Фармацевти
Контакт

<< Назад

Хепатит

јули 1, 2021

Д-р Катерина Ристоска
Специјалист по интерна медицина
ПЗУ Нефро плус, Скопје

|



Црниот дроб претставува витален орган кој извршува значајни функции во организмот. Во него се создаваат голем број хранливи материи, коагулациони фактори, а и се прочистува крвта од токсични материи. Секое заболување или оштетување на црниот дроб доведува до значајно пореметување на целокупната функција на организмот.

Хепатитисите претставуваат група на заболувања кои  го зафаќаат црнодробното ткиво, предизвикувајќи воспаление на црниот дроб.

Има повеќе видови на причинители на хепатитис, како што се: прекумерна употреба на алкохол, различни токсини, дроги, хемикалии, лекови, автоимуни заболувања, но најчеста причина за оштетување и заболување на црниот дроб се вирусните хепатитиси.

Вирусните хепатитиси се распространети во целиот свет, со различен процент на јавување на заразени лица, особено во неразвиените и земјите во развој. Се јавуваат ендемично, но и во поголеми епидемии и пандемии. Ги има повеќе видови, но најчести се петте вида на вирусни хепатитиси, класифицирани како хепатитис А, Б, Ц, Д и Е, кои сочинуваат 95 % од вкупниот број на заразени лица.

Ако се има  предвид дека хепатитис Б и Ц   афектираат повеќе од 320 милиони луѓе глобално, со по 3 милиони новоинфицирани лица на годишно ниво и 1,1 милион смртни случаи, исто така, годишно, тогаш станува јасно дека превенцијата и навременото лекување од овие заболувања игра значајна улога во нивното сузбивање. Ширум светот околу 290 милиони луѓе живеат со вирусен хепатитис без и да знаат дека се инфицирани, а околу 400 милиони се хронични носители на вирусот. Тоа многу зборува за потребата од навремен скрининг и дијагностика на вирусните хепатитиси, токму за откривање на овие асимптоматски форми, за да се спречат ширењето и хроничните последици по здравјето, кои  нелекувани може да доведат и до фатален исход.

Вирусните хепатитиси може да предизвикаат акутна, хронична и фулминантна форма на црнодробна болест.

Акутната форма доведува до нагло воспаление на црниот дроб, може да се развие во тешка болест, но трае пократко од 6 месеци и во најголем број случаи е самоограничувачка болест, додека хроничната форма трае подолго од 6 месеци и е состојба на трајно воспаление на црниот дроб, што доведува до големо оштетување на црнодробното ткиво и има потежок тек. Фулминантната форма претставува тешка форма на акутен хепатитис која  се влошува нагло и многу брзо и најчесто завршува со смртен исход.

Вирусните хепатитиси се разликуваат меѓу себе според географската дистрибуција, начинот на пренесување, начинот на кој  доведуваат до оштетување на црниот дроб, методите на превенција и лекување, како и според долгорочните последици  што ги оставаат по здравјето на човекот.

Трансмисијата или начинот на пренесување може да биде преку орален пат со контаминирана храна и вода (најчесто на овој начин се пренесуваат хепатитис А и Е), најчести се во земјите со ниски хигиенски стандарди, меѓу народот познати како заразна жолтица, се нарекуваат и болест на валкани раце и предизвикуваат акутна минлива болест. За разлика од нив, хепатитис Б и Ц се пренесуваат преку крв и крвни продукти, може да се пренесат и преку сексуален контакт, вертикална трансмисија од мајка на бебе, како и преку останатите телесни течности.

Од хепатитис А и Е најчесто заболуваат деца како резултат на недоволна општа и лична хигиена, додека од хепатитис Б и Ц заболуваат почесто ризичните групи на популацијата: зависници од интравенски дроги, хомосексуалци, промискуитетни лица. На ризик од зараза со овие видови на хепатитис се изложени и здравствените работници од сите профили кои доаѓаат во контакт со крв и други телесни течности, како и дел од пациентите кои  се изложени на одредени медицински постапки и процедури, како што се: хемодијализните пациенти, трансфузии на крв и трансплантации на органи од инфицирани лица (кои  денес се многу ретки), акцидентални повреди со контаминирани предмети, инструменти и игли.

За разлика од овие хепатитиси, кои  секој самостојно доведува до црнодробно заболување, хепатитис Д доведува до инфекција само заедно со хепатитис Б и се нарекува сателитски вирус.

Хепатитис Б и Ц често се со благи симптоми или асимптоматски, но преминуваат во хронична форма и во најголем број  случаи предизвикуваат тешки оштетувања на црниот дроб, доведувајќи до цироза и црнодробен карцином (секој трет заболен од карцином на црн дроб во минатото имал прележан вирусен хепатитис).

Периодот од заразување па сè до развивање  симптоми се нарекува инкубационен период и може да трае од 15 до 50 дена кај хепатитис А, 26-45 дена кај хепатитис Е, 60-150 дена кај хепатитис Б или 2-26 недели кај хепатитис Ц, додека кај хепатитис Д од 2 до 8 недели.

Симптомите на заболувањето може да бидат од благи, па сè до сериозни, вклучувајќи: покачена телесна температура, немање апетит,  малаксаност, пролив, мачнина, стомачни болки, темна боја на урината, светла пребоеност на изметот, жолта пребоеност на кожата и слузниците, исип по кожата, појава на модринки, крвавења, асцит – развој на вода во стомакот. Овие симптоми се поизразени кај хепатитис А, додека кај хепатитис Б и Ц може и да нема изразени симптоми.

Кај хепатитис Б вирусот по завршено лекување може да се појави реактивација на вирусот во определени состојби и заболувања на организмот: при употреба на имуносупресивна терапија поради различни заболувања, при употреба на терапија за лекување  карцином, при терапија после трансплантација на органи, како и при коинфекција со хепатитис Ц.

Дијагнозата на вирусните хепатитиси се поставува преку серолошки иследувања, со определување на специфичните антигени и антитела за секој вирус посебно, како и со биохемиски испитувања кои  ќе ни покажат колкаво и какво е црнодробното оштетување. Од помош се и дијагностичките imaging техники: ултрасонографијата на црн дроб, компјутерска томографија и сл.

Превенцијата или постапките кои би овозможиле сузбивање на овие заболувања се различни и вклучуваат достапност на чиста вода, достапност на средства за хигиена и дезинфекција, соодветна општа и лична хигиена, особено на раце, соодветни санитарии, како и вакцинација против соодветниот вирус.

За жал, превенцијата со вакцинација е достапна само за хепатитис А и хепатитис Б, а во САД и за хепатитис Е. Вакцинацијата се одвива според вакцинален календар одобрен од министерствата за здравство во секоја држава посебно.

Начинот на лекување е симптоматски и со употреба на антивирусна терапија за соодветниот тип на хепатитис, која, за жал, е прилично скапа и недостапна за голем дел од сиромашните земји во светот.

За детално читање на овој текст, погледнете на 4-5 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУЛИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>