Betty: Колку си задоволна од твојата улога во филмот „Кајмак“ и кои се позитивните и негативните критики? Воедно, накратко раскажи ни за искуството на премиерата во Токио
Ана: Соработката со Милчо Манчевски за мене е секогаш голем предизвик и задоволство. Драго ми е што ме избра мене да го портретирам ликот на Виолетка бидејќи таа е многу посебен и шармантен лик. Работлива, вешта, брза, кокетна, топла и доволно храбра да си го живее животот без предрасуди. Особини што со ќеф ги истражував. Најмногу ми се допадна бидејќи ги руши стереотипите за тоа како треба да живее една млада жена со пропаднат брак зад себе, а која работи на пазар со мајка си.
За искуството од Јапонија можам да кажам дека Токио е фантастичен град, едвај чекав да го истражувам. Имам многу патувано во светот, па чувството таму е како да си во иднината.
Микс на ултрамодерно и традиционално, иако верувам дека сите луѓе во светот во суштина се исти, вредностите по кои се водат Јапонците се пример. Хармонија, ред, дисциплина и работа на себе и тоа може да види и осети од само една прошетка на улиците во Шибуја (центар на мода и култура за млади). Нема ни едно догорче од цигара фрлено на улуица. Луѓето се кротки.
Имајќи предвид дека државата поради ковид-пандемијата беше отворена за туристи само дваесет дена пред нашето доаѓање, на фестивалот нѐ примија со маски и стегнат протокол, но топло и со голем интерес за филмот.
Целото искуство на црвениот тепих беше како на филм, а тоа што бевме дел од еден од најголемите фестивали во светот за филм, само кажува за вредноста на филмот.
Милчо од секогаш знаел како суптилно, дискретно, а некогаш и директно да го претстави малограѓанството во општеството, а тоа е секогаш интересна тема.
BETTY: Која ти била најтешка улога? И дали е тешко да одглумиш разни ликови и колку сето тоа остава трага на тебе?
Ана: Кога станува збор за мојата работа, за жал, не можам секогаш да ја оставам кога завршува работното време и да се вратам утредента во 7 наутро повторно, често си ја носам дома и си живеам со ликот. Секоја улога оставила трага на мене. Колку разни карактер играм, толку поголема нова фиока со информации во главата имам. Секој креативен процес отвора задачи на кои одговарам, и тоа ме менува како личност.
BETTY: Колку често ти прави притисок што си ќерка на етаблирани глумци, дали чувствуваш дополнителна тежина дека треба да ги надминеш?
Ненад и Силвија Стојановски се феноменални глуимци, но да ме прашавте во основно што сакам да бидам кога ќе пораснам, ќе Ви кажев моден дизајнер, не бев нешто по глумењето, читањето, а и македонскиот јазик не ми одеше најдобро, сакав да цртам и цвртав многу добро, ама наместо во уметничко, се запишав во гимназија.
Моите не беа пресреќни со ситуацијата во културата кај нас, па тој избор ми го правеа малку непривлечен. Сепак, кога се решив за глума и се запишав на
Академијата, тотално ја имав нивната поддршка. Не можам да кажам дека сум имала некаков притисок дека сум дете на глумци, ниту сопки, ниту тежина ниту, пак, обид да ги надминам бидејќи секој си остава печат во своето време. Повеќе сум црпела инспирација од некои нивни улоги и сум крадела занает, ама тоа го правам редовно од сите мои колеги.
BETTY: Те гледаме често на театарските претстави, како постигнуваш на театар, на големото платно, одредени реклами... од каде ја црпиш енергијата?
Ана: Во моментите на максимална ангажираност обично престанувам да се занимавам со сѐ што правам приватно. А да можам да имам кондиција, се спремам секојдневно и гледам слободните моменти да ги користам во природа, на планина, со моите кучиња, медитирам.
Тренирам кикбокс и одам на јога. Верувам дека здраво тело гради здрав ум, здрав ум е креативен ум, а креативен ум е мотивиран ум и спремен за акција. Исто така, многу енергија добивам со тренирање кикбокс и исто така благодарна сум му на мојот тренер Миро. Јогата е посебна техника што ми дава смиреност и концетрација, како и јогинот Оливер Василевски.
BETTY: Како ги одржуваш убавината и витата става? Би споделила ли со читателите некоја тајна во врска со твојата нега?
Ана: Шесте најдобри доктори на светот се: сонце, одмор, тренинг, добра исхрана, почит за сам себе и за пријателите, рекол Чарлс Чаплин, и гледам редовно да ја примам таа терапија.
Тренирам редовно, се хранам релативно здраво, јогата комплетно ми ја смени перцепцијата за односот кон телото, дишењето и дејствување во сопствен простор, ми даде повеќе доверба во сопственото тело. Креативна инспирација понекогаш црпам од класичната и од современата литература. Постои и фацијална јога, која открив дека е многу корисна.
Топло ја препорачувам за секој што сака да си направи природен лифтинг. Користам релативно органски производи за нега на коса, тело и лице.
BETTY: Дали мислиш дека хуморот може да го спаси светот?
Ана: Смислата за хумор е знак за повисоко IQ, така велат, не знам дали може да го спаси светот, ама, дефинитивно, може да ги спаси моментот и денот.
BETTY: Која е твојата омилена Go to дестинација?
Омилена дестинација ми е Њујорк.
BETTY: На кои проекти сега работиш?
Ана: Во моментот работам на нова играно-домумнтирана серија „Радио 180“, што се снима на повеќе локации, поточно кај нашите соседи. Ова е доста голем проект и интересен, кој бара многу енергија и посветеност.
За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Јануари 2023).