Улогата на пациентот и докторот
Д-р Александра Лазаревска-Давитков
ПЗУ „ДСГ медикал“
Тироидната жлезда е ендокрина жлезда, односно жлезда со внатрешно лачење, чија примарна функција е производство на тироидните хормони тријодтиронин, тироксин и пептиден хормон - калцитонин.
Анатомски таа е локализирана непосредно под гркланот од двете страни на душникот. Составена е од од два лобуса, десен и лев, кои меѓу себе се поврзани со тесен жлездест дел наречен истмус. Тежината на тироидната жлезда изнесува од 30 до 60 грама. Нејзина основна градбена единица се тиреоцитите.
Хормоните што ги лачи во најголем процент се врзуваат за протеински носачи и се неактивни, а многу мал процент се оние што не се врзани, т.е. слободни, и кои се, всушност, активни, тие се мерливи и врз основа на нивната вредност ја проценуваме функцијата на тироидната жлезда.
Производството и секрецијата на тироидните хормони се одвива по принципот на негативна повратна спрега (хипоталамус - хипофиза - тироидна жлезда), а тоа значи дека зголеменото ниво на тироксин го намалува лачењето на тиреостимулирачкиот хормон во аденохипофи- зата и обратно - намаленото ниво на тироксин во циркулацијата го зголемува лачењето на овој тиреостимулирачки хормон, кој е исто така мерлив и на докторите и тоа како им помага во дознавање на нормалната функција на жлездата.
Тироидните хормони имаат влијание врз метаболизмот на речиси секоја клетка во човековото тело.
Како дејствуваат тие?
• дејствуваат регулативно на оксидативните процеси;
• влијаат врз растот и развојот на организмот;
• влијаат врз функцијата на нервното ткиво;
• овие хормони влијаат во насока на зголемување на базалниот метаболизам, влијаат на синтезата на протеините, учествуваат во регулирање на растот и развојот на долгите коски заедно со хормонот за раст, ја регулират телесната температура, како и осетливоста на организмот на други хормони.
Овие хормони исто така влијаат на протеинскиот, јагленохидратниот, масниот, па дури и на витаминскиот метаболизам.
За нормално да се содаваат тироидните хормони, неопходно е во нашето тело да има доволна количина јод, која ја добиваме преку храната (солта) и водата бидејќи тироидните клетки се единствените во нашиот организам што може да апсорбираат јод.
Македонија спаѓа во ендемски подрачја со недостиг на јод, но со воведувањето на задолжителното јодирање на солта тоа е веќе минато.
Како ние како доктори да се посомневаме дека нашиот пациент има проблем со функцијата на тироидната жлезда.
Прво и најважно е преку добро земена анамнеза да го чуеме многу добро пациентот на што ќе се пожали бидејки добро земената анамнеза е половина дијагноза.
1. Доколку се работи за хипотиреоза (намалена функција на тироидната жлезда), тој/таа би се пожалил/а на:
• замор при мирување и движење;
• намалена концентрација;
• сува кожа и сува коса,
• кршливи нокти;
• чувство на постојан студ;
• запек;
• промени во расположението (депресија);
• чести и обилни менструални крвавења;
• болки во мускулите и зглобовите;
• забавена срцева работа;
• тешкотии со забременување.
Причини за појава на хипотиреоидизам може да бидат:
недостиг на јод во исхраната, автоимуни заболувања (Хашимотов тироидитис), разни инфекции, хируршко отстранување на жлездата, преголемо пиење лекови за лекување на хипертиреоидоза, под дејство на некои лекови (алфа-интерферон, талидомид, амиодарон), туморски процеси на хипофизата и хипоталамусот или на самата тироидна жлезда, постпартални промени (по породување).
2. Доколку се работи за хипертиреоза (нејзина зголемена функција), тој/таа би се пожалил/а на:
• забрзана срцева работа (тахикардија);
• дијареја;
• промени на расположението во насока на анксиозност и депресија;
• зголемено потење;
• тресење;
• опаѓање на косата;
• проблеми со менструалниот циклус; и
• проблеми со забременување.
Хипертиреоидизмот може да се манифестира во форма на:
• Базедова болест;
• токсична мутинодуларна струма;
• преголемо внесување суплементи што содржат јод;
• лекови.
Мора да се напомене дека доколку се работи за струма, која не секогаш е поврзана со нарушена функција на жлездата, но поради растот на големината на жлезденото ткиво, се случува притисок на душникот и на хранопроводот, што може да доведе до тешкотии во дишењето и голтањето, како и козметички проблеми поради тоа.
Ако се работи за акутно воспаление, може да се јават црвенило, оток и болка.
Покрај анамнезата, последователно, доколку се работи за сомневање за нејзино нарушување, треба да се направат:
• физикален преглед;
• лабораториско иследување за нивото на тироидните хормони, тиреостимулирачки хормон и антитиреоидни антитетела (чие покачување може да укажува на нејзина хипер или хипофункција, воспалителни маркери доколку се работи за нарушување од воспалителна природа);
• ултразвучна ехо-дијагностика, која служи за процена на структурата и големината на жлездата, како и за откривање присуство на цисти, јазли и калцификати;
• скен со радиокативен јод - онаму каде што јодот не е преземен од тироидната жлезда, се појавуваат т.н. студени дамки, кои укажуваат на нефункционален лобус, кој потенцијално е со малигна природа. Доколку се работи за преголемо фиксирање јод, тоа се т.н. врели дамки, што укажува на зголемена активност, а тоа на суспектен токсичен аденом;
• инциденцата на заболувања на тироидната жлезда во нашата земја е голема, па следствено на тоа треба да се внимава на нејзино навремено откривање, дијагностицирање и соодветен третман.
Нашиот совет до пациентите е следниот:
• болест на тироидната жлезда може да се развие постепено и незабележливо, што значи дека некој може да ја има со години, без да биде свесен за тоа;
• најчестите болести на тироидната жлезда обично не даваат никакви симптоми;
• најдобар начин да откриете дали имате некое заболување на тироидната жлезда е да појдете на преглед кај вашиот лекар;
• слушајте ги сигналите што ви ги праќа телото;
• појдете да се советувате со вашиот лекар, со кој треба да имате одлична комуникација и кому треба да му веруавте.
Многу е важна улогата и на пациентот, кој навремено ќе детектира промени во функцијата на своето тело и последователно ќе се јави кај својот доктор, кој навремено, врз основа на симптомите, ќе препознае дали се работи за нарушување на функцијата на тироидната жлезда и ќе ги преземе сите неопходни чекори за дијагностицирање и последователен третман.
За детално читање на овој текст, погледнете на 8-9 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Јуни 2022).