Фармацевти
Контакт

<< Назад

Кога љубомората ја гуши љубовта

февруари 1, 2020

|

д-р Александра Прошева
ПЗУ ПОЛИКЛИНИКА Д-Р ПАВЛОВ



Љубомората е сложена емоција којашто, несомнено, секој од нас ја има почувствувано во емоционалните врски коишто се блиски и битни за нас. Кога зборуваме за љубомора најчесто мислиме за онаа љубомора што се јавува во љубовните врски и во бракот. Кога забележуваме дека нашиот партнер/партнерка отворено пред нас флертува со друг, делува дека повеќе се радува и е исполнет во комуникација со некој колега/колешка пријател, сака да поминува повеќе време со нив и се дистанцира од врската, се поретко доаѓа на време од работа и не се јавува иако знаеме дека не е зафатен со работните обврски и слични ситуации во кои е најчесто вклучена трета личност природно ни се наметнува потребата да дознаеме што се случува со нашиот партнер и соочување со реалните причини за сомнеж во поглед на посветеноста односно непосветененост и занемарување на партнерот во врската.

Она што загрижува во поглед на љубомората е тоа што партнерот, без разлика дали тоа е на почетокот на врската или и кај подолготрајните брачни врски, пројавува нереални сомнежи, си замислува ситуации коишто не постојат, станува посесивен, има потреба за контрола на времето и движењето на другиот, и која најмногу се засилува ако партнерот самостојно врши активности со други луѓе (на пример, службени патувања со колешка која е „закана“, излегување до доцна со другарки и сл.). Љубоморните реакции се преизразени, бурни, проследени со израз на лутина, бес и негодување, што пак води кон зачестени конфликти кои ја исцрпуваат врската, така што љубомората станува главната фигура, која се надвиснува над врската како црн облак и ги потиснува сите убави емоции на блискост, интимност, на тој начин уништувајќи ја љубовта. Љубоморните испади се израз на несигурност на личноста, чувство на страв од губење на љубовта и наклонетоста на партнерот, чувство на пониска вредност и постојано сопствено споредување со замислениот ривал, кој го гледа како подобар од себе, поубав, попаметен и сл. Овие личности имаат изразено негативна слика за себе, доста се самокритични и најчесто имаат доживеано некоја форма на отфрлање во претходните врски (врска во која долго време биле изневерувани, врска која завршила со тешко раскинување или развод). Искуствата доживеани во примарното семејство, како искуства на отфрлање, односно отфрлувачки, прекритичен, строг и авторитетен родител, емотивно дистанциран, незаинтересиран за емоциите на детето, како и состојби на  рана загубана родителска љубов, кои влијаат овие личности да бидат несигурни во себе, со ниско ниво на самодоверба и, секако, подоцна недоверливи и кон своите партнери, живеејќи со страв дека ќе бидат оставени и дека се недоволно вредни за нивната љубов. Љубоморната личност најчесто е зависна од партнерот и тешко функционира самостојно. Најчестите пораки што ги праќа се дека не може да живее без партнерот, дека го сака повеќе од себе си, ако парнерот сака да си замине од врската го условува дека ќе се самоповреди или ќе си го одземе животот, животот нема смисла без него и сл.

Љубомората природно се појавува како емоција уште во раната детска возраст, бидејќи детето е зависно од родителите или од лицата што се грижат за него, така што реагира љубоморно, бурно и негативно кога родителот покажува љубов и внимание кон друго дете, брат или сестра или, пак, возрасен. Ако детето постојано е занемарувано, или пак, ако другото дете е фаворизирано, детето ја губи сигурноста во родителите, односно не гради сигурна поврзаност, која како возрасен ќе ја проектира во своите партнерски релации.

Само да нагласам дека неретко љубомората во врската преминува во крајност и  се претвора во патолошка љубомора, што е посериозна психопатолошка состојба, бидејќи партнерот постојано е контролиран за секоја своја активност до степен да нема право на свој избор, изолиран е и нема контакти со опкружувањето и семејството, има забрана да работи и да има свој живот. Тој се наоѓа вплеткан како во пајакова мрежа, така што партнерот како паразит се прикачува на неговиот живот, претворајќи ја врската во врска на жртва и прогонител, во која има секојдневно психичко и физичко насилство, кое неретко завршува со фатални последици за едниот партнер.



Може ли да се надмине љубомората?

Она што е најважно од горенаведеното е да се раздвои љубомората од љубовта, да прифатимеи дека партнерите што ги сакаме имаат право на своја независност, на свои активности, интереси и пријателства и надвор од врската/бракот. Партнерите треба да разговараат за проблемот и да сфатат дека љубомората само ја дестабилизира врската. И двете страни треба отворено да зборуваат за своите емоции и како се чувствуваат поради љубомората на партнерот и да се обидат да изнајдат заедничко решение. Во поглед на сомнежите што се јавуваат кога едниот партнер има поголема потреба да знае каде се наоѓа другиот партнер, со цел да се намали неговиот страв прифатливо е двајцата партнери да се договорат едниот од нив почесто да му се јавува или да му испраќа пораки на другиот партнер, и самите да изградат здрави граници што е прифатливо а што не е во врската (неприфатливо ми е да излегуваш секој викенд со пријатели до зори, а мене ме запоставуваш). Треба да се почитува личното време (потреба за свое хоби, друштво, време за семејство и сл.), како и заемен договор колку време ќе му посветуваат на партнерот, односно на заедништвото. Доколку продолжат несогласувањата и се продлабочи проблемот, би било соодветно да се побара психолошка помош или партнерско советување.



За детално читање на овој текст, погледнете на 24-25 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Месечниот хороскоп е само текст

Дознај повеќе >>