Фармацевти
Контакт

<< Назад

Важноста на витаминската суплементација во текот на бременоста

јуни 1, 2025

Бременоста е најважниот и најчувствителeн период во животот на една жена. Во овој период потребите на телото значително се менуваат и зголемуваат за да се поддржи растот и развојот на фетусот, како и да се зачува здравјето на мајката. Соодветниот внес на витамини и минерали е клучен за правилниот тек на бременоста, а во повеќето случаи, само исхраната не е доволна за да се задоволат сите потреби. Токму затоа, витаминската суплементација игра многу витална улога.
Фолна киселина
(витамин B9)
Фолната киселина е еден од најважните витамини во раната бременост, дури и пред зачнувањето. Нејзиниот адекватен внес помага да се спречат вродени аномалии на невралната цевка, како што се спина бифида, аненцефалија и други. Затоа се препорачува жените да почнат со суплементација со фолна киселина најмалку еден месец пред забременување и да продолжат во текот на бременоста.

Железо
Во текот на бременоста количината крв во телото на мајката се зголемува, што значи дека потребата за железо расте. Недостигот на железо може да доведе до анемија, што може да предизвика замор, слабост, па дури и предвремено породување. Соодветната суплементација со железо е клучна за да се одржи добар хематолошки статус и да се обезбеди доволно кислород за фетусот.

Калциум и витамин Д
Калциумот е потребен за развојот на коските и забите на фетусот, додека, пак, витаминот Д овозможува негово правилно апсорбирање во телото. Недостигот на овие нутриенти може да влијае на коскената густина кај мајката и да го зголеми ризикот од гестациска остеопороза.
Омега-3 масни киселини
Додатоците со DHA една од омега-3 масните киселини, имаат огромно значење за развојот на мозокот и видот на бебето. Бројни истражувања покажуваат дека суплементацијата со DHA може да го подобри когнитивниот развој на бебето по раѓањето.

Јод, витамин Б12 и други микронутриенти
Јодот е потребен за синтеза на тироидни хормони и нивна правилна фукција, а тие се важни за метаболизмот и невролошкиот развој. Витаминот Б12 е исто така клучен за создавање крвни клетки еритроцити и функцијата на нервниот систем. Бремените жени, особено оние кои се хранат со вегетаријанска исхрана и веганска, треба да бидат внимателни да внесуваат доволно од овие нутриенти.

Магнезиум, цинк и други важни елементи
Магнезиумот има клучна улога во превенцијата на грчеви, кои често се јавуваат кај бремени жени, особено во вториот и третиот триместар. Исто така игра улога во регулирањето на крвниот притисок и го поддржува нормалното функционирање на нервите. Цинкот, пак, е важен за клеточниот раст и имунитетот и неговиот недостиг може да биде поврзан со одложен раст или компликации при породување.
Антиоксиданти и витамини од групата Б
Витамините C и E, како антиоксиданти, помагаат во заштитата на клетките од оксидативен стрес кој може да биде штетен и кој може да биде зголемен за време на бременоста. Витамините од групата Б (особено B6 и B1) може да помогнат при ублажување на симптомите како утринска мачнина или замор.

Индивидуален пристап и консултација со лекар
Не секоја бремена жена има исти потреби, секој организам е различен. Фактори како возраста, здравствената историја, индексот на телесна маса, присуство на хронични болести (како дијабетес или хипертензија)и особено начинот на исхрана влијаат на тоа колку суплиментација е потребна. Затоа, важно е пред почетокот на бременоста или во текот на планирање на истата да се направат крвни анализи и консултација со гинеколог.

Практични совети за бремените жени
Комбинирајте суплементација со здрава и балансирана исхрана.
Земете ги суплементите со оброк за подобра апсорпција и намалување на желудочни тегоби.
Следете ги препораките од лекарот, а не од интернет или пријателки.
Ако почувствувате несакани ефекти (на пример, мачнина, запек или алергиска реакција), веднаш информирајте го лекарот.

Заклучок
Веќе витаминската суплементација е потреба за многу бремени жени. Таа не ја заменува здравата исхрана, но е силна поддршка за успешно и здраво мајчинство. Со правилна грижа, информираност и медицински надзор, бременоста може да биде прекрасно и безбедно животно искуство.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>