Направете ги летните вечери уште попријатни со помош на ефикасно и едноставно направено средство за одбивање инсекти.
Автор Светлана Сушиќ
На сите ни е добро познато дека непријатното зуење на комарците околу ушите, а за последиците од каснување и да не зборуваме, може да ја упропасти и најубавата летна вечер. Најчесто купуваме индустриски произведени репеленти, меѓутоа не сме секогаш сигурни колку е добро за нас да бидеме изложени на дејството на хемикалиите кои ги содржат. Ви предлагаме сами да направите средство од природни состојки кое во досегашната пракса се покажало како делотворно. Повеќето набројани работи веројатно веќе ги имате, а ако ги немате, не е тешко да се набават.
Потребни состојки:
‒ лимон
‒ лимета
‒ гранчиња свеж рузмарин
‒ масло од лимонски евкалиптус
‒ свеќа што лебди
‒ вода
‒ тегличка
Подготовка:
Лимонот и лиметата исечете ги на тркалца со дебелина околу 5 милиметри. Наредете наизменично неколку тркалца на дното од тегличката. Над нив ставете неколку гранчиња свеж рузмарин. Потоа додадете уште неколку тркалца лимон и лимета. Истурете вода до врвот на тегличката. Во водата ставете 10 капки масло од лимонски евкалиптус. Ставете свеќа што лебди и вашиот репелент на база на природни состојки е подготвен за употреба. Ставете го на масичка, или на некое друго место, запалете ја свеќата и уживајте во пријатното друштво.
Доколку се потрудите и набавите некои визуелно интересни теглички, овој „уред“ може да има и декоративна улога, така што сигурно нема да штети ако во исто време користите неколку. Уште една од поволностите, секако, е тоа што не мора да се плашите дека сте изложени на дејство на потенцијалните штетни хемикалии.
Лимонски евкалиптус – Eucalyptus citriodora
Етеричното масло од ова растение има широка примена поради своето противвоспалително дејство. Исто така, има и смирувачки својства, а се користи во третмани против целулит, поради своето липолитичко дејство. Најголемите произведувачи на ова масло се наоѓаат во Мадагаскар и Виетнам, каде ова растение со тесни листови и бели цветови е многу често. Неговиот специфичен мирис има одбојно дејство на комарците.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци