Пишува: Д-р Арбен Асани - спец. интернист во Лаор Поликлиника
Што значи високиот крвен притисок?
Висок крвен притисок се смета притисок на крвта кој е над или еднаков на 130/80 mmHg според американските препораки, односно над 140/85 според европските препораки, добиен по неколку мерења во тек на неколку дена или недели.
Кои се различните фактори кои влијаат за покачување на притисокот?
Има повеќе фактори: полот, возраста, наследноста, телесната тежина, стрес, пушење, употреба на алкохол, физичката неактивност, употреба на големи количини сол и др.
Зголемен внес на сол, како се зголемува крвниот притисок?
Солта е материја која влече вода и го зголемува волуменот на течности во нашиот организам, што всушност создава услови за зголемување на крвниот притисок. Исто може да делува и на некои други механизми околу намалувањето на елиминација на натриум и други електролити при што се зголемува и васкуларната реактивност.
Кои типови на артериска тензија постојат?
Има неколку класификации на високиот крвен притисок и тоа:
- според нумеричките вредности,
Нормален: <130 и <85 ммХг,
Високо нормален 130-139 и 85-89ммХг
Прв степен: 140-159 и 90-99 ммХг
Втор степен: 160-179 и 100-109ммХг
Трет степен: > 180 > 110 ммХг.
- според обемот на оштетување на одредени органи (без оштетување и оштетување од прв, втор и трет степен на целните органи)
- според етиолошката причина на крвниот притисок (примарен/секундарен)
Според етилогијата артериската хипертензија може да биде примарна – есенцијална или секундар- на хипертензија. Што е примарна хипертензија?
Примарна хипертензија е мултифакториална болеста, која се јавува поради разни влијанија од околината и некои генетски предиспозиции. Таа е околу 90-95% застапена кај популацијата.
Што е секундарна хипертензија и кои се најчестите причини за нејзина појава?
Секундарна хипертензија е висок крвен притисок заради некое органско оштетување и се знае причинителот, како на пример ако имаме притисок од срцеви заболувања - кардиолошка, од бубрези - нефролошка, ендокринолошка или невролошка природа.
Има и една посебна секундарна состојба на хипертензија во тек на бременоста, која се вика хипертензија во бременоста во вид на прееклампсија, еклампсија или транзиторна хипертензија.
Во секундарната хипертензија се брои и хипертензија предизвикана од употреба на лекови, како: контрацептиви, циклоспорини, кортикостероиди, еритропоетин, алкохол и др.
Дијагнозата на хипертензија:
Стандардните процедури вклучуваат: детална анамнеза, физикален преглед, лабораториски анализи, дополнителни испитувања со цел да се процени вкупниот ризик за појавата на болеста, етиологијата и евентуалното оштетување на целните органи (срце, бубрези, ретина, мозок и нервен систем).
Лекувањето на крвниот притисок се состои во следното:
Промена и намалување на ризик-фактори, поточно со промена на животниот стил и тоа намалување на телесната тежина, престанок на пушење, намален внес на сол и алкохол, зголемена физичка активност, консумирање здрава исхрана..
Потоа се вклучуваат лекови за намалување на крвниот притисок: монотерапија или комбинирање на повеќе групи на антихипертензивни лекови индивидуално според потребата и намалените вредности на крвниот притисок.
Редовни контроли и придржување на терапијата и препораките дадени од стручните лица исто така е од големо значање за одржување оптимални вредности на крвниот притисок.
За детално читање на овој текст, погледнете на 08-09 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Април 2024).