Зорица Мартиноска Андонова
доктор по медицина
ПЗУ ЦИТУС - ШТИП
|
Анемија или слабокрвност претставува намалување на вредностите на хемоглобинот со или без намалување на вредностите на еритроцитите (црвените крвни зрнца). Главна улога на еритроцитите и хемоглобинот е транспорт на кислородот од белите дробови до сите клетки во организмот. Недостигот на хемоглобин и недоволен број на еритроцити ќе резултира со намалено снабдување на клетките со кислород и манифестирање на клиничките знаци на анемија. Повеќето видови анемија се транзиторни и може лесно да се коригираат, но некои видови анемија може сериозно да го нарушат здравјето и да доведат до животнозагрозувачки состојби. Анемија кај децата е многу честа болест. Обично се случува на возраст од 6 месеци до 2 години.
Зошто се јавува анемија?
Недостиг на железо кај децата се јавува многу лесно. Резервите на железо по раѓањето се мали, а потребите на бебето брзо се зголемуваат. Резервите се мали кога мајката била анемична за време на бременоста или консумирала храна со малку железо или имала чести бремености. Предвремено родените бебиња имаат значително помалку резерви на железо. Анемијата е поизразена кај деца кои се хранат само со млеко. Мајчиното млеко е побогато со железо за разлика од кравјото. Меѓутоа, потребите на бебето за железо не можат да бидат задоволени само со млеко, па се додаваат и други прехранбени производи. Кравјото млеко има помалку железо и тоа е една од причините зошто не се препорачува во текот на првата година од животот. По завршувањето на првата година од животот анемија се должи на помал внес на храна богата со железо и неговата ниска искористеност поради нарушувања во варењето на храната. Инфекциите, исто така, негативно влијаат врз матурацијата на еритроцитите и доаѓа до појава на анемија.
Видови анемии
- Сидеропениска анемија – анемија поради недостиг од железо. Железото е неопходно за создавање на хемоглобинот. Оваа анемија се јавува како резултат на несоодветна исхрана и е најчест вид на анемија што се јавува кај децата.
- Мегалобластна анемија или пернициозна анемија се јавува поради недостиг од витамин Б12 и најчесто е резултат на неспособност на организмот да го ресорбира витаминот преку тенкото црево, иако тој доволно се внесува преку исхраната. Се јавува главно кај постарата популација.
- Хемолитична анемија, еритроцитите имаат генетски дефект што предизвикува нивно предвремено распаѓање.
- Српестата анемија е наследно заболување кај кое еритроцитите имаат форма на полумесечина или срп.
Како да препознаете анемично дете?
Повеќето симптоми на анемија се неспецифични, само мал дел од нив се поврзани со одредени видови анемија. Анемијата многу често е придружен симптом на други, најчесто хронични заболувања. Најчести симптоми на анемија се:
- Бледило на кожата и на видливите слузокожи
- Недостиг на енергија, изнемоштеност или недостиг на концентрација
- Главоболка и вртоглавица
- Намален имунитет и склоност кон инфекции
- Забрзана работа на срцето (тахикардија)
- Отежнато дишење
- Жолтило на кожата и белките на очите
- Зголемени црн дроб и слезинка
- Заостанување во растот и развојот
Сите овие симптоми може да бидат манифестација на друго заболување и затоа е многу важно правилно да се насочат иследувањата за да се постави точна дијагноза.
Како се дијагностицира анемијата?
Анемијата вообичаено се дијагностицира преку крвната слика која покажува намалени вредности на хемоглобин и намален или нормален број на црвени крвни зрнца. Останати дијагностички процедури за одредување на видот на анемијата се:
- Комплетна медицинска историја и физикален преглед;
- Диференцијална крвна слика, цитоморфолошка анализа на периферна размаска и број на ретикулоцити;
- Одредување серумско железо и неговите резерви, Б12, фолати, вредности на билирубин, хемоглобинолошки, ензимолошки анализи и други лабораториски иследувања во зависност од клиничката слика;
- Аспирација и биопсија на коскена срцевина.
Според критериумите на Светската здравствена организација, анемијата се смета за намалена концентрација на хемоглобин во крвта под 110 гр/1 за деца од шест месеци до петтата година од животот, под 115 гр/1 од петта до дванаесетта година и под 120 гр/1 за деца на возраст од дванаесет до петнаесет години.
Третман на анемија
Третманот на анемијата во детската возраст е различен во зависност од видот на дијагностицираната анемија и може да се состои од:
- Терапија со препарат кој содржи железо, витамини и промена на начинот на исхрана при нутритивна анемија (внес на продукти богати со железо – месо и зеленчук во комбинација со продукти богати со витамин Ц);
- Третман на основното заболување кое довело до анемија;
- Трансфузија на еритроцити ако е неопходно;
- Трансплантација на коскена срцевина (во случај на нефункционирање на коскената срцевина).
За детално читање на овој текст, погледнете на 6-7 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2021).