Фармацевти
Контакт

<< Назад

БОЛЕСТИ НА СРЦЕТО

септември 1, 2018

Ризик-фактори и превенција

 

Болестите на срцето и крвните садови се водечки болести, како во светот, така и кај нас.

 

Автор д-р Љиљанка Михајловиќ

спец. по интерна медицина

 

Срцето е витален орган, главен двигател на крвотокот, кое со своите контракции ја пумпа крвта низ целото тело. Срцето е центар на кардиоваскуларниот систем. Кое било пореметување во работата на срцето го означуваме како болест на срцето. Кардиоваскуларната болест е група на проблеми која се јавува кога срцето и крвните садови не работат на начин на кој би требало да работат.

Болестите на срцето може да се јават во која било животна доба, од раѓање до доцна старост. Според причините разликуваме вродени и стекнати болести.

 

Симптоми

Симптомите на болестите на срцето зависат од видовите болести на срцето. Симптомите може да вклучуваат: болка во градите, стегање и непријатност во градите (ангина), краток здив, болка во вратот, во вилицата, во горниот дел од абдоменот или грбот, абнормални отчукувања на срцето (премногу брзи, премногу бавни или нерегуларни), вртоглавица, бледосива или сина боја на кожата (цијаноза), отекување на нозете, стомакот или на подрачјата околу очите, треска, слабост или замор, сува или упорна кашлица.

 

Во срцето се наоѓаат четири залистоци: аортни, митрални, белодробни и трикуспидални. Залистоците може да бидат оштетени од различни услови кои доведуваат до стеснувања (стеноза), течење (регургитација или инсуфициенција) или нецелосно затворање (пролапс). Во зависност од тоа кој залисток не функционира, симптомите на валвуларната болест вклучуваат: замор, краток здив, отечени нозе, болка во градите, синкопа и друго.

 

Како ризик-факторите влијаат на развојот на срцеви заболувања?

Старост – стареењето го зголемува ризикот од оштетувања и стеснувања на крвните садови, слабеење на срцевиот мускул.

Пол – мажите генерално се во поголем ризик од срцеви болести, а кај жените ризикот драматично се зголемува во менопауза.

Семејна историја – семејната историја го зголемува ризикот од заболувања особено ако родителот развил некоја болест на срцето во рана возраст.

Лоша исхрана – исхрана богата со висока содржина на масти, сол и шеќер може да придонесе за развој на срцеви болести.

Високо ниво на холестерол – тоа може да го зголеми ризикот од создавање плак и атеросклероза.

Висок крвен притисок – нерегулираниот крвен притисок може да доведе до стеснување и задебелување на крвните садови.

Дијабетес – околу две третини од лицата со шеќерна болест умираат од некое заболување на срцето или на крвните садови.

Дебелина – таа може да ги удвои шансите за срцеви заболувања.

Стрес – луѓето кои имаат високо ниво на стрес или продолжен стрес имаат покачено ниво на холестерол или крвен притисок.

Пушење или пасивно пушење – придонесува за отежната циркулација низ артериите, што може да доведе до срцев удар.

Постоење само на еден ризик-фактор е опасно, а повеќе од нив е многу опасно, бидејќи може да се здружат и да го влошат ефектот едни на други.

 

Седум совети за превенција

Превенцијата почнува со познавање на ризик-факторите, речиси 80 насто од предвремените срцеви болести и мозочни удари може да се спречат со здраво однесување.

Еве совети за превенција на срцевите болести:

  1. Хранете се здраво. Исхраната богата со зеленчук, овошје, цели зрна, млечни производи со мал процент на масти или риба е одличен избор за превенција на срцеви болести. Треба да се избегнуваат големи количини на сол и шеќер. Обидете се да ги ограничите или да ги избегнете заситените и транс масти (пржена храна, пекарски печива, брза храна, грицки како што се чипс и крекери). Потребно е да се води сметка колку алкохол пиете.

  2. Не пушете и не користете тутун.

  3. Бидете физички активни. Потребно е умерено вежбање, како што е брзо одење, пливање и тоа околу 30 минути неколку пати во неделата.

  4. Имајте квалитетен сон. Повеќето возрасни треба секоја ноќ да имаат од 7 до 9 часа сон. Лицата кои немаат доволно сон имаат поголем ризик од дебелина, висок притисок, срцев удар, дијабетес, депресија. Ако чувствувате дека сте спиеле доволно, но сè уште сте уморни во текот на денот, посетете лекар за да направи процена за опструктивна апнеа.

  5. Одржувајте здрава телесна тежина. Ова е исклучително важно!


Метаболистичкиот синдром (комбинација на масти околу половината и пределот на стомакот, висок крвен притисок, високо ниво на шеќер во крвта и високи триглицериди) го зголемува ризикот од срцеви болести. Еден од параметрите за одредување идеална телесна тежина е BMI (индекс на телесна маса) кој ги зема предвид вашата телесна тежина и висина. Препорака е да се биде во вредностите на  BMI 18,5 – 24,9 kg/m2, меѓу важните параметри е и обемот на половината кој кај мажите не смее да биде поголем од 102, а кај жените не поголем од 89 см.

  1. Управување со стресот подразбира пронаоѓање алтернативни начини кои може да помогнат да го подобрите своето здравје. Некои од начините може да бидат физичка активност или вежби за релаксација.

  2. Превентивните лекарски прегледи се од исклучителна корист. Таквите прегледи му помагаат на лекарот врз основа на лабораториските анализи, мерење на крвниот притисок, неинвазивни дијагностички методи како што е ултразвук на срце, стомак, да ја дијагностицира болеста и адекватно да ја лекува.


 

Ризик-фактори

Постојат два вида ризик-фактори, оние на кои не можеме да влијаеме: полот, годините, семејната историја на болести и тие на кои можеме да влијаеме: покачен холестерол, шеќерна болест, висок крвен притисок, стрес, прекумерна употреба на алкохол, дебелина, пушење, физичка неактивност.

 

Вредности на крвниот притисок

(врз основа на Националниот водич):

 

Заклучок

Здравите промени во дневната рутина може да го намалат ризикот од срцеви болести, како и редовните превентивни систематски прегледи. Одржувањето здраво срце без оглед на староста е најважна работа која можете да ја направите за да ги спречите срцевите заболувања.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>