Пишува: Д-р Маринела Малинова - Специјалист оториноларинголог
Според времетраењето воспаленијата може да бидат акутни и хронични, а според причинителот специфични и неспецифични.
Epipharyngitis acuta (Adenoioditis acuta)
Станува збор за акутно воспаление на третиот крајник (tonsilae pharungicae). Ова акутно воспаление најчесто се јавува како продолжение на акутното воспаление на слузницата на носот на коешто се надоврзува бактериска инфекција на лимфното ткиво на третиот крајник. Најчести предизвикувачи се: Streptococcus pneumoniae, Haempophylus influenzae и Moraxella catharalis.
Клиничка слика:
Најчесто заболуваат деца, затоа што третиот крајник е развиен во претпубертетската возраст. Околу 12-тата година од животот инволуира, односно се намалува. Кај возрасен човек ретко останува во истата големина.
• Покачена телесна температура, речиси секогаш
• Отежнато дишење на нос (затнат нос). Кај доенчиња ова доведува до нарушување на исхраната, бидејќи се отежнува цицањето
• Слевање густ секрет од носот и епифаринкс по задниот незофарингеален ѕид кон грлото
• Болка во уво (многу често) поради ширење на воспалителниот процес кон едното или кон двете уши
• Цервикална аденопатија (оток на лимфните јазли во вратот)
• Повраќање и губење на апетитот
Дијагноза: Се поставува врз основа на клиничката слика. Се прави преглед на носот во предна риноскопија, фиберназофарингоскопија, преглед на грлото и на ушите.
Лекување: Антибиотска терапија, најдобро според антибиограм 7-10 дена.
• Деконгестивни капки или спреј во нос (5 дена)
• Антипиретик по потреба (ден-два)
• Аспирација на секрет од нос
Vegetatio Adenoides (Хронично воспаление на третиот крајник)
Настанува како резултат на чести повторувачки акутни инфекции на третиот крајник, но се земаат предвид и конституционалните фактори и наследната компонента.
Симптомите на хипертрофијата се следниве:
• Отежнато дишење на нос, затнат нос, отежнато голтање кај доенчињата и ‘рчење при спиење.
• Facies adenoidea (тесни ноздри, израмнета незолабијална бразда поради прогнатија на вилицата, подотворена уста, блед тен, уморни очи). Оваа состојба е штетна и за психичкиот развој, затоа што детето станува раздразливо, уморно и деконцентрирано.
• Кондуктивна редукција на слухот, еднострано или обострано, често проследено со воспаление на ушите.
Дијагноза: Се поставува врз основа на добро земена анамнеза, предна риноскопија, орофгарингоскопија, отоскопски наод, фиберназофарингоскопија (златен стандард), аудиометри- ја и тимпанометрија.
Терапија: Adenoidectomia – хируршка интервенција за отстранување трет крајник. Но пред да се одлучи за хируршка интервенција, лекарот е должен да почне со конзерва- тивен третман со интраназа- лен кортико-спреј еднаш на ден по едно прскање во секоја ноздра (40 дена).
Tonsilitis acuta (Акутно воспаление на палатиналните тонзили)
Кога зборуваме за воспаление на крајниците (палатиналните тонзили) обично станува збор за бактериска инфекција и тоа најчесто бета хемолитичен стрептокок од групата А. Често пати е асоцирано со гнојно воспаление, односно Angina Lacunaris.
Клиничка слика: Во раниот стадиум на болеста доминираат општи симптоми: висока температура, треска, општа слабост, болка во мускулите.
По ден-два се јавуваат локалните симптоми:
• Отежнато голтање
• Болки во ушите
• Покачена температура
• Оток на жлездите во вратот
• Обложен и сув јазик (дехидратација)
Дијагноза: Орофарингоскопски се разликуваат неколку типови ангини:
1. A ngina Catharalis: зголемени тронзили, црвенило и еден на слузницата.
2. Angina Lacunaris: покрај црвенилото и отокот има и појава на фибрински (гнојни) чепови во лакуните, така што тонзилата добива типичен точкест изглед.
3. Angina Confluens: кај овој тип ангини гнојот не е во лакуните туку гнојниот ексудат ја прекрива целата површина на тонзилата.
4. Angina Folicularis: покрај горенаведените симптоми има и појава на жолти проминенции на површината поради воспалените фоликули. Сите ангини се проследени со цервикална лимфаденопатија (зголемени лимфни јазли во вратот).
При дијагностиката треба да направиме KKS, CRP, AST-O И брис од нос и грло. Треба да ја прегледаме и кожата, бидејќи голем број осипи одат продромално и ангини (морбили, варичела, рубеола).
Терапија: Антибиотска терапија во големи дози, доволно долго (10 дена), во спротивно ризикуваме појава на рецидив. По потреба и неколку дена кортико-терапија доколку нема други хронични болести (HTA, D. M). По 5 до 7 дена од завршувањето на терапијата да се направи контролен брис од нос и грло. По повторувачки акутни инфекции како последица може да се јави хроничен тонзилит или клицоносителство.
Tonsilitis chronica (Хронично воспалените на палатиналните тонизили)
Ова заболување е последица на повторувачко акутно воспаление на крајниците.
Најчесто се јавува кај деца на возраст меѓу 4 и 15 години, но и кај возрасни.
Клиничка слика: Кај голем број пациенти со хроничен тонзилит нема никаква симптоматологија.
Понекогаш се жалат на оток во грлото и во вратот, што е последица на исполнување на криптите со детритус што го дистендира крајникот и создава непријатно чувство на туѓо тело.
Дијагноза: Не може да биде поставена само врз еден знак, како големината на крајниците или нивните длабоки крипти исполнети со детритус. Неопходно е да се земе добра анамнеза и извесно време да се следи пациентот. Да се земе брис од нос и грло и KKS со CRP и AST-O.
Исклучиво хируршка тонзилектомија (отстранување на крајниците).
Најчести индикации нна тонзилектомија се:
• Чести рецидивирачки ангини (3 во една година)
• Повторувачки перитонизиларни апцеси
• Голема хипертрофија на тонзилите и аденоидите (која прави опструкции)
• Упорни микотични заболувања
• Клицоносителство
• Фокус за жаришни инфекции (нефритис, ревматска треска, алопеција)
• Кога е докажано дека се причина за foetor ex ore.
Шрто се однесува до возраста кога треба да се прави тонзилектомијата или тонзилоаденоидектомијата, ставовите се дека кај деца под 3 години не треба да се оперира, освен во исклучителни случаи.
За детално читање на овој текст, погледнете на 20-21 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Февруари 2024).