА ја рангираше оваа тврдина  на 4 место по старост во светот. Локалитетот се состои од повеќе шилести карпи создадени со стврднување на истечена лава од активен вулкански кратер, каде се создале процепи. Посетете го Кокино и одете по стапките на вашите предци од бронзеното време. Наша препорака е местото да го посетите на изгрејсонце, кога е волшебно, медитативно и магично.

Куклица геолошкиот резерват „Весела свадба“



Во источниот дел на Македонија, во село Куклица, Кратовско, се наоѓа геолошкиот резерват „Весела свадба“, кај народот познат уште како Куклици, Кукли и Пијани сватови. Станува збор за уметничко дело на природата, старо над 50 илјади години, настанато со вертикална ерозија на меките вулкански карпи.

Геолошкиот резерват „Весела свадба“ е ремек-дело на природата. Во резерватот има 148 кукли, или земјени пирамиди. На просторите каде што се куклите имало езеро. Со истекувањето на езерото, почнува нивното моделирање, што трае и ден-денес под влијание на гео-егзогените фактори. Во геолошкиот резерват Куклица се најдени   фосилни остатоци од дендро-флора, скаменети дрва. Ова му дава тежина на резерватот, затоа што го прави еден од  трите резервати во целиот свет (останатите два се во Кемниц и Лезбос – Грција). Овој природен феномен или, пак, легенда оценете го сами, но во секој случај додадете ја Куклица на вашата листа за пролетни или летни викенд-екскурзии.

За детално читање на овој текст, погледнете на 30-31 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУНИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>