Фармацевти
Контакт

<< Назад

Вежбање во вода

јуни 30, 2016

Предраг Грујиќ

Многумина од нас одморот ќе го поминат покрај брег на море, езеро или покрај базен, па тоа е прекрасна можност за вежбање во вода, бидејќи водниот амбиент, во кој сме 10 пати полесни, ни овозможува со леснотија да изведуваме движења кои не можеме да ги направиме на тло, а дава и природен отпор. Резултатот е поангажирано и рамномерно оптоварување на поголем број мускули, со истовремемно масирање на целото тело, што има за последица загуба на масните наслаги, затегнување, подобрување на кондицијата и прилив на енергија.

Вежбите во вода им се препорачуваат на реконвалесценти, деца и трудници, бидејќи можностите за повреда се мали, од причина што е невозможно да се изведуваат нагли движења, а ʼрбетот, зглобовите и лигаментите се под многу помало оптоварување отколку на суво. Но и за вежбите во вода е потребно загревање од 10  минути, без разлика дали пливате, или се подготвувате на брегот, со истегнување и размрдување.

ВЕРТИКАЛНИ ВЕЖБИ: Отпорот на водата при вертикални вежби е и до 75 насто поголем отколку кај хоризонтални, како што е, на пр., пливањето. Вертикалното вежбање се изведува така што со нозете го допирате тлото, или во длабочина, со тоа што ако стапалата ја допираат подлогата, се препорачуваат патики за вода, за да не се повредите од камчиња, ежови или нерамнини.

Влезете во вода до зглобови, бутини, половина или гради, па одете исправено, со затегнат стомак и грбни мускули, а рамнотежата одржувајте ја со рацете. Ќе видите дека колку водата е подлабока, толку отпорот е поголем а движењето потешко.

Кога со одење ќе го „испитате“ теренот, обидете се со трчање низ вода, кое не е лесно но дава фантастични резултати за мускулатурата на нозете. Може да трчате и во место, но трудете се што повеќе да ги подигате колената, бидејќи така го затегнувате и задникот. Кога ќе се заморите секогаш можете да се релаксирате лебдејќи неколку минути на грб или лесно пливајќи.

Ако влезете во вода така што не го допирате дното, обидете се да возите велосипед. Возењето велосипед е одличен аеробик кој го затегнува стомакот и мускулите на нозете и рацете. Вертикалната положба одржувајте ја така што ќе ги раширите рацете и правете мали завеслувања, а потоа движете ги нозете како да вртите педали, а со рацете изведувајте движења за пливање во место. Кога ќе се заморите, опуштете ги нозете и вртете се со половината, прво на едната па на другата страна, па повеќе пати раширете и соберете ги испружените нозе како да се краци на морска ѕвезда.

ВЕЖБИ ВО ПЛИТКО: Седењето во плитко секогаш е големо задоволство и релаксација на телото и умот, особено ако ве заплискуваат бранови, најдобра природна масажа. Кон брановите можете да го свртите грбот, па стомакот, истовремено правејќи партерни вежби како свиткување на собраните нозе кон градите, па опуштања во испружена состојба. Потоа правете „ножички“ со нозете, така што ќе ги раширите и соберете неколку пати. Додека брановите ве заплискуваат, легнете на стомак, па подигнете се на рацете и обидете се да направите неколку склекови. За оваа вежба отпорот на водата е ваш сојузник, па ќе можете да направите повеќе склекови отколку на копно.

ИГРИ ВО ВОДА: Влезете во вода до бутините или до половината со топка, па фрлајте ја во вис и скокајте при фаќањето. Во оваа вежба ужива целото тело, па проширете ја така што ќе ја играте и со членовите на семејството и пријателите, било тоа да е одбојка во вода или обично дофрлање. Важно е да не стоите во место, туку да се истегнувате при фаќањето и фрлањето на топката. Кога ќе се заморите, пливајте полека и нов прилив на енергија ќе дојде сам од себе.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>