Фармацевти
Контакт

<< Назад

Алергиски ринитис во време на пандемија со ковид-19

декември 1, 2021

д-р Марија Јанкуловска
оториноларинголог

|



Алергискиот ринитис претставува глобален здравствен проблем, една од најчестите состојби за посета на семејниот доктор. Со појавата на новиот вирус Sars-Cov 2, коронаинфекцијата и препокривањето на дел од симптоматологијата меѓу двата ентитети ситуацијата станува уште покомплицирана. Клиничката презентација на алергискиот ринитис може значајно да варира, а современиот принцип на овој проблем се состои од мерки на превенција и примена на соодветна терапија.

Клинички алергискиот ринитис се презентира со симптоми слични на обична настинка: затнат нос, зачестени кивавици, течење на бистар – проѕирен секрет од носот, или постназално слевање на секрет од носот во грлото, чешање на кожата на носот и очите, солзење на очите, надразнувачка кашлица, гребење во грлото. Окуларните симптоми се почести кај пациентите со сезонски алергиски ринитис. Кога постојат два или повеќе од дадените симптоми кои траат подолго од еден час на ден, треба да се посомневаме на оваа патологија. Симптомите произлегуваат од многубројните аферентни нервни влакна кои се наоѓаат во слузницата на носот, па преку рефлексни механизми, преку центрите во понс и медула облонгата, доаѓа до еферентни одговори како што се кивање, затнатост, солзење на очите. Контактот на назалната слузница со надворешната средина каде се наоѓаат многубројни супстанции кои предизвикуваат алергија т.н. алергени  придонесува за нагласување на симптомите. Сите овие симптоми доведуваат до намалување на квалитетот на секојдневниот живот, пациентите се жалат на намалена концентрација, чести главоболки, вознемиреност и хроничен умор, влијаат на работоспособноста, и се проследени со зачестени отсуства од работа или училиште. Со големата варијабилност на презентација на симптомите меѓу различните пациенти, кај некои може да бидат благо изразени без афекција на извршувањето на секојдневните обврски, па до умерени и тешки каде има големо намалување на квалитетот на секојдневниот живот, намален сон, хроничен замор, намален успех во школо, намалена продуктивност на работа. Значајно е да се спомене и варирањето на симптомите кај еден ист пациент низ годините. Причините зошто е тоа така сè уште не се доволно јасни, но според некои автори не се поврзани со количеството на присутен алерген во воздухот. Овие пациенти често имаат и други придружни горно и долнореспираторни болести, како алергиска астма, хроничен синузитис, носна полипоза.

Кај пациентите со ковид-19 инфекција, исто така, може да бидат присутни: затнат нос, течење на нос, гребење на грлото, главоболка. Но, многу почесто се присутни  и симптоми како: покачена телесна температура, краток здив, гадење и повраќање што не се карактеристични за симптоми на алергија.

Разликувањето на симптомите на алергиски ринитис и ковид-19 станува уште посложено со појавата на новата делта варијанта на вирусот ковид-19 која за прв пат е изолирана во Индија, каде масовно се прошири во април 2021 година. Според некои истражувања, симптомите на оваа варијанта имаат повеќе преклопувања со симптомите на алергиски ринитис кај невакцинирана, но и кај комплетно вакцинирана популација

Третман на алергискиот ринитис

Во лекувањето на алергискиот ринитис се применуваат мерки на превенција и тераписки постапки. Сите тераписки третмани се насочени кон контрола и олеснување на симптомите на алергиски ринитис, но не и кон комплетно излекување на болеста.

Мерки на превенција

Во мерки на превенција спаѓа начинот на избегнување на контакт со алергените. Најзначајно во овој поглед претставува избегнување на престој и особено физичка активност на отворено во период кога има висока концентрација на одреден алерген. Исто така,  намалување на површината во домот каде што може да се таложи домашна прашина, особено во спалната соба. Тоа може да се постигне со отстранување  теписи, тешки завеси, тапациран мебел, перници со пердуви,  користење  покривки од хипоалергени материјали, перење на облеката на температура над 60 Целзиусови степени. Исто така, постојат и студии каде е објавена значителност во намалена преваленца на алергии кај деца кои биле на ексклузивно доење од самото раѓање.

Во останати мерки на превенција спаѓаат намалување на контактот на носната лигавица со алергенот од надворешната средина. Тука спаѓа употреба на солени раствори кои содржат ектоин, кој како филтер ја обложува носната слузница и го оневозможува контактот со алергенот од надворешната средина. Исто така, по престој во средина со одредено количество на алергени, веднаш да се промени гардеробата, да се тушира телото и да се измие косата, со што би се намалила концентрацијата на алергените во новата средина. Потоа употреба на изо и хипертонични солени раствори со додаток на одредени супстанции како алое вера, камилица, масло од евкалиптус, бета-глукани кои дејствуваат  благопријатно на носната лигавица, го подобруваат мукоцилијарниот транспорт, го смалуваат отокот во носната празнина и го намалуваат количеството на медијаторите на воспаление.

