Фармацевти
Контакт

<< Назад

Елегантни во џемпер

декември 1, 2017

Зимски шикМарија Јоксимовиќ

Ладното време бара топла облека, а џемперот е парче облека која проверено грее во сите ситуации. Од кројот и материјалот зависи и неговата намена, а со добар моден додаток и со интересно комбинирање ќе изгледате елегантно и шик секаде и на секое место

Ладното време бара носење џемпер во разни прилики, од спортски и „опуштени“, до деловни и свечени. Модните стручњаци за сезоната 2017/2018 препорачуваат атрактивни модели за различни делови од денот и деловно-приватни ситуации, за и во формални прилики да изгледате елегантно и лежерно. Изборот на препорачани модели е голем – се разликуваат според видот на материјалот, кројот, должината, изборот на боја, но и дебелината на плетењето. Некои се толку тенки што повеќе личат на плетена блуза, а некои, пак, толку „дебели“ што можат да заменат и зимски капут или јакна.

Долг џемпер: Убав и модерен долг џемпер на закопчување е исклучително благодарно парче облека за најразлични комбинации. Должината може да варира од онаа која ги прекрива колковите, преку должина до пола бутини, односно до колена, или дури до половината на листовите. Долгиот џемпер одлично ја истакнува и ја издолжува фигурата и ги прикрива евентуалните недостатоци. Убав и топол, доколку се комбинира со бела кошула, тесно здолниште или елегантни панталони, е вистински избор и за деловна и за свечена прилика. Ако има дискретно закопчување и е со неутрална боја, може да се дополни и со различни модни додатоци, свилена марама или ешарпа, накит (ѓердан од различни материјали како што се дрво и метал), или, пак, со кожен ремен, на пример, во иста боја со чевлите или чантата. Препорака е, во случај да имате пошироки колкови, носете подолги модели, а во случај градниот кош да ви е понагласен, подискретни бои (темносина, сива, црна). Ваков вид на џемпери често се нарекува и кардиган, може да има V израз, а исклучително се убави и модели со т.н. шал-јака.

Женствен и нежен: Плетен така да биде „воздушест“, џемпер со цветни и геометриски мотиви, со дупчиња и во пастелни бои (на пример, розе, бледовиолетов, нежножолт, светлосин или дискретно, портокалов) ќе направи во ладното време да изгледате шик. Ваков „пуфнест“ џемпер, исплетен од памучни нишки или од ангора волна, одлично ќе се совпадне со здолниште во облик на буквата А или лежерни панталони, а може да се носи и над фустан.

Во облик на сако: Маринскосин џемпер кој е плетен така да изгледа како сако, значи, малку струкиран, со ревери и сошиени џебови, украсен со интересни копчиња, многу е удобен, а неговата релативно строга форма придонесува за изразената елеганција. Може да се носи со маица со ролка со некоја друга боја, кошули, но и над фустан од лесен штоф. Постојат и безброј комбинации за овој џемпер, па затоа е добро да го имате во гардеробата за зимска сезона.

Туника-џемпер: Овој вид џемпер, кој личи на плетен мини фустан, исклучително е благодарен  за сите дами кои сакаат „поопуштени“ форми, или настојуваат да го прикријат вишокот килограми. По правило се плете од тенка волна или памук, но може и од вискоза, затоа што не го губи обликот. Треба убаво да паѓа и да биде топол и женствен додаток на здолниште или панталони.

Во зимските денови добро е да се има повеќе џемпери, со различни форми и дебелини, за различни прилики. Последните години модните правила  се променија, па креаторите на модните трендови ги комбинираат плетените џемпери  и со најсвечени фустани. Правилото е дека „нема правила“. Сепак, се подразбира дека на деловен состанок нема да одите во џемпер за скијање, туку во кардиган кој е во склад со останатиот дел од гардеробата. Постојат и некои други правила кон кои треба да се придржуваме, на пример, ако имате вишок килограми, избегнувајте многу кратки и тесни џемперчиња, како и оние со хоризонтални шари и пруги. Ако и понатаму се прашувате дали е можно и во џемпер да се изгледа шик и елегантно, одговорот е „да“. Впрочем, погледнете ги фотографиите на филмските и музичките ѕвезди во зимско издание и самите ќе се уверите.

Одржување

Џемперот може да биде од различен материјал – волна, памук, полиестер, вискоза или свила. Важно е добро да се одржува.

Ако е од природна волна, одличен е изолатор на топлина, но не треба да се пере често, затоа што така се „троши“ и му се скратува рокот на траење. Доколку е купен, задолжително погледнете ја декларацијата, а ако е од „домашна работилница“, имајте го предвид следното: перењето во машина е дозволено само на ниска температура, без центрифуга и со користење програма за волна. Ако го перете „на раце“, не го тријте џемперот. Секогаш сушете го по природен пат, не на сонце, и никогаш во машина за сушење алишта.

Памучен џемпер може да издржи повисока температура отколку волнен, но не претерувајте –  40 степени се сосема доволно доколку го перете во машина. Вклучете ја  програмата без центрифуга, а ако после перењето изгледа истуткано, пеглајте го преку мокра крпа или со пегла на пареа. При купување имајте на ум дека памучниот џемпер се собира при првото перење, што обично и пишува на декларацијата. Во принцип, може да се суши во машина за сушење алишта, но ако е со темна боја, може да избледи.

Џемперот од полиестер може да биде многу пријатен за носење. Во прашање е отпорен материјал, па затоа се додава и на памучните материјали да им ја подигне отпорноста. Перете го во машина, на пониски температури.

Вискозата е природен материјал кој потсетува на свила, а џемпер од вискоза може многу убаво да изгледа, иако бара специфично одржување. Се препорачува да го чувате на закачалка и да го перете во машина користејќи исклучително програма за чувствителна облека. Најдобро е да се пере рачно, во млака вода, без цедење.

Џемпер од свилен конец е многу луксузно парче облека кое долго се носи. Задолжително проучете ја декларацијата на внатрешната етикета, затоа што некои видови свила најдобро е да се носат на хемиско чистење. Ако свилениот џемпер го перете сами, користете речиси ладна вода, многу нежен детергент, просушете го на дебел пешкир, и, дури кога е речиси сув, ставете го на закачалка.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>