Фармацевти
Контакт

<< Назад

Како топлото време влијае на квалитетот на спиење?

септември 4, 2024

Моменталниот топол бран влијае на секој аспект од нашето секојдневно функционирање. Спиењето е можеби и еден аспект кој е најмногу засегнат, а топлото негативно се одразува врз неговиот квалитет и времетраење. Но, хигиената на спиење е особено важен аспект од нашето секојдневие, а нејзиното одржување треба да ни е приоритет. Имено, под хигиена на спиење ги подразбираме квантитетот и квалитетот на нашиот сон. Иако квантитетот е нешто на што најмногу се фокусираме, неретко се случува да се разбудиме уморни и недоволно одморени и покрај тоа што сме спиеле 8 часа. Тоа се должи на лошиот квалитет на сонот, а за негово одржување постојат исто така повеќе фактори. Еден од нив е и одржувањето на соодветни услови во просторијата каде што ќе спиеме. Токму еден таков услов за кој ќе зборуваме во повеќе детали во денешната статија е температурата, односно која е најсоодветната температура за просторијата во која треба да спиеме?

 

Како температурата влијае на спиењето?

Нашиот циркаден ритам во голема мера одредува кога сме будни и активни и кога сме подготвени за спиење. Овој ритам или циклус е придвижуван воглавно од изложеноста кон сончева светлина и е контролиран од посебен дел од мозокот наречен супрахијазматично јадро. Ваквиот дел од мозокот користи бројни индикатори од средината, вклучувајќи ја светлината и температурата, со цел точно да одреди кога е најсоодветниот период за спиење. За циркадниот ритам имаме пишувано во претходна статија која можете да ја прочитате доколку кликнете тука.

Како што веќе знаеме, телесната температура на човековото тело е околу 37℃. Меѓутоа, во текот на ноќта, телото користи процес наречен вазодилатација, пришто испраќа поголем проток на крв до екстремитетите, со цел да ја намали температурата во останатиот дел од телото за неколку степени. Ваквиот процес на вазодилатација се смета за причината зошто некои поединци имаат потопли стапала и дланки додека заспиваат, а зошто оние со студени стапала може да се борат со несоница. Ваквиот пад на телесната температура, исто така протекува паралелно со ослободувањето на хормоните за спиење, што помагаат да отпочне заспивањето, но и промовираат подобар квалитет на сон во текот на ноќта.

Ваквиот ефект на температурата е воочлив со промената на годишните времиња, а особено во студените зимски денови и во топлите летни. Во летниот период телото има потешкотии да ја намали телесната температура, па често имаме отежнато и неквалитетно спиење. Зимата е период кога телото лесно ја намалува температурата, па заспивањето е полесно, побрзо, а сонот во текот на ноќта е често непрекинат и поквалитетен. Често луѓето не помислуваат на температурата како фактор кој може да влијае значително врз квалитетот на спиењето, но таа е особено важна и може да допринесе кон сериозно подобрување на нашите навики на спиење.

 

ПИШУВА: Д-р Александар Митов

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>