Што е алергија?
Алергијата претставува прекумерна реакција на организмот на специфична/и, вообичаено нештетна супстанција, или повеќе супстанции, познати како алергени, дури и кога се присутни во ниски концентрации.
Алергијата е предизвикана со реакција на сопствениот имунолошни (одбранбен) систем, кој нормално го штити телото од различни заболувања на тој начин што создава антитела кои се борат против бактерии, вируси и клици.
Меѓутоа, во случај кога едно лице има алергија, имунолошкиот систем реагира прекумерно и се обидува да го заштити организмот од инаку неопасните материи кои се наоѓаат во природата.
Кај луѓето кои не се алергични, имунолошкиот систем ги меморирал алергените како безопасни супстанции и поради тоа ништо не се активира при повторниот контакт со нив.
Кај алергичните лица имунолошкиот систем реагира бурно како да станува збор за инфекција, при што настануваат алергенските симптоми.
Што ги предизвикува алергиите?
Алергиската реакција ја предизвикуваат супстанции од нашата непосредна средина, познати како алергени. Алергените најчесто содржат протеини, како и храната што ја јадеме. Протеините се органски материи кои се состојат од водород, кислород и азот и се важен дел од сите живи организми.
Исто така постојат и непротеински алергени кои се составен дел од пеницилинот и други лекови. За непротеинскиот алерген да предизвика алергиска реакција, мора да биде поврзан со протеинска молекула откако ќе биде внесен во организмот.
Кај лицата кај кои имунолошкиот систем смета дека алергенот е штетен за организмот, се произведуваат антитела (IgE) кои го напаѓаат алергенот.
Процесот понатаму активира низа биохемиски реакции кои предизвикуваат ослободување медијатори на воспалението од клетките – мастоцитите и доведува до алергиски одговор на организмот кој се манифестира со иритација, воспаление и крајно со појава на симптоми на алергија.
Во понатамошниот тек се поттикнуваат низа дополнителни биохемиски реакции во кои главната активност ја имаат мастоцитите и еозинофилите.
Се ослободуваат и активираат медијатори на воспалението како што се хистамините, простагландините и леукотриените и при тоа настануваат симптомите на алергиската реакција.
Алергените може да бидат различни, но најчестите се:
- Домашна прав и грини
- Животински влакна и пердуви
- Полен од дрвја, треви и плевел
- Спори од мувли
- Одредени видови храна, вклучувајќи го и млекото
- Лекови
- Екскрети, отрови од артроподи и инсекти
Какви видови алергии постојат?
Во алергиски болести најчесто се вбројуваат:
1. Алергиски заболувања на дишните органи:
- Алергиски ринитис (повремен и континуиран)
- Алергиска астма
2. Алергиски заболувања на очниот апарат:
- Алергиски конјуктивитис
3. Алергиски кожни заболувања:
- Уртикарија
- Атопичен и контактен дерматитис
4. Други алергиски болести:
- Алергија на храна
- Алергии од инсекти и отров
- Алергија на вакцини и лекови
Некои алергиски реакции може да предизвикаат анафилактичен шок и да имаат фатален исход кај преосетливите лица.
Кои се најчестите симптоми на алергии?
Најчестите симптоми на алергиската реакција во горниот респираторен тракт (алергиски ринитис) се: носна опструкција, ринореа, кивање, чешање на носот, чешање и солзење на очи. Најчестите симптоми на воспалителните реакции во долните дишни патишта (астма) се надразителна сува кашлица, свирење при дишење и недостиг на воздух поради спазми со бронхиите, што може да доведе до гушење. Воспалителна реакција на кожата (дерматитис) обично предизвикува кожна уртикарија.
Алергијата на храна предизвикува јадеж, црвенило или осип, назална конгестија, грчеви во желудникот, повраќање, дијареа, па дури и проблеми со дишењето.
За детално читање на овој текст, погледнете на 26-27 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Април 2024).