Фармацевти
Контакт

<< Назад

Вежби за справување со психолошките тешкотии

октомври 1, 2020

|

д-р Слаѓана Анѓелкоска
психолог



Постојат голем број зборови  кои се користат за анксиозноста, како што се: тежина, загриженост, паника, нервоза, напнатост, чувство дека лицето  е под стрес. Сите тие  предизвикуваат општа состојба на непријатно чувство, кое е проследено со низа  телесни и психички симптоми што се јавуваат во ситуации кои поединецот ги доживува како загрозувачки или опасни. Непријатноста се јавува без разлика дали станува збор за вистинска или за замислена опасност. Анксиозноста е составен дел од животот и одвреме-навреме сите луѓе ја имаат.

Анксиозноста претставува нормална реакција на ситуација која лицето  ја доживува како заканувачка. Може да се доживее како мала непријатност, па до голема паника. Сите доживуваме анксиозност кога се наоѓаме во стресна ситуација,  на пр., кога одиме на некој важен состанок, кога одиме на преглед, кога ги чекаме резултатите од прегледот. Кога се наоѓаме во стресна ситуација најчесто сме окупирани со таа ситуација, што може да има влијание на нашето однесување.

Како да се препознае?

Анксиозноста се изразува со низа  телесни симптоми, како што се: забрзано чукање на срцето, замаглен вид, потење, тресење на рацете или телото, сушење на устата, тешкотии во дишењето, мачнина во желудникот, чувство на топлина, напнатост на мускулите, чувство дека не сме во состојба да се опуштиме, грутка во грлото.

Психичките симптоми кои се јавуваат при појава на анксиозноста се чувство на општа слабост,  намалена концентрација, страв од смрт, кај заболените се јавува стравот дека ќе изгубат контрола над сопственото однесување, чувство на силна  загриженост, чувство дека секој момент ќе се случи некој непријатен момент. Кога овие симптоми се јавуваат како одговор на некоја ситуација за која се грижи поединецот и ја очекува –  станува збор за очекувана анксиозност за која не би требало да се грижи. Но, кога некои од симптомите се постојани или се јавуваат во напад на паника или во некоја посебна ситуација од која лицето  не се плаши, тогаш се работи за анксиозно пореметување.

Појава на симптоми

За појавата на анксиозното пореметување влијаат различни фактори како што се: искуство во детството, стресни ситуации, индивидуална чувствителност, начин на соочување со стрес. Искуството од детството може да биде  поради изложеност на одделеност  од емоционално значајна личност, трауматско доживување и друго. Стресните случувања може да бидат предизвикани од загуба на емоционално значајна личност, прекин на емоционална врска, притисок на работно место, финансиски проблеми, сериозна телесна болест, големи промени во животот како што се: преселба, стапување во брак, раѓање дете. Надворешните стресни ситуации може да придонесат за појава на анксиозност, но сами по себе не се доволни за да го објаснат јавувањето на анксиозноста.

Во справувањето со анксиозноста е потребно  да се согледа индивидуалното чувство на личноста за верувањето кои се причините за појава на анксиозноста, доколку се тоа надворешни случувања кои не може да се променат, може да се промени начинот на толкување на тоа случување, да се направи план за решавање на негативните последици од тоа случување.

Кога еднаш ќе се појави анксиозноста, таа се одржува преку симптомите, мислите и чувствата кои меѓусебно ја зголемуваат анксиозноста, поради ваквата поврзаност можно е да се влијае на смалување на непријатноста, да се оттргне, да се намали  непријатното чувство на анксиозноста до прагот на толеранција. Поради тоа е важно на лицето кое има анксиозно пореметување да му се дадат насоки за намалување на анксиозноста.

Анксиозноста е природна реакција на опасност и симптомите на анксиозност се јавуваат секогаш  кога постои чувство на опасност, која може да биде објективна или субјективна. Без разлика дали ќе се појави вистинска опасност или не симптомите, секако, ќе се појават и тие  го подготвуваат телото за опасност.

Во состојба на анксиозност телото реагира како да е во опасност и се подготвува за реакција на борба или бегство, за што се потребни напнати мускули, а за што е потребно повеќе кислород и адреналин, за да се зголеми дотокот на кислород се забрзува дишењето. Забрзувањето на дишењето може да се доживее како потешкотии во доаѓање до воздух, градните мускули стануваат напнати, а тоа може да се доживее како болка во градите и градниот кош. Зголемено количество на кислород во крвта може да доведе до несвестица. Од друга страна, адреналинот доведува до забрзана работа на срцето, зголемена напнатост на мускулите, што може да доведе до главоболка, болка во вратот, чувство на обрач околу главата и треперење на мускулите. Со ефектот на адреналинот поврзани се сува уста, замаглен вид, тешкотии во голтањето, мачнина и потење.

Контрола

Без разлика на причините кои доведуваат до анксиозност, таа има свое место и во мозокот, бидејќи е психолошки и биолошки поврзано. Разбирањето на анксиозноста на мозочниот дел  се однесува на дисбаланс на различни невротрансмитери на некои регии во мозокот. Лековите кои се користат за лекување на анксиозноста делуваат на овој дисбаланс и биолошки ги намалуват симптомите на болеста.

Покрај медикаментозната терапија се применуваат одредени вежби со кои се намалува анксиозноста –  една од најефикасните методи е методот на дишење од стомак.

Симптомите поврзани со дишењето се најчести кај анксиозноста. Голем број на лица кои ги имаат симптомите на анксиозност поради неправилно дишење ги влошуваат симптомите. Присутно е чувството на недостиг на воздух, што се настојува да се надомести со длабоко вдишување. Луѓето кои забрзано дишат тоа го прават од градниот кош, а не го користат стомачното дишење, што доведува до болка во градниот кош. На лицата кои страдаат од анксиозност добро е да им се препорача дишење низ нос и стомак.

Кога лицето ќе забележи дека диши забрзано, а тоа се јавува најчесто поради стрес, потребно е да му се советува следново:

Целта на правилното дишење кај лицето со анксиозност е стравот да не го развие во паника, најважно е првин да се забележат симптомите на хиперветилација (забрзано дишење), а потоа да се примени техника за стомачно дишење.

Симптомите на анксиозност може да се контролираат и со помош на вежби за релаксација, автоген тренинг, контрола на симптомите со визуелизација,  како и со избегнување  фобичен страв, пренасочување на вниманието и со примена на ментални игри.

За детално читање на овој текст, погледнете на 26-27 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ОКТОМВРИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>