Фармацевти
Контакт

<< Назад

Како медиумите влијаат на децата и нивното однесување

октомври 1, 2024

Насилството не е проста имитациска реакција на насилството во медиумите. Тоа е сложен психо-социолошки феномен кој може да биде предизвикан од бројна низа фактори.
Да, медиумите можат да влијаат врз насилно однесување, но не се единствениот и најчесто не се директен фактор да биде предизвикано насилно однесување. Да беше така веројатно сите кои го гледале серијалот филмови Џон Вик би станале тепачи и масовни убијци. Впрочем, Џек Мевосек немал Тик Ток.

Проблемот е подлабок и за насилството многу повеќе придонесуваат други фактори од социјализацијата.
Насилството е кулминација на цела низа фактори во која медиумите се еден дел од синџирот причинители.
Медиумите можат да го катализираат процесот на меѓуреакција на овие фактори или да бидат „тригер“, но во суштина се еден од факторите за насилно однесување, најчесто преку влијание на некој од горенаведените подиректни фактори или влијаат на формите на насилство предизвикано од други посилни фактори.

На пример, проблеми со самоконтролата во однесувањето можат да бидат предизвикани и поради штетно влијание на медиумите, но тие не се единствените фактори и таа може да се развие под посилно влијание на други причинители. Медиумите можат да предизвикаат и анксиозност, на пример, но во тој случај веројатно ќе треба да се забранат вестите и информативните програми, ако медиумите ги сметаме за најголеми виновници.
Цензура и контрола на медиуми и медиумски содржини не можат да го решат проблемот на насилството, бидејќи мораат да бидат земени предвид и останатите фактори.

Ако ги исклучите медиумите од таа равенка, тогаш насилството како силен нагон ќе пронајде други форми и комбинации на меѓуреакција на факторите.

Лошото родителство, или малтретирање од врсниците, на пример, ќе продолжи да поттикнува насилство и кога на детето ќе му забраните видео-игри и социјални мрежи. Ако медиумите се користат правилно и умерено, под старателски надзор, тие најчесто престануваат да бидат директен или изразен фактор за насилно однесување.

Моралната паника и медиумите

Денес општествата кои се соочени со кризи или колективни трауми често посегнуваат по различни видови на технофобиска морална паника, каде реалните опасности на новите технологии и некои нивни штетни влијанија се предимензионираат и се посочуваат како единствен проблем.
Моралната паника му помага на општеството во криза да се обедини околу некои едноставни идеи и пораки, да создаде чувство на групна емпатија, но работата со моралната паника е што не ги решава проблемите.
За жал работите не се така едноставни, забраната на телевизии, видео-игри, инфлуенсери и апликации не помагаат. Проблемите остануваат и се јавуваат во други форми.

Моралната паника често служи како средство за постигнување колективна катарза, но без одржливост. Историски гледано таа повеќе одмага во соочувањето со вистинските фактори за реалните проблеми, кои најчесто се многу сложени и за кои треба сериозна општествена мобилизација, како и промени во културата и системот на вредности. Како примери на морална паника од минатото можеме да ги споменемевидео игри, флипери, техно музика, рокенрол, Битлси, телевизија, радио, Емили Бронте, Толстој, Флобер, Бодлер, Џордано Бруно и редица други. Сите тие во некое свое време биле скандалозни и „ја расипувале младината“.

Сѐ повеќе информации, сѐ помалку вистинска комуникација
Не е толку проблем тик ток, колку што е проблем што сѐ помалку се разбираме меѓу себе. Со децата, со родителите, со роднините, пријателите, комшиите, колегите. Комуницираме побрзо и подалеку, но сѐ послабо се разбираме меѓусебно.
Технологијата ни дава лажно чувство дека комуницираме со другите како што треба.
Се нормализира површната комуникација, а тоа ги поттикнува самоизолацијата, самољубието и бесчуствителноста кон другите.

Некритичкото ширење на погрешното користење на технологијата и нашиот колективен конформизам да бидеме пасивни кон негативните влијанија од медиумите се проблем кој се повторува. Од тука некаде треба да почне и решавањето на проблемите, а забраните, без поширок и подлабок зафат во справувањето со нив, само ќе создаваат привид дека нешто се прави за да тие се решат.

Пишува: Проф. Сеад Џигал

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>