Фармацевти
Контакт

<< Назад

ПОВРЕДИ ВО ДЕТСКА ВОЗРАСТ

ноември 1, 2019

Подобро да се спречи, отколку да се лекува

 

Како што родителите со закон се задолжени да спречат тешки повреди во сообраќајот (врзување појас, специјални седишта), така се задолжени и да не дозволат повреди во семејниот дом, во парк, на плажа, на спортски терен.

 

Автор: д-р Радмила Косиќ

педијатар

 

После инфекции на дишните патишта, најчеста причина за посета на педијатриска ординација се повредите. За среќа, обично се работи за полесни повреди. Меѓутоа, можни се и тешки повреди кои долго се лекуваат, со можен инвалидитет. Повредувањето најчесто се случува во домашни услови или на игралиште. Детето не е способно да се грижи за својата безбедност. Тоа нема искуство ниту знаење кои опасности демнеат на патот до љубопитноста. Надворешниот свет е полн со предизвици. Задача на родителите е да бидат секогаш чекор пред малиот истражувач.

 

Видови повреди

Во зависност од возраста и организацијата на просторот во кој детето најчесто престојува може да дојде до различни повреди. Шестмесечните бебиња обично го совладуваат превртувањето од стомак на грб и обратно, токму тогаш кога без надзор се оставени една минута во родителскиот кревет без ограда. Деветмесечно доенче прво ги радува домашните со исправување на оградата или до ниските делови на мебелот, а тогаш со врисок нè предупредува дека се исправило до нестабилен стол. Проодувањето ги заморува родителите поради постојаното барање на едногодишното дете да му ги дадат двете раце, потоа едната рака, потоа и само прст. Ако не бидете постојано до него, радоста поради проодувањето може да ви ја помати една чврга или модринка поради која со денови нема да сака да го повтори самостојното одење. Во пракса овие повреди обично се од лесна природа и подразбираат гребнатинки, модринки, понекогаш исеченици и се решаваат во најблиската педијатриска амбуланта. Доколку се случи пад на глава, сочувајте ја присебноста за да можете на докторот да му дадете прецизни податоци за висината од која детето паднало, видот на подлогата, губењето на свеста, повраќањето. Секој пад на глава или повреда која настапила без присуство на возрасно лице бара посебен надзор.

 

Опасности во рамките на домот

Кога детето стабилно ќе прооди и ќе го совлада просторот на сопствениот дом, домашните обично ќе се опуштат, сметајќи дека е доволно возрасно да ја избегне можноста од повредување. Мебелот мора да биде тежок, прицврстен и проверено стабилен. Остри рабови на столови, радијатори, рабови од шкаф во негова висина мора да бидат обезбедени со посебни штитници кои се евтини и достапни. Приборот за шиење, ситни украсни детали, моливи, стаклени пепелници, украсни билки се предмети кои треба да ги тргнете на безбедна висина за малиот истражувач да не може да ги стави во уста или да ги повлече врз себе. Помеѓу грижливо уредениот стан и безбедноста на детето секогаш дајте му предност на второто ‒ исеченици, голтање монети, ситни играчки, листови од отровни домашни билки не се ретка појава во предучилишна возраст. Доколку испие лекови, домашна хемија или проголта туѓо тело, задолжителен е итен преглед или консултација по телефон со центарот за контрола од труење. Повредите кои крвават измијте ги под млаз вода и притиснете со чиста газа за да го запрете крвавењето. Понатамошниот третман препуштете му го на доктор.

 

 

Изгореници

Изгорениците се чести во детската возраст. За овој вид повреди секогаш се одговорни возрасните. Детето не треба да престојува во близина на шпоретот. Вратата од рерната е идеална за придржување додека се поткачува да ја дофати рачката од тавата или тенџерето. Секогаш користете ги ринглите кои се подалеку од работ, рачките турнете ги кон внатрешноста на шпоретот. Пеглата и греалката спуштете ги на под дури кога целосно се изладени и исклучени од струја. Врелата супа може да ја пролие на себе повлекувајќи го работ од чаршафот. Жарче од оставена цигара или врела шолја кафе на возрасните не им го привлекува вниманието, но за детето се предизвици. Изгорениците од кој било вид измијте ги и изладете ги со измивање под млаз ладна вода, заштитете со газа или платнена пелена и побрзајте на лекар. Масти и мелеми доаѓаат предвид дури после преглед, процена на степенот на изгореницата и површината на изгорената кожа.

 

Обрнете внимание на бањата

При бањање никогаш не го оставајте детето само. Може да му падне на памет да излезе од када, да пушти топла вода, да занурка за да ја фати играчката на дното од кадата. Давење е можно во само неколку сантиметри вода, падот на лизгави плочки не е безопасен. Размислувајте за тоа кога го оставате за да се јавите на телефон или да го промешате ручекот. Сите средства за хигиена, шминка и лекови сметајте ги за отрови и преместете ги на безбедна висина. Мешањето вода за бањање секогаш завршувајте го со пуштање млаз ладна вода, тенок млаз врела вода од славината може да најде пат токму преку неговиот грб и да предизвика сериозни изгореници.

 

Гравитацијата работи без одмор

Паѓања, тркалања и лизгања се составен дел од растењето. Никој од нас не пораснал без модринки и изгребани колена. Треба да се плашите од паѓање од висина, по скали, од балкон. Пред да почне да лази детето, направете огради на врвот и на дното на скалите, во двокатен стан ќе ви биде потребна сигурносна мрежа во празниот простор кај скалите. Смислете граничник за фиксирање на отворениот прозорец за неколку сантиметри. На тераса никогаш не оставајте стол  на кој би можело да се качи за да фрли поглед што се случува во дворот. Заклучувајте ја влезната врата и капијата, предизвикот од прометна улица е поинтересен од сопствениот двор, посебно ако е постојано во дворот. Ваквите повреди се ретки, но секогаш имаат тешки последици, некогаш и смртен исход.

 

 

Постојан надзор

Детето секогаш мора да биде под надзор, колку тоа во некоја возраст да изгледа напорно и непотребно. Доаѓањето на новиот член во семејството бара нова организација на обврските и завршување на домашните работи. Неговата сигурност е пред сè. Времето кое за вас е момент е сосема доволно да се стави прст во штекер или да се стави дланка на пегла. Најдете мерка помеѓу безбедноста на просторот и предизвиците за совладување. Домашната аптека мора да содржи прибор за прва помош при повреди, а податоците за вакцинација на детето треба секогаш да бидат со здравствената книшка.

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>