Фармацевти
Контакт

<< Назад

Бебешката кожа заслужува најдобро – медицински препораки за нежна и безбедна нега

јануари 5, 2026

Бебешката кожа е неверојатно мека, но истовремено и многу чувствителна. Кожата на бебињата е многу повеќе од обичен заштитен слој – таа делува како прва линија на одбрана и непосредна врска со надворешниот свет. Нејзината структура и функција значително се разликуваат од кожата на возрасните: таа е околу 30 % потенка, со послаба липидна бариера и намалена способност за задржување влага.
Овие физиолошки особености ја прават бебешката кожа исклучително чувствителна и подложна на иритации, особено во текот на зимските месеци.
Во зимски услови кожата на најмладите е изложена на комбинација од студен и сув воздух надвор и топол, сув воздух во затворени простории. Овој контраст ја исушува кожата, ја нарушува нејзината заштитна функција и доведува до појава на црвенило на образите, иритација околу устата, па дури и пукнатини на рачињата.
Кај чувствителни деца, ваквите услови можат да го активираат или влошат атопискиот дерматитис – хронично воспалително заболување на кожата што се карактеризира со сувост, чешање и егземи.
Превенцијата има клучна улога: наместо да се третираат проблемите кога ќе се појават, потребно е кожата да се негува секојдневно и превентивно, со цел да остане здрава и отпорна.
За правилна нега на бебешката кожа најсоодветен избор претставува медицинската козметика, која е дерматолошки тестирана и специјално формулирана за чувствителна или атопична кожа.
Таквите производи се без парфеми, бои и парабени, а нивниот состав е внимателно прилагоден за да ја зајакне кожната бариера и да ја задржи природната влажност. Еден од најважните фактори кај овие производи е pH-вредноста 5,5, што одговара на физиолошката pH на здрава кожа. Овој баланс ја одржува киселата обвивка (acid mantle) – заштитен слој кој ја спречува колонизацијата на патогени микроорганизми и ја стабилизира микрофлората.
Производите со алкално или неутрална pH можат да ја нарушат оваа рамнотежа и да ја направат кожата поподложна на иритации и воспаленија.
Негата на бебешката кожа не бара комплицирани процедури, туку редовност, нежност и правилен избор на производи:

1. Капење
Кратко, со млака вода и благ детски шампон и гел со pH 5,5. Избегнувајте топли и долги бањи кои ја сушат кожата.

2. Сушење
Кожата се суши со тапкање, без триење.

3. Хидратација
Во првите неколку минути по бањањето, нанесете хидратантна крема или лосион. Кај посува кожа, овој чекор може да се повтори и двапати дневно.
4. Заштита при прошетки
Во студено време задолжително нанесете заштитна крема против студ и ветер, особено на образите и рачињата.

5. Нега на пеленска регија
Користете нежни креми со цинк оксид за да се спречи иритација од влага и триење.

6. Облека и перење
Препорачлива е облека од памук или бамбус, без синтетика. Прашоците и омекнувачите нека бидат хипоалергени и без мирис.
Бебешката кожа не создава доволно себум – природното масло кое кај возрасните ја одржува влажноста. Затоа е потребна надворешна поддршка преку редовна примена на емолиенти и заштитни креми.
Овие производи не „ја задушуваат“ кожата, туку ја штитат и ѝ помагаат да ја зачува својата природна функција.
Бебешката кожа заслужува внимателен, доследен и научно поткрепен пристап во нејзината нега. Со редовна хидратација, употреба на медицинска козметика со pH 5,5 и избегнување агресивни производи, можеме да обезбедиме здрава и еластична кожа за секое бебе. Негата на бебешката кожа не е само дел од секојдневната рутина – тоа е дел од грижата за здравјето, комфорот и благосостојбата на најмалите.

 

Пишува
Д-р Благица Стојаноска, доктор по општа медицина

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>