Ова заболување е често во педијатриската практика поради зголемувањето на горнореспираторните инфекти кај децата, порастот на алергиските заболувања. Најчесто се јавува кај деца од 6 месеци до двегодишна возраст и со пик во зимските месеци.
Отитис медиа претставува генеричко име кое означува инфламација на средното уво, без разлика на патогенезата и етиологијата. Отитис медиа со излив може да биде причина за редукција на слухот во раната детска возраст и директно влијае врз развитокот на јазикот и говорот, затоа е потребна навремена и точна дијагноза.
Неколку поделби
Во однос на текот на воспалението:
- акутен отитис медиа
(до три недели)
- субакутен отитис медиа
(од три недели до три месеци)
- хроничен отитис медиа
(трае над три месеци)
Во однос на воспалителниот процес:
- специфичен
- неспецифичен
Во однос на морфологијата:
- воспаление без содржина
- воспаление со содржина
(серозна, мукузна, пурулентна)
Акутниот отитис медиа е акутна инфекција на средното уво од вирусна или бактериска етиологија. Отитис медиа со излив е непурулентен излив во средно уво, кој може да биде серозен или мукозен.
otitis med.acc. simplex е акутен неспицифичен воспалителен процес на слузницата на евстахиевата туба и тимпаналната празнина, со или без содржина и без перфорација на мембрана тимпани. Се добива при горни респираторни вирусни инфекти, кога воспалението се шири од нос или грло на слузницата на евстаахиевата туба. Отоскопски мембрана тимпани е вовлечена, со скратен или отсутен светлосен рефлекс.
otitis med.acc.purulenta е бактериски воспалителен процес на средно уво со пурулентна содржина со перфорација или без перфорација на мембрана тимпани и течење на пурулентен секрет од надворешен ушен канал. Симптомите се карактеризираат со симптоми на акутна болест- болка, треска, температура, раздразливост, плачење, одбивање храна, повраќање, додека акутниот отит со излив дава симптоми на чувство на исполнетост во ушите, нестабилно одење, многу ретко болка.
Третманот зависи од стадиумите на болеста, но и од општата состојба на самиот пациент. Во најраните симптоми на болеста, уште во почетокот на една акутна горнореспираторна инфекција да се даде назален деконгестив, xylometazoline spray, поради проодност на носот и евстахиевата туба. Со овој спреј се подобрува проодноста на назалните ходници и се олеснува дренажата на секрет од истите, се намалува отокот на назалната слузница и се превенира ширењето на процесот од назофаринкс кон евстахиевата туба и средното уво.
Антибиотици е најдобро да се даваат според антибиограм со брис од нос, грло или секрет од перфорирана мембрана. Аналгетици и антипиретици по потреба. Кога се работи за перфорација на мембрана тимпани, поради ризик од мастоидит најдобро е пациентот да се упати на специјалист оториноларинголог за понатамошна евалуација.
Превенцијата опфаќа намалување на експозиција на децата на можни инфекти, како престој во градинка, поголема лична хигиена, избегнување контакт со болни лица, подобрување на имунитетот на детето и обезбедување поголема проодност на туба аудитива.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци