Фармацевти
Контакт

<< Назад

Ублажување на симптомите на гастроезофагеална рефлуксна болест кај возрасни – пристап од перспектива на самолекување

март 3, 2025

Гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ) е нарушување на гастроинтестиналниот мотилитет поврзан со рефлукс на желудочната содржина во хранопроводот и усната празнина.
Се идентификува кога враќањето на желудочната содржина почнува да предизвикува непријатни симптоми и/или компликации. ГЕРБ се карактеризира со два кардинални езофагеални симптоми: печење во пределот на градите (жиговина) и регургитација (рефлукс). Екстраезофагеалните симптоми како што се некардијална (епигастрична) болка во градите, забна ерозија, сува кашлица, ларингитис и астма се поврзани со ГЕРБ, но не се специфични за него. ГЕРБ, исто така, често се поврзува и со намален квалитет на живот, намален квалитет на сонот, како и намалена продуктивност.

Пристап кон симптомите
Благите, повремени симптоми на ГЕРБ можат да се контролираат само со промена на исхраната и начинот на живот, а тие се исто така важен додаток на фармакотерапијата за умерена до тешка и комплицирана ГЕРБ. Промените во исхраната и начинот на живот вклучуваат препознавање и избегнување на преципитирачки фактори, вклучувајќи: внесување помали оброци, избегнување проблематична храна, подигнување на положбата на главата на креветот (за ноќните симптоми), лежење на левата страна од телото, престанување со пушење, намалување на тежината и кај угоени и кај здрави луѓе.
Посериозните симптоми може да се контролираат со лекови и медицински производи, од кои многу се достапни без рецепт. Лековите за третман на ГЕРБ вклучуваат:
• Антациди и алгинати
• Инхибитори на протонска пумпа (PPIs)
Антациди и алгинати
Системски преглед и мета-анализа од 2017 година покажале дека алгинатот (обично во формулација која содржи комбинација со антациди) е подобар во ублажување на симптомите на ГЕРБ во споредба со самите антациди и плацебо. Алгинатите се природни полисахаридни полимери кои при контакт со желудочната киселина се полимеризираат во гел. Алгинатните формулации за третман на ГЕРБ често се комбинираат со антациди како што е натриум бикарбонатот. Тој во формулацијата со алгинат ослободува јаглерод диоксид во алгинатниот гел и со тоа предизвикува гелот да исплива на врвот на желудочната содржина и да формира структура на сплав. Aлгинат-антацид сплавот формира несистемска бариера со што се намалува постпрандијалниот киселински рефлукс.
Бидејќи производите на база на алгинати се земаат често, неопходно е да се внимава на внесот на натриум преку оние производи кои содржат натриум алгинат. Кај посебни групи на пациенти кои треба да го намалат и контролираат внесот на натриум (сол), треба да се земе предвид употребата на производи кои содржат магнезиум алгинат во корист на пациентите. Исто така, производите за ублажување на рефлукс базирани на алгинати се одобрени за употреба кај бремени жени за ублажување на честите симптоми во бременост, како што се киселина и регургитација. Ова е многу важно во пристапот на самолекување бидејќи речиси секоја втора трудница се соочува со киселина за време на бременоста.
Кај пациенти со симптоми на ГЕРБ, не заборавајте и на слузницата на хранопроводот, која кај голем број може да биде оштетена од самото враќање на желудочната содржина или аеросолите од желудникот кои содржат пепсин и се враќаат низ хранопроводот, а стигнуваат дури и до горнореспираторен тракт. Затоа е важно да ја заштитиме и слузницата на хранопроводот, за што според студиите одлични се покажале хијалуронската киселина и хондроитин сулфатот.

Александра Стојкоска,
магистер по фармација

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>