Фармацевти
Контакт

<< Назад

ПРВИТЕ УЧИЛИШНИ ДЕНОВИ

септември 1, 2018

Подгответе се себеси и детето за тргнување во училиште

 

Последното лето пред тргнување во училиште секогаш е обележано со подготовки и исчекувања на први септември.

 

Автор д-р Радмила Косиќ

педијатар

 

Вакво големо возбудување му припаѓа на нормалниот тек на случувањата – секое дете е поинакво во претшколскиот период, така што подготовките и расположението кон почетокот на образованието ќе бидат единствени за секое дете во семејството. Детето треба да биде ментално и телесно подготвено за обврските што го очекуваат, преминувањето од познатото домашно опкружување или забавиштето секогаш е радосен момент кој носи грижа за сите домашни. За среќа, набрзо првоодделенците ни покажуваат дека родителската грижа е беспотребна – седумгодишните деца се многу поподготвени за новата улога од своите родители.

 

Навикнување на обврските

Подготовките за тргнување во училиште би требало да започнат ненаметливо. Развивањето на работните навики (лична хигиена, самостојно облекување или подготовка за спиење, местење на креветот) и малите домашни обврски (поставување на масата, шетање на домашните миленици, фрлање на ѓубрето) се вежбаат рано, за во претшколската возраст детето да биде способно да прифати посложени обврски. Математика вежбавте преку броење на скалите, коцки чоколадо, слодолед или катови на зградата. Детето го запознало светот околу нас преку смена на годишните времиња (во зима се санкаме, во лето одиме на море), преку влегувањето во вода ја научило разликата помеѓу плитко и длабоко, овошјето и зеленчукот ги запознало преку секојдневните оброци. Задолжителната претшколска програма ќе му помогне да ги запознае буквите, да ја вежба фината моторика преку боенки и сложувалки. Најголем број претшколски деца во тој период ќе се навикнат на отсуство од дома, работа и престој во група – сето тоа се важни вештини за успешно совладување на првите училишни обврски.

 

Подготвителни прегледи

Официјалната подготовка за училиште почнува во првите месеци на календарската година во која детето ќе тргне во училиште. Лекарскиот преглед подразбира процена на телесното здравје – мерење на тежината и висината, преглед кај очен и ушен лекар, преглед кај физијатар со цел откривање деформитети на ’рбетниот столб или стапалата, логопедско тестирање на говорот и стоматолошки преглед. Ова е детален и комплетен преглед на вкупната здравствена состојба на седумгодишно дете кое го очекуваат неколку часа седење во клупа, носење ранец и следење на она што учителот го зборува или го пишува на табла. На овој преглед се комплетира вакцинацијата според задолжителен календар за возраста. Доколку детето има некоја хронична болест или посебни потреби, на време разговарајте со стручњаци за да изберете вистинска образовна програма – право на образование има секое дете во согласност со способностите. Тестирањето кај училишниот психолог искористете го да дознаете на што треба да работите со детето во првата година од школувањето – некое потешко ќе научи песничка напамет, додека друго ќе мора да ја совлада вештината на трпеливост на седење во клупа.

 

Запознавање со училиштето

Добро е детето да го посетува најблиското локално основно училиште. Таков избор ќе му овозможи многу брзо да го совлада самостојното одење на училиште, во друштво на врсници кои ги познава од градинка или од околината. Искористете ги последните августовски денови за со детето да прошетате до училиштето така што ќе го пуштите тоа да ве води. Запознајте го со училишниот двор, покажете му ја клупата, таблата, ходникот и сето она ново што го чека во училиште. Искуството од постариот брат или сестра ќе му биде драгоцено за да го прифати новиот простор. Споредете го траењето на часот со омилениот цртан филм, објаснете му зошто служи одморот, како и зошто треба да дигне два прста. Полесно ќе научи да чита и пишува ако нема страв од новите другарчиња и непознатиот простор. Воздржете се од коментари „ќе се смириш кога ќе бидеш во рацете на учителката“ – исплашеното дете нема да биде добар слушател и корисен ученик на училишниот час.

 

Катче за учење

Одредете простор за учење и завршување на домашните задачи. Некое дете ќе има цела соба, нова работна маса, полици, а некое ќе има само катче за книги и трпезариска маса која по ручекот се претвора во училница. Сеедно, најважно е да се придржувате кон одлуките и договорот дека работниот простор се одржува уреден. Се подразбира редовност во оброците и порано одење на спиење. Усогласете ги своите обврски со училишните. Опремете го работното катче во согласност со можностите, но дозволете му само да избере некој детаљ, ранец или перница, како и некој дел од облеката. Ќе му биде помило да ги извршува своите секојдневни обврски во пријатно опкружување. Воведете правило домашните задачи да се пишуваат на исто место, во исто време, без одложување. Ќе ви биде полесно да го организирате остатокот од семејните обврски, а првачето ќе знае дека учењето е на прво место.

 

Позитивниот став дава добри резултати

Најважен е токму вашиот однос кон важноста на овој септември за паметење. Вашите непријатни искуства не значат дека секое школување е такво. Вашите извонредни успеси не значат дека вашето дете е способно за сите петки. Не постои градиво кое просечно дете со позитивен став кон школото нема да може да го совлада. Во училиште ќе го оценуваат, а вие ќе го дочекувате со насмевка, со постојано потврдување дека успехот во училиште никогаш нема да влијае на вашата безусловна љубов. Ослободете го детето и себеси (можеби подобро во обратен ред!) од предрасуди поврзани за учителите и училишните програми – позитивниот став за школувањето е добро вложување во полесно прифаќање на обврските во животот.

 

Заедно на новата задача

Препознавање на способностите, вештините и талентот не се можни без школување, тоа е единствен начин детето да избере вистинско занимање. Забележете го неуспехот, пофалете го успехот и соработувајте со учителот и педагогот во училиштето доколку не гледате решение на некој проблем. Бидете горди што од бебе сте го пораснале во прваче и радувајте се на знаењето и вештините со кои ќе го збогати светот. Треба да се има на ум дека секое дете е различно, посебно, единствено. Пред вас е нова родителска задача. Ваше е да го следите во важното поглавје од растењето.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>