Фармацевти
Контакт

<< Назад

ОТКРИВАЊЕ НА АНТИТЕЛА ВО БРЕМЕНОСТА

октомври 1, 2019

Важно за идните мајки

Кога сте идна мајка, еден од тестовите кои треба да ги направите е тест на антитела против црвени крвни клетки или т.н. скрининг на антитела.

 

Автор: Невенка Бујандриќ

асс. прим. д-р на мед. науки, специјалист трансфузиолог

Доколку во вашата крв постојат антитела против црвените крвни клетки кои вашиот имунолошки систем ги создал затоа што сте добиле крв од дарител или порано сте имале породување или абортус, овој тест ќе ги открие. Постои и шанса антителата да се создадени затоа што вашата крвна група и крвната група на бебето се разликуваат. Некои од овие антитела може од вас да се пренесат во крвотокот на бебето и да му наштетат. Кога ги тестирате антителата и ќе дознаете дали ги имате, можете да преземете чекори да го заштите бебето.

Кои се најчести антитела

Вашиот имунолошки систем може да направи различни антитела кои може да ги нападнат црвените крвни клетки на вашето бебе. Најчесто антителата се создаваат на протеинот (RhD фактор) на црвените крвни клетки. RhD фактор имаат 85% од луѓето (RhD позитивни). Ако вие немате RhD фактор (RhD негативни сте), а вашето бебе го има, вашиот имунолошки систем може да создаде анти-D антитела кои може да се пренесат во крвта на вашето бебе, да ги нападнат и да ги уништат неговите црвени крвни зрнца. Последиците ќе бидат анемија која може да биде многу сериозна или дури и фатална.

Несогласувањето на RhD факторот и несогласување помеѓу ABO на вашата крвна  група (мајка со O крвна група) и вашето бебе (бебето со A или B крвна група) може да доведе до проблеми. Во овој случај тестот за антитела не може да предвиди дали ќе дојде до проблем затоа што овие антитела природно се присутни.

Дали постои превенција

Постои превенција за создавања антитела на RhD фактор. За да ја намалите веројатноста како RhD негативна мајка да создадете анти-D антитело, можете превентивно да се заштитите со инјекција анти-D имуноглобин во приближно 28 недела од бременоста. Анти-D имуноглобулинот се врзува во вашата крв за црвените крвни клетки на вашето бебе, маскирајќи го нивниот RhD протеин и спречувајќи го вашиот имунолошки систем да развие антитела. Во текот на бременоста може да ви бидат потребни дополнителни инјекции ако правите амниоцентеза, земање примерок од хорионските ресички или имате повреда на стомакот. Пред секоја инјекција морате да направите тест на антитела затоа што инјекција можете да примите само ако сè уште не сте создале RhD антитела. Анти-D имуноглобулин треба да примате и ако дошло до спонтан или намерен прекин на бременоста. Во сите наведени ситуации анти-D имуноглобулин треба да примате најдоцна во рок од 72 часа.

Примена на анти-D имуноглобулин и превенција од создавање анти-D антитела ќе ви овозможи секоја следна бременост да ја започнете без проблеми и ризик по бебето.

Што да се прави кога ќе се утврди антитело

Кога ќе се откријат антитела, лекарот ќе ја утврди нивната специфичност и ќе предвиди потенцијал за оштетување на бебето. Трудниците со антитела (анти-D, анти-C и анти-K) за кои се знае дека имаат потенцијал да предизвикаат значајни оштетувања на бебето се контролираат според утврдени алгоритми. Алгоритмите вклучуваат зачестени тестирања, мерење на концентрацијата на антитела, упатување на лекар специјалист, следење по породување и друго.

Кои се дополнителни можности

Во проценката дали ќе дојде до создавање антитела или дали создадените антитела ќе бидат штетни за детето помага тестирање на биолошкиот татко. Во ситуација кога е откриено штетно антитело би требало да се тестира и бебето за да се утврди дали неговите црвени крвни клетки ги имаат за вас туѓите фактори кои можат да бидат целни. Ако ги имаат, вашиот лекар ќе го следи нивото на вашите антитела и здравјето на вашето бебе во текот на траењето на бременоста. Ако се појават знаци дека бебето ќе се разболи, можно е лекување пред раѓање (како што е интраутерина трансфузија) или предвремено породување.

Како да се обезбеди генетски материјал од бебето пред раѓањето

Собирање на клетките од бебето за тестирање може да се изврши со амниоцентеза или земање примероци од хорионските ресички. Меѓутоа, овие инвазивни техники носат ризик од абортус и може да ги засилат антителата на мајката ако се присутни. Постои можност и од неинвазивно собирање на клетките од бебето од крвта на мајката и молекуларно тестирање на ДНК материјалот.

Тестирање на бебиња по раѓањето

Во случај со тестирање кај вас да се докажани антитела и вашето бебе по раѓањето ќе биде тестирано на присуство на антитела и ќе му биде одредена ABO крвна група и RhD фактор. Бебето на ист начин ќе биде тестирано и ако вашата крвна група е O или ако сте RhD негативни.

Тестирање на бебето по раѓањето овозможува негов ран третман во случај да се создадени антитела, но и целна заштита на RhD негативни мајки доколку по  породувањето е утврдено дека бебето е RhD позитивно, но нема создадени анти-D антитела.

Каде да се изврши скрининг на антитела

Тестирање на антитела против црвени крвни клетки и утврдување на нивната специфичност можете да направите во секоја трансфузиолошка установа во земјата.

Кога да се јавите на тестирање

Во раната фаза од бременоста би требало да ја утврдите својата ABO крвна група и RhD фактор. Во првото тримесечје направете и тест на антитела без разлика на тоа дали сте RhD позитивни или RhD негативни. Техничарот ќе земе примерок од крвта од вената во вашата рака. Примерокот ќе го прати во лабораторија да се направи индиректен Кумбсов тест, кој проверува постоење на антитела против црвените крвни клетки. Тестот на антитела би требало да се повтори во текот на третото тримесечје (28 или 29 недела од бременоста). Ако сте RhD-негативни, ќе го повторувате тестот на антитела почесто во текот на бременоста. Во прашалникот за трудници ќе ги дадете податоците за текот и исходот од претходните бремености и абортуси, интервенции или компликации во текот на бременоста, примање трансфузија на крв и други важни податоци како што се жолтица или измена на крв кај претходни деца. Задолжително наведете ако сте примиле пасивна заштита, како и датум и доза на анти-D имуноглобулин.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>