Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју со Жарко Костиќ – „Шармот на позитивната мисла“

април 1, 2022

1. Еден од столбовите на Вашата професија е грижата за луѓето. Бидејќи велиме дека доколку не се сакаме и не се почитуваме себеси, не можеме тоа да го правиме за некој друг – кажете ни колку луѓето се свесни за важноста на себесакањето?

Себесакањето е почит кон самиот себеси. Кога човек не се сака себеси ќе прифати секаква „љубов“, која во суштина и не е љубов. Ако не се сакаме себеси, ќе бидеме исплашени и ќе молиме само да нè сакаат. Во таа состојба ќе се задоволиме со секаков тип на љубов. Кога имаме себесакање другите нè ценат повеќе и ни даваат љубов каква што секој заслужува. Но, за да го добиеме тоа мораме да сме спремни и да не нè сакаат. Ако сакаме само да сме сакани и ако тоа ни е главната цел, тогаш ќе скршнеме од нашите принципи и етика само за да добиеме љубов, а тоа веќе не е себесакање. Себесакање е спремност да ги задржиме нашите стандарди, морал и етика по цена и некогаш да не нè сакаат.  Кога ние ќе го изградиме стандардот за самите нас, ќе го бараме тој стандард и од другите кон нас. Тоа значи дека и самите ние треба со тој висок стандард  што сме го изградиле кон нас да се однесуваме и кон другите. Ова е свесност и е нешто на што се работи. Некој ќе го осознае побрзо, некој подоцна, можеби некој и нема. Несигурноста и ниската самодоверба бара да мораме да бидеме сакани, работата на својата сигурност и самодовербата ни дава и себесакање.



2. Што е она што Ве мотивира за да ја извршувате својата професија со толку љубов?

Желбата да им помагам на другите. Затоа и завршив Медицински факултет, но подоцна осознав дека токму ова е начинот на кој сакам да помагам на луѓето, како мотивациски тренер и тренер за личен развој. Сите сме тука да помагаме, еден на еден начин, друг на поинаков начин, но помошта е основа на меѓучовечките односи. Кога помагаме и двете страни се среќни, оној што помогнал можеби и повеќе.

3. Изминатите две години сите имавме огромен предизвик за соочување со пандемија која влијаеше на повеќе сфери од нашето секојдневие. Што беше она што го научивте Вие од овој период? Што се потрудивте да им пренесете на другите?

Она што го научив е дека во секоја ситуација има некаква можност за напредок. Ова не беше лесен период за човештвото. Но, во овој период се фокусирав на правење  онлајн  предавања на мојата фејсбук-страница Dr. Zarko Kostik каде што сè уште секој понеделник,  среда и петок од  20:30 има бесплатни онлајн предавања, каде стотици луѓе се приклучуваат и научуваат нови правила и принципи на играта на животот. Претходно држев предавања во живо и ете пандемијата ме натера и јас да излезам од мојата комфор зона и да почнам да правам онлајн предавања. Таа традиција  веќе втора година продолжува и има многу луѓе што ми пишуваат дека животот им се подобрил со податоците што ги слушаат на тие мотивациски предавања.  Мојата мотивациска емисија „Откриени тајни“, која се емитува на ТВ 24 секоја сабота, продолжи со нејзиното емитување.

4. Како да се справуваме со работите што ни предизвикуваат грижа, а воедно се надвор од нашата контрола?

Грижата токму и се случува кога сакаме да контролираме сè или нешто што не треба или не можеме. Стравот е токму тоа, желба да се контролира нешто што не треба и не може. Кога луѓето се фокусираат на тоа да контролираат нешто што не треба не го контролираат тоа што треба. Не се во сегашно време, туку најчесто во нереалните мисли и слики од одамна минати времиња. Стравот и грижата се испревртена перцепција. Некои емоции како лутина, страв, разочараност, целосно ја первертираат перцепцијата. Љубовта и вербата ја исправаат. Мораме да продолжиме да веруваме и да имаме надеж, и да сакаме без разлика колку сме разочарани. Лесно е да си разочаран, бидејќи тоа не бара јачина да си ранлив. Кога веруваме сме ранливи, кога сме разочарани сме „безбедни“, ништо нема да нè рани, но тогаш се менува перцепцијата за светот, луѓето и целите, тогаш настапува невербата која нè  спречува да живееме со полни гради и да уживаме во животот. Љубовта и вербата се ризик кој е неопходен за да дојдеме до среќа и задоволство. Кога не сакаме да веруваме сме заштитени од болка и разочарување,  но се заштитуваме и од среќата и задоволството во животот. Поради тоа мораме да веруваме и да продолжиме да сакаме, си го должиме тоа себеси.



5. Велат дека најголем број од болестите се психосоматски, односно болести кои се предизвикани од умот и од нашата психичка состојба. Која е клучната разлика за препознавање и третирање на овие болести?

