Фармацевти
Контакт

<< Назад

11 март 2021 – Светски ден на бубрегот

март 1, 2021

м-р Душко Ѓорѓиев, претседател
Здружение на бубрежно болни граѓани
НЕФРОН – Скопје

|



Светскиот ден на бубрегот World Kidney Day  е најодбележуван настан во светот кој се фокусира на важноста на здравјето на бубрезите.

Светскиот ден на бубрегот се одбележува секоја година во вториот четврток од месец март, во повеќе од 200 земји ширум светот на сите континенти.

Македонија преку активностите на Здружението на бубрежно болни граѓани Нефрон уште од 2007 година е приклучена кон светската кампања на меѓународните организации ISN и IFKF  World Kidney Day и од тогаш во соработка со стручните медицински здруженија, институциите, пациентите и медиумите во нашата земја спроведуваме активности за подигнување на јавната свест за хроничните бубрежни болести за нивната превенција, дијагностицирање, третманот и справувањето со болеста.

Секоја година светската кампања е насочена кон одредена тема асоцирана со хроничната бубрежна болест, а во 2021 година слоганот на кампањата е: „Живеј квалитетно со бубрежната болест“.

Бубрежните болести се незаразни болести кои во моментов погодуваат над 850 милиони луѓе ширум светот. Еден од десет возрасни има некоја форма на хронично заболување на бубрезите. Во голобални рамки ХББ (хроничната бубрежна болест) секоја година расте и се предвидува дека во 2040 година ќе биде петта болест како причина за смртност на годишно ниво.



И во Македонија според статистиката 1 од 10 возрасни или околу 200 000 граѓани имаат некоја форма на бубрежно заболување. Во краен стадиум на болеста (стадиум 5), кога е неопходно да се примени бубрежно-заместителна терапија, се лекуваат 1600 пациенти на дијализа во 23 центри за дијализа низ државата. Дијализата е најчесто застапен метод во нашата земја за третирање на крајниот стадиум на бубрежната болест кога двата бубрега повеќе не можат да ги извршуваат финкциите кои се од витално значење за организмот. 1600 лица секој втор ден го продолжуваат својот живот благодарејќи на дијализата.  Тие поминуваат по 4-5 часа во дијализен центар каде им се прочистува крвта од сите отрови и вишок вода од организмот благодарение на апаратот за дијализа. Дијализниот третман е тежок и исцрпувачки за пациентите. Особено што пациентот мора да се вклопи во нова животна рутина и да промени многу од своите животни активности и навики и да  научи да живее со бројни рестрикции. Термините за дијализа се фиксни, чести, траат долго и не смеат да се пропуштаат. Секој втор ден пациентот на дијализа „купува“ време од својот живот, дијализирајќи се 4 -5 часа за да живее во следните 48 часа.

Иако најоптимален метод на лекување на бубрежната болест е трансплантацијата на бубрег, сепак, во нашата земја е недоволно применуван. Трансплантацијата на бубрег од жив донор или од кадавер е сложена медицинска процедура кога во телото на болниот се „пресадува“ орган од друг човек. Дарителот може да биде познат член од семејството или, пак, непознат дарител, кога со „органодарителство“ органите од починати лица со мозочна смрт се пресадуваат во телото на други лица за да се спаси нивниот живот. Кога органодарителствотото  би било повеќе развиено и би се вршеле повеќе трансплантации, повеќе луѓе би можеле да живеат достоинствено и поквалитетно  со бубрежната болест. Трансплантираниот пациент е рехабилитиран, може да им се врати на своите животни обврски, да придонесува за семејството и општеството, не е „врзан за апарат“ и може да патува...

Квалитетот на живеење кај пациентите со хронична бубрежна болест варира и во зависност од нивниот карактер, опкружувањето, семејната атмосфера, како и од другите придружни болести.



Хроничната бубрежна болест (ХББ) е опасна и тивка болест која најчесто доцна се дијагностицира. Бубрежните болести можат да се превенираат и да се лекуваат доколку на време се откријат. Со навремено дијагностицирање и соодветно лекување ќе се одложи или ќе се избегне доаѓањето на крајниот петти стадиум на болеста. Затоа апелираме секој човек најмалку еднаш годишно да ја проверува функцијата на бубрезите. Тоа се врши преку едноставни тестови на крвта и урината (мерење на вредностите на уреа и креатинин). Оваа проверка може да ја направи матичниот лекар  преку анализи во секоја лабораторија. Вредноста на креатининот и во светски рамки досега се покажал како најдобар маркер за мерење на бубрежната функција.

Повеќето луѓе немаат симптоми сè додека хроничната бубрежна болест не напредне. Човекот може да изгуби до 90 % од функцијата на бубрезите без да почувствува никакви знаци или болки. Токму затоа таа е позната како „тивок убиец на организмот“. Високиот крвен притисок и дијабетесот се најчестите причинители за појава на бубрежна болест кај возрасните.

Со одговор на неколку едноставни прашања може да дознаете дали сте во ризик да развиете хронична бубрежна болест:

*** Доколку одговорите со ДА на повеќе од едно прашање од наведените, задолжително советувајте се со вашиот матичен лекар за контрола на вашите бубрези!

Сепак, превенцијата на бубрежната болест е можна со применување  здрави начини на живот и исхрана, кои може да се практикуваат од најрана возраст.

Постојат 8 златни правила кои го намалуваат ризикот од ХББ – хронична бубрежна болест а тоа се:

  1. Бидете активни и вежбајте

  2. Редовно контролирајте го шеќерот во крвта

  3. Мерете и регулирајте го крвниот притисок

  4. Хранете се здраво и контролирајте ја вашата телесна тежина

  5. Пијте доволно течности, особено вода

  6. Не пушете

  7. Не земајте лекови на своја рака

  8. Редовно, најмалку еднаш годишно проверувајте ја функцијата на вашите бубрези.




Симптоми кои може да укажат на појава на болеста се отечени глуждови, замор, тешкотии во концентрацијата, намален апетит, крв во урината или пенеста урина. Навремена дијагноза на болеста ќе придонесе за успешно справување со неа и ќе го одложи или ќе го запре нејзиниот напредок. Затоа, редовно помислувајте на своите бубрези и грижете се за нив додека се здрави,  бидејќи тие се едни од виталните органи без кои не може да се живее нормално.

Сè останато е само „приспособување“ на болеста која во голема мера ќе ви го одредува животот.

За детално читање на овој текст, погледнете на 4-5 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАРТ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>