Фармацевти
Контакт

<< Назад

Борете се против никотинската зависност

март 1, 2020

|



Борете се против никотинската зависност

Решивте да се збогувате од цигарите? Долго време размислувате и постојано одложувате? Честитки. Можеби првиот ден ќе биде многу тежок, но верувајте дека откако ќе почнете да ги забележувате позитивните промени во вашето тело, ќе бидете благодарни на успешно преживеаните кризни мигови.

Направете план

Смислувањето  план е основа за борбата против цигарите. Размислете убаво околу вашите начини на фокусирање, нивото на самоувереност и силата на вашата решителност. Важно е да бидете искрени спрема самите себеси и да се потрудите да ги засилите вашите слаби страни. Креирајте го својот план во кој ќе доминираат вашите силни особини. Запомнете дека доколку имате желба, нема начин со кој  може некој да ве спречи во вашата намера. Доколку не знаете кој метод е најсоодветен за вас и за вашите животни навики, пробајте повеќе методи и не очајувајте сè додека го најдете вистинскиот.

Да бидете постојано зафатени со нешто е одличен начин да не помислувате на цигари во првите денови од откажувањето. Зафатеноста ќе го држи вашиот ум далеку од оваа навика и ќе го насочува вниманието кон новите нешта. Пробајте активности како што се: вежбање, одење на прошетки во природа, гледање филмови, дружење со пријатели (особено со оние кои  се против цигарите) или, пак, некое ново хоби како цртањето.

Бидете позитивни

Откажувањето од цигари е многу тешко. Фокусирањето на сегашниот миг ќе ја намали силата на мозокот што талка наоколу. Одржувајќи го позитивниот став, постојано потсетувајте се на важноста на вашето здравје и верувајте во остварување на целта. Наградувајте се после секои издржани 24 часа, бидејќи вие навистина го заслужувате тоа. Доколку не се чувствувате доволно подготвени за да започнете со самиот процес на откажување, поставете си разумен рок.

Важно е да знаете зошто се откажувате

Пред да се решите  да ги откажете цигарите, важно е да знаете што е она поради кое сакате да го сторите истото? Што е она што најмногу ве мотивира и кои се причините поради кои пушењето почна да ви пречи? Дали навистина мора нешто да ви пречи или тоа е едноставно убавиот начин на третирање на своето тело и дух. Поставете си ги следните прашања: Што ми пречи? Како пушењето влијае на моето здравје? На кој начин ќе го подобрам мојот живот доколку се откажам?

Симптомите по откажувањето може да бидат вознемирувачки, но затоа секојдневно потсетувајте се на причината која ќе ви биде постојана инспирација за откажувањето. Во текот на првите неколку недели по откажувањето, може да се чувствувате лошо и да се појави огромна потреба од никотин. Запомнете дека телото се обидува да се навикне без никотин. Може да се чувствувате депресивно, да не можете да заспиете, да се чувствувате нервозно или вознемирено... Овие промени во вашата психофизичка состојба може да ве натераат да помислите дека доколку запалите цигара ќе ви биде подобро, но не паѓајте во искушение, бидејќи треба да знаете дека сите промени се минливи. Никотинските кризи траат само неколку минути и доколку издржите ќе се чувствувате горди. Треба да имате предвид дека голем дел од пушачите не успеваат да се откажат од цигарите при првиот обид, затоа доколку не успеете обидете се повторно. Вистинскиот неуспех не лежи во неоткажувањето од цигари, туку во откажувањето од самиот обид.

Што се случува во вашето тело по последната цигара?

Пушењето го забрзува производството на слободни радикали во вашето тело. Витамините служат како одбрана против слободните радикали. Тие помагаат во неутрализирање на слободните радикали за да се спречи или да се минимизира штетата која се нанесува на нашето тело. Затоа, пушачите може многу полесно да се разболат. Од друга страна, пак, одбранбениот систем на човековото тело се бори со штетните радикали со помош на антиоксиданти. Дел од нив се произведени во самиот организам, додека дел  ги внесуваме со консумирање одредена храна. Кога во организмот има премногу слободни радикали и нема доволно антиоксиданти, се јавува состојба позната како оксидативен стрес – кој игра значителна улога во развојот на голем број заболувања, како рак и кардиоваскуларни проблеми.

По само дваесетина минути, вашиот крвен притисок ќе се намали, а телесната температура ќе се врати во нормала; по осум часа нивото на кислород се зголемува и се нормализира нивото на јаглерод моноксид во крвта; по првите три дена дишењето станува многу полесно и ќе се почувствувате поенергични; по два месеци функционирањето на белите дробови се подобрува за дури 30 %!

Запомнете дека доколку станете непушач, ќе ја намалите несаканата кашлица, нема да се чувствувате заморено при одредени физички активности, ќе имате значително подобрување на проблемите со синусите и ќе дишете многу подобро. Со откажување од цигарите ќе го намалите ризикот од срцеви заболувања, од мозочен удар, од рак на бели дробови, како и рак на грлото, јазикот и хранопроводот.

Бонус BETTY совет

Никотинската зависност може да ја залажете со јадење темно чоколадо. Бидејќи пушењето ја менува перцепцијата на задоволство во вашиот мозок, темното чоколадо ќе го зголеми нивото на серотонин, хормон кој  предизвикува убави чувства и ќе го намали стресот.

За детално читање на овој текст, погледнете на 28-29 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАРТ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>