Кога учев медицина тоа го прочитав таму дека голем број од болестите немаат етиологија или причина во телото, и се сметаат за психосоматски болести. Тоа и беше една од причините што ме натера да откријам работи за умот и душата, бидејќи ако некои од болестите не се од телото, тогаш се од умот или состојбата на душата. Самиот збор психосоматски значи дека психата го разболува телото. Докторите тоа го велат на друг начин дека некои работи ни потекнуваат од стресот. Малку учиме и знаеме за стресот. Но, тој влијае на нашите мисли и емоции, а тие на нашето тело. Некогаш кога само ќе помислиме на нешто неубаво можеме да  имаме телесна реакција. Некој  може да е  постојано под некаков притисок, закани или омаловажувања,  некогаш нè мачат работи од минатото кои сами ни се навраќаат, како да се справиме со нив?

Јас иако сум доктор не работам како доктор, туку како мотивациски тренер и тренер за личен развој. Во мојата работа како мотивациски тренер јас не лекувам, тоа е во доменот на медицината, јас им помагам на луѓето со комуникација или техники со кои можат да откријат зошто имаат стрес, како да искомуницираат со луѓе со кои не им оди најдобро, како да се справат со проблемите од секојдневието. Се обидувам да разберам со што човек има проблеми и наоѓаме начин и решение за тие проблеми. Кога човекот има подобри емоции и мисли и има мотивација секако дека тоа може само да помогне.

6. Што е она што ни е најпотребно за среќа?

Да имаме насока и цел. Да знаеме дека нешто сме оствариле. Да знаеме како да бидеме во сегашниот момент, да уживаме во него. Да знаеме да комуницираме и да креираме иднина со луѓето што ни значат.

7. Љубовната болка и тага се претставуваат како една од почестите предизвикувачи за несреќа. Има ли формула која би помогнала за ваквиот вид на „патење“ или, сепак, како и за повеќето проблеми со кои се соочуваме и за ваквиот проблем е потребно време?

Велат и на времето му треба време. Но, некогаш болката и тагата за некој што сме го загубиле е нешто што е најблиску до тој човек. Човекот го нема, па болката е нешто што е најблиску до него. Кога човек ќе тргне понатаму тој одлучил да се одвои барем малку од таа болка. Иднината е лекот за минатото, минатото не е лекот, иднината е лекот. Но треба храброст и верба да се оди понатаму. Тоа е како да патувате со автомобил и сте застанале на некое неубаво место. Таму не правите одмор, одите понатаму, давате гас и го оставате неубавото место зад вас и веќе не можете да го видите ни на вашиот ретровизор. Но некои  луѓе сакаат да гледаат во ретровизорот премногу. Велат дека шофершајбната е поголема од ретровизорот, бидејќи е поважно каде одиме а не е важно каде сме биле.

Сè додека не свртиме грб на минатото нема да ја видиме иднината, сè додека не свртиме грб на лошото нема да го запознаеме убавото!

8. Сите појави, особено оние негативните предизвикуваат дополнителен стрес. Колку контролата на емоции придонесува за намалување на стресот?

Секако дека има разни техники за контрола на емоции и мисли. Колку повеќе човекот работи на себе, толку подобро ќе се чувствува. Прифаќање, соочување, непружање отпор на нештото помага. Отпорот кон негативните емоции и мисли прави тие да се постојано околу нас. Но, секако, има техники кои човек може да ги научи за да си помогне.



9. Според Вас, која е тајната за имање здраво тело и здрав дух?

Целисходен живот. Работата е многу важна. Не може човек да сака само да е слободен од обврски. Мора да има и препреки. Човек кој е постојано без работа и сака само да е слободен и да бега од обврски може да креира повеќе проблеми. Тој со таков став баш ќе привлекува проблеми и повеќе обврски, бидејќи не е одговорен. Проблемите бегаат од нас кога сме одговорни, проблемите доаѓаат кон нас кога не сме одговорни. Одговорноста е волност да се справиме со препреки, задачи. Секако дека ни треба и одмор или слобода, но таа е најубава кога доаѓа по успешно завршени задачи. Обврските и работата го градат духот.  Духот се гради кога ќе има што да надмине како препрека, што да реши како проблем исто како што телото го градиме во теретана, фитнес или на   која било друга физичка активност. Ако таму не се справиме со тегови или препреки, мускулот нема да порасне. Така е и со духот. „Линија на помал отпор“ не гради мускули за живот. Животните предизвици се „теретаната на животот“.  Колку сме горди кога ќе постигнеме нешто. Ние се сакаме и цениме себеси кога ќе го постигнеме тоа што го сакаме. Но денес помладите имаат едно име за комфор зоната а тоа е „лабаво“ , „лагано“, „лаганица“. Мора да разбереме дека душата се заморува од премногу одмор, бидејќи ѝ станува досадно, а тогаш почнува да креира проблеми, бидејќи нема што да прави. Велат на слободниот ум и на слободните раце ѓаволот веднаш им наоѓа работа. Ни треба работа за вистински духовно да се одмориме, а вистински духовно се одмораме кога знаеме дека сме постигнале нешто и во тој момент се чувствуваме преубаво – тоа чувство на постигнување е незаменливо и е вистинска слобода, слобода од негативни мисли, барем за тој момент.

Секако, мораме да имаме свесност и за нашето тело, мораме да бидеме во комуникација со него. Но, доколку не сме свесни како битија, помалку ќе бидеме свесни и за нашето тело кое е алатка на духот за да ги постигне своите цели и соништа.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>