Весна Ставрова - дипл. фармацевт
АПТЕКА САРА ФАРМ, СКОПЈЕ
|
Здрава животна средина и чист воздух се дел од основните предуслови за квалитетен живот. За жал во нашата средина, аерозагадувањето во последните години бележи високи вредности. Кога владее густа магла и висок степен на влага во воздухот, трпат и болните и здравите. Најранливи групи од аерозагадување се децата под 5 годишна возраст, како и хронично болните.
Лекарите потврдуваат дека загадувањето во градовите најмногу ги загрозува органите за дишење. Покачените концентрации на штетни материи во воздухот можат да доведат до сериозни здравствени проблеми, меѓу кои се срцеви заболувања и рак. Срцевите и белодробните пациенти се најчувствителни на загадувања, но во опасност се и децата и постарите лица. За хронично болните пак, зимската сезона допринесува до влошување на симптомите на веќе постоечкото заболување.
Особено негативно влијание има аерозагадувањето со PM честички со големина 10, а посебно се опасни честичките со 2,5 микрометри големина, бидејќи навлегуваат во долните дишни патишта и доаѓаат дури до алвеолите, а оттаму преку крвта се разнесуваат насекаде во организмот.
Затоа на граѓаните
им препорачуваме користење на маски (респиратори) и прочистувачи за воздух. При купувањето на маски, важен е стандардот. FFP3 или N99 маските нудат 99% филтрација на честичките. FFP2 или N95 има 95% филтрација. После одредено време, филтрите на маските се презаситуваат и потребна е нова маска. Доколку користите маски со променлив филтер, погрижете се да имате постојана достапност до резервни филтри. Маските со стандард FFP1 не се баш препорачливи, бидејќи обезбедуваат филтрација од 80%. Дополнително треба да знаеме и дека маските со јаглен се користат при загадување со молекули, а воздухот кај нас е примарно загаден од честички. Хируршките маски не се препорачливи за проблемот со аерозагадувањето.
Нашата грижа како фармацевти во однос на ова прашање е да обезбедиме и препорачаме производи кои придонесуваат за превенција од заболувања, кои може да ги предизвика аерозагадувањето. Прашајте го фармацевтот за подетални информации, за начинот и времето на користење на маските.
За детално читање на овој текст, погледнете на 8 стр. во електронското издание на BETTY магазин (
ДЕКЕМВРИ 2019).