Весна Јаќовска
Магистер по здравствен менаџмент и фармакоекономија
Специјалист по фармацевтска регулатива
Макулата е област на мрежницата што Ви овозможува да гледате јасни слики, бои и најситни детали. Макуларна дегенерација (или SMD – сенилна макуларна дегенерација) е прогресивнa окуларно макуларна болест, при што првично пациентите гледаат нејасни и замаглени слики, но болеста во напредна фаза се развива сè до целосното губење на визуелната острина во централното поле. Притоа видливоста на периферното поле останува зачувана. Проблемот настанува поради фактот што, поради постојана интеракција со светлосните зраци, фоторецепторите во мрежницата започнуваат да се оштетуваат и изумираат, а еднаш оштетените клетки веќе не може да се обноват. Фактори на ризик се: постара возраст од 50 години, физичка неактивност и дебелина, пушење и висок крвен притисок како и светла боја на очите и други наследни фактори. Освен тоа модерното време носи се пофреквентно користење на дигитални технологии (ТВ, компјутери, смартфони, ЛАП-ТОП и, таблети итн.) кои ја зголемуваат изложеноста на сина светлина со што се зголемува оштетувањето на мрежницата!
Исхрана богата со соодветни антиоксиданти се смета за клуч за зачувување на очното здравје и превенција на бројни болести на окото како што се макуларната дегенерација и катаракта. Антиоксидантите се спротивставуваат на штетните ефекти кои се предизвикани од слободни радикали кои можат значително да придонесат за прогресија на катаракта и макуларната дегенерација. Значи, важно е во секојдневната диета да внесуваме растителна храна, од типот на: спанаќ, блитва, брокула, кељ, грашок, пиперки, моркови и дињи.
Од храната од животинско потекло важно е да се внесуваат јајца. Овие намирници се богати со антиоксиданти: лутеин, зеаксантин, витамин Ц, витамин Е и други хранливи материи за кои се смета дека имаат најголема улога не само во превенцијата, туку и во забавување на прогресијата и олеснување на симптомите на очните болести. Притоа со бројни студии е потврден конкретниот ефект за очното здравје на каротеноидите лутеин и зеаксантин кои човечкото тело не може да ги произведе и треба да се внесат соодветно преку исхраната или со суплементација. Најголеми концентрации на лутеин и зеаксантин во нашиот организам биле откриени во жолтата точка (макула лутеа) во мрежницата и во леќите од окото.
Лутеинот и зеаксантинот се всушност заштитниот ретинален пигментен слој каде што се филтрира синиот дел од светлиот спектар - главниот виновник за оксидативно оштетување на структурите на очите. Задржување на ретиналниот пигментен слој е исклучително важно да се зачува централната визија. Концентрација на лутеин и зеаксантин во окото и макулата е директно поврзана со нивната концентрација во крвта и зависи од неговиот дополнителен внес. Суплементацијата со 10мг лутеин и 2мг зеаксантин дневно во подолг период доведува до 60% зголемена толеранција на интензивна светлина и 15% побрзо закрепнување од фотострес што е особено важно при зголемена изложеност УВ зраци во летниот период. Зголемен внес на лутеин и зеаксантин во форма на додатоци во исхраната ја зголемува густината на макуларниот пигмент и значително го намалува ризикот макуларна дегенерација, катаракта и глауком. Дополнително корисно е да се внесуваат и омега 3 масни киселини (ДХА) кои најмногу ги има во морската риба и кои во комбинација со витамин Е придонесуваат за заштита на чувствителните делови од мрежницата и ја намалуваат прогресијата на макуларната дегенерација и последователното оштетување на видот.
Витаминот Ц од своја страна како добро познат антиоксиданс дејствува како филтер за УВ зраците кои достигнуваат до рожницата и леќата, и ги штити клетките од оксидативен стрес со што го намалува ризикот од: глауком, катаракта и макуларна дегенерација.
За детално читање на овој текст, погледнете на 26-27 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Септември 2022).