Фармацевти
Контакт

<< Назад

Детски зимски вируси

декември 1, 2022



Д-р Висар Муца

Зимскиот период е почувствителен за децата отколку за возрасните бидејќи има разни инфекции или голем број зарази, па со оглед на тоа што имунитетот на децата сè уште не е правилно формиран, тие исто така се почувствителни и секој контакт со каква било инфекција кај децата може да покаже симптоми.

Зимскиот период обично е време кога има повеќе инфекции што го зафаќаат респираторниот систем, а инфекциите на гастроинтестиналниот тракт се поретки.
Најчести причинители на овие инфекции се вирусите, со над 90 %, а најретки се бактериите.

Најчести вирусни инфекции во зимскиот период се грипот и настинката. Грипот е предизвикан од вирусот на инфлуенца. Разликуваме три типа на вирусот на грип, А, Б и Ц, но за луѓето најинтересни се вирусите на грип од типот А и Б бидејќи тие се причина за болести кај човечката популација. Сезоната на заразување со зимскиот грип почнува од ноември и трае до април, а вообичаено пикот е од 1. и 2. недела на декември, па до крајот на февруари и потоа почнува да опаѓа трендот на заразата.

Вирусите на грип циркулираат во воздухот. Во човечкото тело тие обично остануваат или живеат во мукозната мембрана на носот и грлото. Додека кратко време може да живеат и во или на разни предмети, како што се садовите за храна, разни играчки што децата ги допираат или си играат со нив итн.

Од ова можеме да кажеме дека начинот на ширење на инфекцијата е директно преку контакт со болното дете, преку воздухот од малите капки исфлрени од болното дете (преку кашлање или кивање), а другиот начин е индиректно, т.е. со допир на предмети, кои болното дете ги допирало претходно.

Заразата се шири повеќе во затворени средини, како училишта и градинки.

Треба да се напомене дека во споредба со возрасните, грипот кај децата трае подолго бидејќи тие лачат поголемо количество вирус, па затоа се заразни од првите 24 часа од болеста, како и за времетраењето на симптомите. Првите симптоми може да се разликуваат кај разни возрасни групи на деца. Кај деца под 2 години општата состојба не е добра, детето е немирно, плаче повеќе од вообичаено, не сака да пие или јаде, има затнат нос или исцедок од носот.

Кај децата од предучилишната и училишната возраст симптомите може да бидат посензационални, почнувајќи од неочекуван момент - има појава на треска или покачување на температурата над 38 и повеќе, појава на мускулни болки во телото и исто така главоболка, замор, потоа имаме болно грло, губење апетит и појава на сува кашлица, која трае неколку дена, но може да биде променлива и да премине во влажна (продуктивна) кашлица. Ова се општите симптоми што го карактеризираат грипот и обично траат од 4 до 6 или 7 дена, но кај некои деца, особено кај оние што имаат разни компликации или кај деца со хронични заболувања, некои од симптомите, особено кашлицата, може да траат 2 или 3 недели.

Генерално, грипот поминува добро и без компликации, но имајќи предвид дека во споредба со другите вирусни инфекции, грипот е поинтензивен, често предизвикува разни компликации, меѓу кои: инфекција на увото (отитис), која е придружена со болка во увото, инфекција на синусите, инфекција на очите, каде што имаме црвенило и солзење на очите и со компликации во респираторниот тракт, како што е ларингитис, кој е придружен со карактеристична интензивна кашлица и промена на гласот (состојба што понекогаш бара итен третман бидејќи може да претставува ризик за детето) и особено треба да се споменат белодробните компликации - бронхиолитис кај децата под 1 година и пневмонија кај оние над таа возраст.

Ретки компликации се оние на срцето и мозокот. Третманот се заснова на симптомите. Прво, детето мора да се одмори за да може имунитетот да се бори со вирусот што е можно поефикасно. Мора да се воспостави одреден режим на хигиена и исхрана. Треба да прима поголеми количества течности и свежа храна, витамини и минерали.
Врз основа на симптомите, ако детето има температура и болки, тогаш се дава „парацетамол“ и „ибупрофен“, во случај на затнатост се ставаат капки или спреј во носот, треба да се следи кашлицата, колку е интензивна и колку трае, а лекувањето зависи од овие карактеристики, но важно е да се каже дека лековите против кашлица не треба да се даваат без препорака на педијатар, особено не антибиотиците.

Во некои случаи може да се даваат само комбинирани антивирусни лекови кога симптомите перзистираат повеќе денови. Антибиотиците се даваат само во случаи кога имаме компликации од грип (како случаите што ги споменавме претходно) и во случаи кога тестовите ни покажуваат дека имаме зголемени воспалителни вредности.

Најдобра заштита од грип е вакцинацијата. На Запад секое дете на возраст од 6 месеци до 8 години се вакцинира секоја година пред сезоната на грип, вакцината е во форма на спреј за нос.

Кај нас сè уште не сме почнале со оваа практика. Општите мерки за заштита се исти како и за секоја друга респираторна инфекција, пред сѐ, децата што имаат симптоми да не се испраќаат во градинка или на училишта бидејќи ќе го пренесат вирусот од едно на друго дете, треба да се избегнат затворените простори, каде што децата си играат и на тој начин да се намали контактот со другите деца, треба да ги миете рацете што е можно почесто, да носите соодветна облека според моментната температура, децата треба да пијат повеќе течности и да јадат свежа храна, особено топли напивки, како што се разни чаеви со лимон и разни супи, да се земаат разни производи богати со витамини и минерали, главно овошје и зеленчуци, кои му се неопходни на организмот за да го зголеми имунитетот.

За детално читање на овој текст, погледнете на 16-17 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Декември 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>