Тераписки постапки

Во третманот на алергискиот ринитис моментално се регистрирани повеќе интраназални и системски препарати, кои со правилна примена може многу да ги намалат симптомите на алергиски ринитис, односно да ја одржуваат алергијата под контрола. Тука спаѓаат интраназалните кортикоспрејови, интраназалните антихистаминици, интраназалните деконгестиви, системските кортикостероиди, антихистаминици, деконгестиви, кромолински препарати, антагонисти на PAF рецепторите, антилеукотриените, а според најнови студии и позитивен ефект во третманот на алергии наоѓаат место и пробиотиците.

Кога од симптомите на алергија доминира затнатост на носот, медикамент на избор е интраназалниот кортикостероид. Биорасположливоста на спрејот е многу мала, најчесто под 0,5 %, што значи дека дејството е скоро целосно локално, без системски ефект. Достапни се повеќе генерички форми:  беклометазон дипропионат, будезонид, флутиказон пропионат, мометазон, триамкинолон ацетонид. Секој од овие спрејови има одредени предности и недостатоци, затоа многу е значајно да се земаат по препорака и претходен преглед од страна на оториноларинголог, за да се добие максимално ефикасна терапија. Многу е значаен начинот на користење на назалниот спреј, со левата рака спрејот се аплицира во десната ноздра, и обратно со десната рака во левата ноздра. На овој начин помалку се иритира лигавицата на назалниот септум, која е богата со крвни садови, и често при неправилна употреба на интраназалниот спреј може да дојде до несакано крвавење од носот. Кога ефектот од назалниот спреј не е доволен, на терапијата се додава и интраназален антихистаминик (азеластин и олапатидине) и таблетарно антилеукотриен (монтелукаст).

Кога од симптомите доминираат секрецијата и течењето на носот први на избор се антихистаминиците, а потоа се додаваат антилеукотриени и интраназален кортикостероид. Според некои препораки, оралните антихистаминици имаат поголем ефект од интраназалните антихистаминици и леукотриените. Има повеќе групи на антихистаминици (лоратидини, деслоратидине, цитеризини, левоцитеризини, фексофенадини, дифенхидрамини). Секој антихистаминик има своја карактеристика, затоа секогаш треба да се земаат по препорака на доктор, повторно за максимален позитивен ефект на здравствената состојба. Многу е важен и начинот на земање на лекот, на пример, фексофенадинот не треба да се зема со храна и кога го земаме тој лек не треба да се пие сок од грејпфрут.

Во третманот на алергискиот ринитис улога имаат и оралните и назалните деконгестиви. За назалните деконгестиви (оксиметазолин, ксилометазолин, псеудоефедрин) многу е значајно да се користат правилно дозирани и релативно кратко време не повеќе од 5 до 7 дена, во зависност од препораката на производителот за дадениот деконгестив. Секоја долготрајна и неправилна употреба на овие лекови штетно влијае на назалната лигавица и може да доведе до медикаментозен ринитис, кој претставува нов ентитет за лекување, а сам по себе е голем предизвик за секој оториноларинголог. Кога во симптомите на алергиски ринитис имаме наизменична манифестација на опструкција и секреција добар ефект има комбинацијата од интраназален ипратропиум бромид и ксилометазолин, но со третман ограничен до 7 дена.

Според најновите истражувања, и некои соеви на пробиотици (Lactobacilus GG I Lactobacilus reuteri, L. gasseri) имаат ефект во превенцијата и третманот на алергискиот ринитис.  Поврзаноста помеѓу пробиотиците не е сè уште комплетно јасна за научниците и голем број на студии сè уште се во тек, но има сознанија кои покажуваат позитивна поврзаност.

Покрај неспецифичното медикаментозно лекување постои и специфичен третман кој се нарекува и имунотерапија. Под имунотерапија се подразбира моносензибилизација со еден тип на алергени, како, на пример, еден тип на полен или еден тип на целогодишен алерген. Од досегашните искуства најдобар ефект на имунотерапија има за поленот на трева и за домашната прашина. Начинот на имунотерапија се состои во поткожна апликација на мала количина на алерген во одреден временски период. Исто така, постои и сублингвална имунотерапија која подразбира сензибилизација со алергенот со земање  таблета под јазикот. Целта на имунотерапијата е да се намалат, а кај некои пациенти и комплетно да исчезнат симптомите на алергија.

За детално читање на овој текст, погледнете на 6-7 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>