Фармацевти
Контакт

<< Назад

Волнени чорапи

февруари 1, 2018

Модерни чувари на здравјетоМарија Јоксимовиќ

 

Некогаш дел од народната носија и потреба за затоплување во зима, волнените чорапи денес се шик детаљ кој го промовираат и модните дизајнери, инспирирајќи се од фолклорните мотиви од Перу, Скандинавија, Русија и други земји од светот

Чорапи плетени од влакна од животни носеле и старите Грци и Римјани, врзувајќи ги со жартиери да не им паѓаат, а биле привилегија на богатиот свет. Во стариот Египет рачно плетени волнени чорапи се носеле и со сандали, а интересно е дека имале два „прста“. Еден таков примерок е пронајден во 19 век, а е проценето  дека се направени околу 300 година од нашата ера. Подоцна ги носеле и обичните луѓе, пред сè, како заштита за нозете од студ и лошо време. И облеката на Балканот низ историјата била незамислива без рачно плетени волнени чорапи за мажи, жени и деца, од боена и небоена волна, често украсени со вез со флорални и други мотиви.

Знак на љубов

Вештината на плетење волнени чорапи (обично со пет игли) е дел од традицијата на старите занаети која и понатаму живее. Чорапи плетат бабите, мајките и сестрите за своите најдраги, да им биде топло, а и како спомен на родната куќа и семејството. Да се добијат рачно изработени чорапи на подарок е израз на љубов, во нивната изработка е вложено  време и труд. Често, посебно кога ги плетат постарите жени кои паметат традиционални изворни мотиви (цвеќе, гранчиња, геометриски облици), волнените чорапи стануваат и вистински уметнички дела, единствен дел од уникатната народна носија од минатите времиња.

Чорапи со две предења

Во минатото овчарките на Балканот рачно изработувале чорапи „волненки“, кои се викале и двопредени, што значи дека се плетеле во две основни бои, црна и црвена, но за разни комбинации и шари од природата се користеле и други бои. Се чувале во дрвени сандаци, како чеиз за девојката. Денес овие чорапи се вистински хит. Се изработуваат од внуките на некогашните овчарки со многу фантазија и стилски богат начин, со многу орнаментика, па нема ништо необично во тоа што често се прават и за извоз, претставувајќи етноуметност.

Етномода

Волнените чорапи ги сакаат и модните диктатори од светот; во своите колекции за зима 2018 година ги имаат и Карл Лагерфелд, Соња Рикел и Ив Сен Лоран. Се носат сосема кратки до глуждови, а и до половина лист, колена, како и натколеници и оние до половина бутови. Можат да се носат и едни врз други, со различни комбинации на бои и шари, така што потенките секогаш да бидат одоздола, а подебелите одозгора. Ултрамодерни се и т.н. грејачи, весели колосувани варијанти без стапала, кои се носат преку хулахопки, панталони, па дури и чизми. И оваа година и тоа како во тренд се колосувани доколенки или натколенки кои ѕиркаат од полудлабоки или длабоки чизми. Можат да бидат и со тантела, волна, крзно или кожа, односно свилени ленти кои „имитираат“ жартиери.

Покрај индустриските колосувани чорапи, многу се шик и етнокопиите на рустичните модели од минатото, па на модните писти и на улиците на светските метрополи можат да се видат дами со чорапи со мотиви од Перу, Скандинавија или Русија. Она на што треба да се обрне внимание е тоа дека вам, доколку носите вакви чорапи, секогаш ви се потребни чевли, односно чизми кои се нешто поголеми, барем за половина број. Исто така, боите и шарите се во склад со ракавиците, капата, шалот, јакната или капутот, по избор. Цврсти модни правила нема, а начелно се препорачува ако нозете не ви се доволно витки, не претерувајте со рустични дебели чорапи, туку определете се за оние потенки, индустриски плетени. Исто така, не се препорачуваат ни чорапи со претерано жива и колоритна орнаментика, затоа што визуелно го прошируваат обликот на нозете. Од друга страна, дамите со тенки листови и витки нозе можат да си играат со бои и шари, да носат, на пример, натколенки, а преку нив уште и набрани грејачи.

Покрај тоа што навистина изгледаат весело, разнобојните волнени чорапи и грејачи претставуваат и големи чувари на нашето здравје. Овој моден тренд го поздравуваат и лекарите ширум светот, затоа што добро загреаните нозе нè чуваат од настинки.

Начин на плетење

Иако на Балканот секој крај има свои шари и орнаментика, сите волнени чорапи се плетат на ист начин, од петата кон прстите. На нив можат да бидат прикажани и птици (на пример, гулаб и ѕвезди). Оние кои се украсени со богата орнаментика некогаш се носеле во свечени прилики (венчавки), со тоа што мотивите за мажите се разликувале од оние за жените, односно девојките.

Најскапи чорапи на светот

Веројатно најскапи волнени чорапи на светот направила своевремено германската компанија Фалке. Еден пар чинел 1200 евра. Оваа лимитирана серија Фалке ја направил од најскапата волна на светот, таканаречена „викуни волна“. Викуна е диво животно кое живее на Алпите и е роднина на ламата. Кога ќе се фати и истриже, од една викуна се добива помалку од половина килограм волна, која се смета за најфина на светот и не може да се бои. Поради тоа овие прескапи чорапи се изработени само во природна, златнокафена боја.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>