Фармацевти
Контакт

<< Назад

Романтични патувања до…

февруари 1, 2020

|



Санторини

Според записите на грчкиот филозоф Платон, постоел остров наречен Атлантида, кој му припаѓал на богот Посејдон, неговата смртна жена Клито и нивните десет деца.

Легендата вели дека богот Посејдон се вљубил во смртничката Клито, ќерка на Евенор и Леусип, кои живееле на врвот од мала планина. Клито била девојка со силна волја и нескршлив дух, но мила и нежна на изглед. Богот на морето бескрајно се вљубил во неа.  Клекнал пред неа и ја побарал нејзината рака. Таа се согласила сметајќи дека тоа е огромна чест за неа и покрај тоа што претходно го обожувала морето. Посејдон, поради огромната љубов кон Клито, за да ја заштити неговата смртна жена и нејзините родители, ја опколил планината на која живеела таа со вода. Клито му родила пет пара близнаци, а островот што го создал Посејдон само за своето семејство, го нарекле Атлантида, според нивниот прв син Атлас. На Атлантида живееле смртниците, слободни и среќни. Се верува дека тие имале најсовршен живот во тоа време. Посејдон изградил два извора во средината на островот, еден со ладна, а друг со топла вода. Планината изобилувала со богат животински и растителен свет, многу цвеќиња и егзотични овошја, каде што смртниците живееле и уживале во благодетите од богот. Во средината на островот изградил палата од бел мермер за него и Клито, но и за нејзините родители. Најголемиот гест кој што ја покажал љубовта на Посејдон кон неговата Клито е тоа што ѝ го подарил својот трозабец, неговиот симбол на моќ, да биде симбол на нивната поврзаност.

Островот сега го нема, се верува дека народот во Атлантида станал алчен и злобен и боговите го потопиле во морето. Но, љубовта на Посејдон и Клито останала запишана.

Една од најголемите теории е дека островот не потонал и дека токму островот Санторини во Грција е прекрасната Атлантида.Санторини е одлична локација за вашето романтично патување. Силната љубов на Посејдон и Клито е одлична причина да го посетите островот заедно со љубовта на вашиот живот. Островот Санторини е совршен за романтични патувања, за вашиот меден месец, годишнина, запросување или можеби таму да ја направите вашата свадбена веселба.

Белите ридови нудат разни сместувања, од луксузни хотели до изнајмување на легендарните локални вили на островот. Санторини изобилува со прекрасни плажи со црн песок, вкусна храна и неверојатно вино. Вашиот романтичен одмор на Санторини можете да го исполните со прошетка до најпознатиот вулкан на Санторини и до главните села низ островот, каде што ќе пристигнете до најпознатата населба Ија. Вулканот нуди топла бања и каллива бања, особено корисни за вашето здравје.

Може да одите на нуркање и да ги откриете подводните убавини. Имате можност да посетите црни, црвени или бели плажи. Прославете ја љубовта вкусувајќи ја прекрасната морска храна со поглед кон островскиот вулкан. На крајот, најважно е да ја славите љубовта и да поминете квалитетно време заедно и да се опуштите од секојдевните обврски.



Малдиви

Не е случајност што се Малдивите едно од најромантичните места на светот. Освен прекрасната природа, егзотичните растенија и различната култура, таму можете да уживате потполно опуштени со вашиот партнер. Има многу опции за авантури и романтични искуства на Малдивите, како на пример луксузни одморалишта кои нудат единствени романтични искуства и заради кои ќе се почувствувате како сте на друга планета. Таму можете да си резервирате плажа само за вас и вашиот партнер, да уживате разгалени од спа-услугите на хотелите, како и да вечерате богата тропска храна под отворено небо.

Островот нуди шанса да запловите на зајдисонце со 19-метарскиот брод специјално изграден по примерот на малдивското традиционално бротче „дони“. Пловете по чистата вода на океанот, а вечерта завршете ја со вечера само за вас. Изјавете му љубов на партнерот додека вечерате над водите на Индискиот Океан во специјално изградените павилјони, сами вие двајца, опкружени со вода и шумот на океанот.

Авантурите на егзотичните Малдиви се безбројни и изобилуваат со романтика. Закажете му на партнерот заедничка масажа за релаксација, нуркајте,  дружете се со локалното население. Малдивите, исто така, имаат и голема историја со многу традиции. Прашајте го локалното население за нивните обичаи и како тие ја славеле нивната љубов. Можете многу да научите од различните култури, а можеби и нешто би примениле за среќа и љубов во вашата заедница.



Рандеву во Париз?

Пловење по Сена, бакнежи на врвот на Ајфеловата кула, претстава во „Мулен руж“, вечера во „Тур д аргент“, чувство како да сте член на кралско семејство се неколкуте работи заради кои  Париз е единствен.

Историските париски хотели, со кристалните лустери, големите кревети и античкиот мебел ќе направат да се чувствувате како член на кралско семејство, а што е најважно, сите траги од модерната технологија се умешно скриени, така што се чувствувате како да сте патник низ времето. Ако се подготвувате да ја побарате раката на вашата девојка, а сметате дека Ајфеловата кула не е доволно уникатно место за овој чин, направете го тоа во апартман во хотелот „Шангри-ла“ со поглед кон градот и најпознатиот париски споменик. Париските хотелите нудат луксузен кралски третман со пиење чај, пијано концерт или пак кралска гозба само за вас и вашиот партнер.

Двојките одат во Париз да ја прослават својата љубов, се запросуваат, прославуваат  годишнини, уживаат во својот меден месец или пак да избегаат на романтично патување само за нив двајца. Париз нуди егзотични места за оние двојки коишто сакаат да експериментираат полни со мистичност, големи кревети и места коишто ќе задоволат сечии фантазии. Ќе бидете заведени од прекрасните продавници, француската мода и од опојните француски парфеми кои ќе ви помогнат да го покажете вашето внимание кон љубовта на вашиот живот.

Испланирајте го вашето романтично патување и посетете го Париз. Ќе ви се отворат безброј авантури со спомени за цел живот за вас и партнерот.

За детално читање на овој текст, погледнете на 30-31 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Месечниот хороскоп е само текст

Дознај повеќе >>